Што, кога и како да го гледате овогодишниот Е3 настан

Претходниот ден пробавме да запливаме во водите на видовитите и да пробаме да погодиме за кои игри би можеле да чуеме на Е3. Овој пат, заземаме малку пореалистичен став и се ориентираме по распоредот на Е3, за да најдобро ве подготвиме за настанот и да ви објасниме, што, како и кога да гледате, под услов најблиските да ви дозволат. :)

EA Play ја започнува конференцијата на 9.јуни во 20:00 часот. Она што би можеле да очекувате на оваа конференција за новинари се бројни вести, трејлери и гејмплеј прикази за гигантите како Battlefield V, Anthem и FIFA 19. Покрај официјалните канали на ЕА, на YouTube, Twitch и Facebook, стримот ќе биде овозможен и на EA.com.

Microsoft ја презема топката во 22:00 часот и ќе ги импресионира гејмерите со игри кои ќе пробаат да ја засенат платформата на Sony и да го прикажат Xbox One X како ултимативната платформа, особено доколку сакате да ги играте Crackdown 3, следното огромно надополнување во Sea of Thieves, како и Age of Empires 4. Многумина држат среќа дека би можеле да чујат и за ексклузивните наслови како Forza Horizon 4, Gears of War 5 или, како што кажавме претходно, Halo 6. Некои дури очекуваат да се потврдат гласините и за работа на Fable 4. Покрај официјалните канали на YouTube и Twitch, стримот ќе биде овозможен и на Mixer.

Bethesda се спрема да нападне со полна пареа веќе од 03:30 часот, така да искрено се надеваме дека имате подготвено доволно Red Bull за настанот каде нашироко ќе се зборува за каква игра би можела да биде Fallout 76. Згора на тоа, дефинитивно ќе видиме и нешто за неодамна најавената Rage 2, како и, можеби, за Elder Scrolls 6. Искрено, некако почнавме да мислиме дека на овогодишниот Е3 на удар ќе биде Fallout 76, но знаете како викаат за надежта… Стримот ќе биде овозможен на Twitch и YouTube.

Square Enix ќе ве израдуваат со нивната конференција на 11.јуни, и тоа во 19:00 часот. Она што сите со нетрпение чекаат од овие издавачи се повеќе информации за Shadow of the Tomb Raider, како и, можеби Final Fantasy 7 и Kingdom Hearts 3. Претпоставуваме дека SE кријат во ракавот уште некоја игра, но не се осмелуваме да претпоставуваме од страв да не ја избаксузираме работата. Преносот ќе биде преку YouTube и Twitch.

Ubisoft ќе ги преземе големите екрани веднаш по SE, во 00:00 часот и ќе покаже што да очекуваме од тазе-најавената Assassin’s Creed Odyssey и долго, долго очекуваната Beyond Good and Evil 2. Помеѓу овие два наслови од епски размери се очекуваат и многу други вести, како, можеби, Division 2 или, пак, нова игра со Сем Фишер? Сево ова ќе биде достапно и преку нивните официјални канали на YouTube и Twitch.

Ако ова до сега беше тортата, она што следи од 12 до 14 јуни е црешата на врвот. PC Gaming Show е нешто на што морате да посветите исклучително внимание затоа што тука ќе се дознаат сите најнови вести и најави за бројни други игри од најразлични издавачи. Оваа година, темата е: „Видете ја иднината на PC гејмингот“, што значи можете да очекувате бројни најави на хардвер и софтвер, како и интересни дискусии од девелоперите. PC Gaming Show започнува на 12.јуни, точно во 00:00 часот, а можете да ја гледате на официјалниот twitch канал на PC Gamer. Во раните утрински часови, поточно во 03:00, од Sony можете да очекувате детални информации за четири ексклузивни наслови, како The Last of Us 2, Spider-Man, Ghost of Tsushima и Death Stranding. Nintendo напаѓа наредниот ден, од 18:00 часот, со вести за Super Smash Bros и, можеби, 2019 Pokemon RPG и Metroid Prime 4.

Сево ова е прошарано со бројни непознати и има повеќе од доволно простор за гејмерски изненадувања на кои апсолутно никој не се надева. Слушнавме и за гласини за најава за нова Bioshock игра, како и многу пооткачена Hitman 2. Во моментот кога почнете да размислувате во овој правец лесно можете да бидете преплавени со откачени идеи и размислувања како: што прави Valve и дали конечно би можеле да ја дочекаме најавата за Half-Life 3? Што ако биде во отворен свет? И со комплексни RPG механики? Леле, леле!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments