Реклами помеѓу таканаречените „приказни“ на Snapchat ќе ѝ овозможи на aпликацијата да има постојан и стабилен прилив на финансии. Платформата за споделување на слики, видео и текст крeираше API кое ќе овозможи продажба на реклами помеѓу сториите преку партнери.
Snapchat и претходно имаше неколку супер идеи за монетизација на услугата, на пример, персонализираните геолокациски филтри или Snapchat-леќи. Сепак можноста за вметнување на реклами, кои се надеваме нема да бидат премногу здодевни, ќе им овозможи вистинска заработка. Според најавата рекламите ќе можат да бидат и прескокнати, а Snapchat вели дека бројот на реклами ќе биде ограничен.
Snapchat секој ден има над 150 милиони корисници, а сервисот има голема предност пред конкурентите кога рекламите се во прашање. За разлика од Facebook кој исти така нуди видео реклами, Snapchat е креиран токму за куси видеа, па рекламите се на целиот екран на телефонот и ќе бидат со вклучен звук. Ова се разбира не значи дека корисниците на Snapchat нема да ги скокаат рекламите доколку се премногу или прездодевни.
Заработката на Snapchat е од витално значење овој период, со оглед на тоа дека компанијата најавува дека наскоро ќе се појават на берза. Минатата година компанијата заработи 59 милиони долари, оваа година прогнозираат помеѓу 250 и 350 милиони, а до крајот на 2017, се надеваат на 1 милијарда долари, вели The Next Web.