Во ситуации на одредена растроеност, би можеле да одите од еден до друг и да си ги кажувате маките, надевајќи се дека некој ќе ве сослуша и ќе направи да се чувствувате подобро. Во ситуации кога сите ќе ве избегнуваат, би можеле да побарате утеха во сувопарните разговори со Woebot.
Woebot е апликација за Android и iOS оперативните системи, и е осмислена да ви помогне да се чувствувате подобро. Преку секојдневни лекции, приказни и кратки разговори со „роботот“, би требало да навлезете во поинтимно самоистражување и да црпите искуство од над 100 лекции, вежби и приказни кои се осмислени од клинички тим.
Wоеbot e резултат на неколку годишни клинички испитувања и е заснован на когнитивна бихевиорална терапија (Cognitive Behavioral Therapy, анг). Апликацијата е замислена да ви помогне во ситуации на депресија, анксиозност, тага, осаменост така што прикажува примери за однесување и приказни. Во првите 14 денови потребно е секојдневно пријавување за успешна калибрација на програмот. По таквото дневно пријавување, можете да го повикате роботот на разговор во кое било време. Што се однесува до самите разговори, се сведува на одговарање прашања така што се одбира некој од понудените одговори. Во одредени ситуации, ќе ви биде дозволено и вие да напишете нешто.
Wоеbot е интересна алатка, но е само водич кој би можел да ви помогне подобро да препознаете одредени работи за вас. Депресија, анксиозност, тага, и осаменост се комплексни човечки состојби кои не можат лесно да бидат разрешени со автоматизирани разговори со крајно ограничен алгоритам. Консултација со вистински лекар никако не треба да биде заменета со Woebot, затоа што ако вистинскиот лекар ве праша како се чувствувате и ако вие му кажете дека сте уморни, лекарот нема да ви каже дека му е мило што го слуша тоа. Дополнително, ако на лекарите им кажете дека имате проблеми со анксиозност, тие нема да кажат: Жал ми е што го слушам тоа. Да се чуеме утре. Чао! Во одредени моменти, Woebot го прави ова. А, тоа нам не ни личи како работи кои ранливите луѓе сакаат да ги чујат.