The Precinct: полицајски маки во 80-те години од минатиот век

Развиена од студиото Fallen Tree Games и објавена од Kwalee, The Precinct е акционо-авантуристичка sandbox игра која има за цел да понуди длабинско искуство во полициската работа. Излезена на 13 мај 2025 година за PC, PlayStation 5 и Xbox Series X|S, играта играта ви дозволува да навлезете со патролното возило во Аверно Сити – метропола која е инспирирана од источниот брег на САД. Дејството се одвива во 1983 година, со впечатлива неон-ноар естетика, комбинирајќи, притоа, елементи на полициска симулација со динамиката на еден акционен sandbox каде вие сте законот.

Играте како полицаецот Ник Кордел Џуниор. Свежо дипломиран од полициската академија, Кордел се соочува со суровата реалност на Аверно Сити, град оптоварен со криминални банди и корупција. Неговата, а, со тоа, и вашата професионална должност е да ги заштитите граѓаните, трудејќи се и да ја откриете вистината зад убиството на вашиот татко. Оваа двојна мотивација ја придвижува приказната и активностите на играчот низ опасните улици на градот. Ниту приказната, ниту глумата не се лоши, допринесувајќи до впечатливо наративно искуство кое знае како да ве заинтригира и правилно мотивира за понатамошно разрешување на мисиите.

Гејмплејот во The Precinct се одликува со баланс помеѓу методична полициска работа и возбудлива акција, претставена од карактеристична перспектива одозгора. Уште на самиот почеток, ќе добиете задолженија поврзани со извршување патроли – пеш, во службени возила или со хеликоптер. Паралелно со ова, ќе одговарате и на широк спектар на кривични дела кои се создаваат на динамичен начин. Овие инциденти варираат од рутински прекршоци, како неправилно паркирање, до комплексни и опасни ситуации како вооружени грабежи, илегални улични трки и организирана трговија со дрога. The Precinct се одликува со импресивна тактичка флексибилност, овозможувајќи ви да пристапите кон секоја ситуација преку користење различни стратегии.

Надвор од стандардните, мирни патролирања, акционите секвенци стануваат централен дел од искуството, особено интензивните бркотници со возила низ урбаниот пејзаж. Бидете спремни вешто да маневрирате низ сообраќајот и тесните улички, внимавајќи и на делумно уништливата околина. Нормално, вие не сте осамен шерив и, доколку треба, имате на располагање и детален систем за повикување засилување, кој овозможува тактичко распоредување на дополнителни единици, поставување блокади на патишта и користење на други полициски ресурси за приведување на осомничените.

Бројните механики супериорно се имплементирани во преубаво дизајнираниот град. Аверно Сити е градот кој пулсира со активност, прикажувајќи ги постојаните тензии и борби за моќ помеѓу ривалските криминални фракции. Атмосферата од 1980-тите е доловена преку неонски светла, карактеристична архитектура и саундтрак кој е препознатлив за периодот. Динамичниот циклус ден/ноќ и променливите временски услови, како дожд и магла, дополнително ја збогатуваат визуелната презентација и влијаат на гејмплејот, создавајќи автентично и потопливо неон-ноар искуство. Во многу ситуации, ќе се чувствувате како да играте GTA алтернатива каде вие сте дел од добрите момци. Навистина, доколку ги имате играно првите две GTA игри, перспективата и делот со возењето ќе пробуди интересни спомени.

Земајќи сè предвид, The Precinct се обликува како ветувачка акционо-авантуристичка игра која нуди уникатна перспектива на полициската работа во живописен свет од 80-тите. Комбинацијата од детална симулација, тактичка слобода и динамично создадени злосторства, спакувана во стилска неон-ноар естетика и придружена со возбудливи бркотници и можност за повикување засилување, создава искуство кое е истовремено длабоко и возбудливо. Ако сте љубител на sandbox игри, полициски симулации или едноставно ве привлекува шармот на 80-тите и сте желни да се ставите во улогата на добрите момци во град полн со предизвици, The Precinct дефинитивно заслужува да се најде на вашата листа за играње.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Fallen Tree Games Ltd
  • Издава: Kwalee
  • Жанр: детективска акциона авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 13 мај 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments