Во случај да секојдневно се справувате со најразлични мејлови, потребна ви е една апликација која ќе ви служи за функционална, појдовна точка. Доколку се одлучите тоа да биде Mailspring, шансите да бидете задоволни се исклучително големи. Нема ништо револуционерно во Mailspring, но се е онака како што имате навиканато во клиентите како Windows Mail или Thunderbird. Поради таквиот впечаток, Mailspring се чини како следниот еволутивен чекор – супер брза апликација со чист интерфејс и одлично дизајнирано место за вашата дојдовна пошта.
По вклучување на апликацијата, левата страна ќе ве израдува со можностите за скокање помеѓу фолдери, а средината е резервирана за вашите и-мејлови. Распределбата и стилот на елементите остава исклучително модерен впечаток, но доколку не сте носители на истото мислење и барате нешто поразлично, можете да одберете некоја друга тема, како и да одите со мрачен режим на прегледување.
Mailspring се испорачува како бесплатна, но и како комерцијална верзија. Со бесплатната, можете да вметнете до четири и-мејл акаунти не само од gmail, туку и од iCloud, GMX, Outlook, или Yandex. За пофалба е тоа што можете да се втурнете во целосно пребарување на сите ваши дојдовни сандачиња, на принцип кој е слично имплементиран како кај Google пребарувањето и со термини како [folder name], from: [email address], или before: [date]. Ваквите комбинации не морате да ги паметите затоа што Mailspring често ви ги сервира преку соодветно паѓачко мени, секојпат кога ќе кликнете во полето за пребарување.
За подобра евиденција, имате и област која се вика Activity. Тука, можете да надгледувате најзафатени периоди, како и перформанси за вашите и-мејлови, да читате што сте добиле или да следите најразлични линкови.
За жал, Mailspring не се испорачува со додатни алатки како таа за земање забелешки, или пак календар. Авторите не ја исклучуваат можноста дека таквото нешто ќе се додаде во иднина, заедно и со апликација за мобилните телефони.