Најголемиот производител на процесори за паметни телефони Qualcomm оваа недела го одржува својот настан на кој новинарите и аналитичарите ќе се запознаат со идните планови на компанијата. Можеби очекувано главниот фокус е на технологија која сè уште не е достапна, 5G.
Компанијата ја претстави следната генерација на процесори за најмоќните паметни телефони, Snapdragon 855. Процесорот е првиот кој доаѓа со поддршка за мулти-гигабитна 5G мрежа. Процесорот ќе биде достапен во уредите кои излегуваат следната година, а покрај поддршка за 5G напредок е направен и за вештачката интелигенција. Snapdragon 855 има подобри перформанси кога вештачката интелигенција е во прашање. Со оглед на тоа дека специјализирањето на процесори за работа со вештачка интелигенција е на почеток, вакви скокови се очекувани. Важноста на вештачката интелигенција засега ја гледаме на неколку телефони, пред сè на Pixel и на iPhone. Компаниите ја користат за сè, од прилагодување на уредот за корисникот, до камерите.
Процесорот не беше единствена нова технологија претставена на првиот ден. Qualcomm претстави и нов ултрасоничен читач на отпечатоци на прсти. Новиот сензор може да функционира иако не е на површината на телефонот. 3Д соничниот сензор со испраќа бранови до прстот кој е поставен на екранот и ги добива отпечатоците назад откако бранот ќе се одбие од кожата. Со ова нема да има потреба од простор кој ќе биде определен за читачот на отпечатоци, наместо ова екранот ќе може да биде преку сензорот. Иако можеби најдобро место за сензорот за отпечатоци сепак е на задната страна на телефонот, на дофат на показалецот.
Qualcomm Snapdragon Tech Summit 2018 се одржува од 4 до 6 декември на Мауи, Хаваи.