Македонски Телеком оваа недела најави дека започнува да обезбедува поддршка за Voice over Long-Term Evolution или накратко VoLTE. Истата услуга им е достапна и на корисниците на А1 Македонија. Станува збор за не премногу нова технологија која сепак конечно пристигна и за македонските корисници.
Воведувањето на технологијата од двата најголеми македонски мобилни оператори секако е одличен чекор, иако засега сè уште сме исчекување во проширувањето на листата на уреди кои ќе можат да користат VoLTE. Засега на двете мрежи VoLTE е достапна исклучиво за корисниците на најлуксузните модели на Samsung. Кај Македонски Телеком услугата е достапна на Samsung S9 и Samsung S9+. Кај А1 тоа се Samsung Galaxy S9 и S10. Со оглед на тоа дека за воспоставување на VoLTE повик потребно е да се исполнат повеќе услови, а еден од нив е телефоните на двата корисници да поддржуваат VoLTE, тешко е да се поверува дека на кус рок ќе има некој поголем број повици преку оваа услуга.
Добра вест е дека двата оператори, A1 Македонија и Телеком Македонија најавуваат интензивно додавање на нови уреди во периодот кој следи. Се надеваме дека за неколку месеци уредите кои имаа поддршка за VoLTE во најголем дел ќе можат да ја користат услугата.
Покрај уредите кои се основен предуслов, потребно е и двајцата корисници да бидат во реон покриен со VoLTE услуга. Овој услов веројатно ќе биде исполнет во најголем дел од урбаните центри.
Што е VoLTE?
VoLTE е стандард за брза безжична комуникација, генерално е корисна за паметни телефони, но и за сите слични уреди, од преносни компјутери до интернет на нештата. Она што го овозможува е проток на глас, како податок низ LTE мрежата. Со ова во некоја подалечна иднина ќе биде овозможено целосно отстранување на мрежата за стандардни телефонски разговори.
За ова е потребен уред (телефон) кој доаѓа со поддршка за стандардот и секако мрежата на телефонскиот оператор треба да го поддржува. Но ова не се единствените ограничувања. Двата корисници кои го прават повикот треба да бидат во реон кој е покриен со VoLTE, секако и телефоните на двата корисници треба да имаат соодветна поддршка.
Една од најголемите придобивки од ова е овозможување на HD аудио повици. Но ова не е единствената придобива самото поврзување ќе биде побрзо и со поголема и подобра на VoWiFi ќе се подобри и покриеноста и квалитетот. Дополнително со VoLTE може истовремено да се прават телефонски повици и да се користи дата сообраќај, што не е случај со стандардните повици.
Предност ќе има и кај видео повиците кои ќе можат да се прават директно преку телефонот, без апликација посредник, иако операторот треба да овозможи ваква услуга. Во моментов за секој видео повик е потреба апликација која е посредник.
Што се однесува до капацитетот на VoLTE, технологијата овозможува три пати поголем капацитет за пренос на звук во споредба со 3G и 6 пати поголем капацитет за пренос на звук и податоци во однос на 2G.
Едно од тврдењата е дека сигналите преку VoLTE подобро поминуваат низ згради и куќи со што и сигналот е подобар.
Почетоци на VoLTE во Македонија
Во декември 2014 А1 Македонија (тогаш Vip) за првпат најави воведување на услугата, и објави дека нивната мрежа поддржува VoLTE. Секако официјалната можност за користење на оваа функционалност дојде многу подоцна, иако тогаш со раното најавување на тестовите помисливме дека ќе биде многу побрзо.
„Со воведувањето на VoLTE корисниците ќе бидат во можност истовремено и паралелно да следат видео стриминг и да остварат разговор. Времето за воспоставување на повик ќе биде намалено на помалку од 2 секунди. Она што го покажавме е дека имаме мрежна инфраструктура која е подготвена за VoLTE. Ова значи дека во иднина, секој кој има паметен телефон кој поддржува VoLTE и соодветен тарфиен модел ќе може да ја користи супериорната LTE податочна мрежа и за гласовни услуги и во Македонија“, изјави Гунтер Отендорфер од Телеком Австрија во 2014.
Како да активирате VoLTE на вашиот уред
Со оглед дека засега уредите на кој е достапен VoLTE во Македонија се со Android оперативен систем ќе започнеме од тука. Вклучувањето на VoLTE не е воопшто сложено иако дури и во мрежи кои поддржуваат VoLTE нема да биде достапен на сите уреди.
Активирањето е слично за сите уреди, иако има разлика од производител до производител, но разликата не е толку голема да не може да се снајдете. За Samsung S серија e следнава постапка. Отворете „Settings“ и тука пронајдете „Connections“, па „Mobile networks“. На екранот за нагодувања на „Mobile network“ активирајте „VoLTE calls“.
На оперативниот систем на iPhone од Settings одете на Cellular > Cellular Data Options и тука може да активирате VoLTE.
Една од веројатно почудните пракси која е глобална е дека иако VoLTE е податочен сообраќај, операторите го бројат како минути разговор. Во просек со активиран VoLTE за 1 минута разговор се троши помеѓу 6 и 8 MB сообраќај.