Wikipedia веќе подолго време е најпопуларната онлајн енциклопедија. Причина за ова има повеќе, од бројот на корисници, до бесплатноста и честите и навремени ажурирања. Секако не може да се занемари ниту соработката која Wikipedia ја има со Google.
Во замена на податоците кои ги споделува Google во својот пребарувач, Wikipedia добива подобар ранг. Секако една од причините за доброто рангирање се релевантните податоци на енциклопедијата. Во текот на годините Google и Wikipedia имаа одлична соработка, па Google не само што ги покажува податоците од Wikipedia повисоко, туку креира и цели куси извадоци како одговори на пребарувањата.
Сè ова Wikipedia го нудеше бесплатно. Сега енциклопедијата ја најави Wikimedia Enterprise премиум верзија која доаѓа со дополнителни алатки и сервиси кои овозможуваат полесно реобјавување на податоците од Wikimedia.
„Ова е првпат фондацијата да ги препознае комерцијалните корисници како корисници на нашиот сервис. Знаевме дека се тука, но никогаш не ги третиравме како наши клучни корисници“, вели Лејн Бекер за Wired.
Покрај зголемените финансии од бизнис верзијата на платформата во Wikipedia веруваат дека главен начин на финансирање и во иднина ќе бидат грантовите и донациите.