На 29 август НБРСМ ги реализира најавените промени и со тоа се отвори можност за резиденти кои не се овластени банки да може да отвораат сметки во странство. Ова беше законска пречка која го спречуваше и отворањето на дел од популарните сервиси за исплата во Македонија.
Конечната одлука за “влез во државата” на популарните сервиси како Paypal, Skrill, Stripe и слично, односно за тоа дали ќе ги отворат нивните услуги за македонските државјанини, зависи од самите сервиси, но веќе не постои локална законска пречка за влез на PayPal или Skrill на пример. Една од причините за носење на оваа одлука е промоција и поддршка на електронската трговија и залагање за користење на предностите од финансиските технологии. Со ова се создаваат услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар.
Од Народната банка одговорија на неколку наши прашања, за тоа што може да очекува ИТ секторот од оваа либерализација:
Што точно овозможува неодамнешната “либерализација”/можност за отварање на сметки во странски банки која е воведена со промените во поглед на ИКТ индустријата и е-трговијата?
Со донесените измени на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство се овозможува граѓаните и компаниите да отвораат и да имаат сметки кај сите странски електронски сервиси за платежни трансакции што ќе ги овозможат своите услуги за резидентите од нашата земја. Тие ќе можат овие сметки да ги користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. Дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање за купeни производи и/или услуги или и за наплата на продадени производи и/или услуги), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени.
Со овие регулаторни измени се поттикнува можност нашите компании понатаму своите стоки и услуги да ги продаваат и на овој начин, што генерално ќе може да значи зголемена економска активност, зголемен извоз и зголемени девизни приливи коишто ќе ги остварува нашата економија.
Дали ова значи дека македонските граѓани можат сега слободно да отвараат сметки на виртуелни сервиси како Payoneer?
Да, согласно оваа одлука којашто стапува во сила на осмиот ден од нејзиното објавување во „Службен весник”, граѓаните можат слободно да отвораат сметки во електронски платежни сервиси како „Пајонер”, исклучиво за комерцијални цели, ако конкретниот сервис тоа го овозможува за резидентите на нашата земја.
Притоа, какви услуги за комерцијални цели ќе можат да користат граѓаните и под кои услови (дали само за купување или и за продавање), одредува самиот сервис.
Дали со ова конечно се направени сите законски усогласување за целосен влез на сервиси како PayPal или Skrill во Македонија?
Со измената којашто Советот на Народната банка ја донесе минатата недела се отстранети сите регулаторни пречки за отворање сметки кај овие сервиси кои ќе се користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. Но, како што веќе напоменавме, дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени.