Uber, компанијата која го промени такси превозот, ќе се обиде истото да го направи и со автомобилската индустрија. Компанијата започна со тестирање на првиот автомобил без возач во Питсбург. „Тестовите во вистинскиот свет се од исклучителна важност за развој на автономните автомобили. Овие возила можат спасат милиони животи, и да го подобрат квалитетот на живот на луѓето низ целиот свет. Секоја година во автомобилски незгоди загинуваат 1,3 милиони луѓе, 94 отсто од овие несреќи се предизвикани од човечка грешка.“, вели Uber на својот блог.
Првиот автомобил излегува од Advanced Technologies Centre на Uber, лоциран во Питсбург. Засега системот за автоматизирано возење е во многу рана фаза, но од Uber се надеваат дека со секој ден поминат на улиците ќе добијат нови податоци кои ќе овозможат усовршување на автономните возила.
Со ова Uber е уште една компанија која тестира можности за креирање на автономни возила. Најдалеку во технологијата е Google кој подолго време ги тестира возилата. Надвор од техничките гиганти, свои автомобили тестираат речиси сите производители на автомобили од Hyundai до Ford, Аudi, BWM и Volvo.
Еден од проблемите со тестовите е недостатокот од различни возачи од кои автомобилите ќе „научат“ дел од навиките па ќе можат подобро да се снајдат во иднина. Поради ова Google започна иницијатива во која вработува луѓе кои ќе ги плати 40.000 долари годишно да не ги возат нивните автомобили. Сепак тие што ќе се одлучат на овој потег, ќе мора да реагираат доколку има проблем на патот.







