Што знае интернетот за вас?

Со самото присуство на интернет, вашиот прелистувач знае исклучително многу работи, информации кои можат да бидат искористени за најразлични цели и од најразлични луѓе. За да добиете некаква претстава за тоа каков дигитален отпечаток оставате, едноставно посетете го сајтот MyBrowserInfo. На прво место ја гледате вашата уникатна IP адреса и земја на потекло, но кликнете на See Detailed Location and Browser Information и ќе добиете пристап и до податоци како која е вашата брзина на интернет, која верзија на Windows користите, која резолуција, какви колачиња и плагини се овозможени и многу повеќе. Ваквиот дигитален отпечаток е достапен за секој сајт и таквите информации се користат за, меѓу другото, подобра персонализација. Од тука, одредени сајтови точно знаат на кој јазик и со која валута да ги прикажат нивните содржини. Доколку го посетите сајтот Your Social Media Fingerprint и погледнете во какви сајтови сте моментно логирани, работите стануваат малку загрижувачки, а паранојата се заканува целосно да ве преземе кога ќе ја посетите релативно новата услуга на Google, My Activity tool дава целосен увид во работи кои сте ги пребарувале, посетувале или гледале преку некоја од бројните услуги на Google. Ова е моментот кога едноставно мора да се запрашате: Ако вие толку лесно дојдовте до планина од лични податоци, што е со одредени владини агенции или хакери?

Google вели дека пристапот до целата таква активност придонесува до побрзо, попаметно и покорисно искуство и, за подобар сон, ви дозволува да избришете одредени работи или теми, како и да наместите кои работи да бидат регистрирани од вашиот акаунт, но доколку го оставите нечепнато, а трето лице добие пристап, ќе се изненадите од тоа каква претстава се добива за вас, вашите навики и интереси и колку добар психолошки профил може да се изгради за понатамошни идни злоупотреби. My activity tool се чини како следната еволутивна форма на History, а тоа, како што знаете, е меч со две острици.

За да спречите вакво собирање податоци, отидете на myactivity.google.com и избришете сè што веќе се наоѓа на времепловот, а не сакате да го има тука (кликнете на трите точки до информацијата, а потоа на delete). Потоа, преку Activity controls (лоцирано на левата страна), дештиклирајте Include Chrome browsing history and activity from websites and apps that use Google services, па одете на Pause. За целосно исклучување на регистрирања на времепловот, деактивирајте го и копчето Web & App Activity.

На крајот од истата Activity Controls страна, се наоѓа опцијата Ads и доколку кликнете на неа можете да видите точно за какви работи ве таргетираат сервисите за рекламирање, односно кои се вашите интереси според Google. Дештиклирајте сè што не сакате да биде асоцирано со вас. Дештиклирање на Ads Personalization целосно ве изолира од кроењето реклами според вашите интереси.

Нормално, поседување на вакви лични информации е невозможно без одредени хакерски познавања, а во моментот кога ќе се најдат во рацете на хакерот потребно е дополнително ниво на знаење, трпеливост и храброст да се имплементира. Тоа, меѓутоа, не значи дека треба да им ја олесните работата и да не преземете одредени мерки од ваша страна.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] ве запознавме со тоа каков дигитален отпечаток оставате секој пак кога се конектирате на интернет и […]