Надополнето 23 јануари @ 17.29 ч:
Samsung конечно излезе со официјално соопштение за проблемите со екслозивноста на батеријата на Galaxy Note 7. Компанијата најави минатата недела дека на 23 јануари ќе го достави своето истражување и јавно ќе ги објави резултатите.
Најверојатно сите се сомневаа во батеријата, а резултатите покажаа дека се во право. Она што е изненадување е дека Samsung го смени производителот, и вратените уреди се палеа поради различна грешка. Првата батерија доаѓа со грешка во дизајнот во горниот десен агол, електродите се виткаа. Во дел од случаите ова ги предизвикуваше пробивање на преградите и куса врска по која што се палеше батеријата.
Втората батерија доаѓа со поинаков проблем. Поради проблем со заварувањето на батеријата недостасува изолација. Поради ова и новата батерија се палеше. Доколку го немаше овој дефект, Samsung верува дека Note 7 сè уште ќе се продаваше, пренесе Recode. Причината за грешка во втората батерија е брзањето и прекусите рокови. Производителот се обиде премногу да го забрза производството откако батериите се повлечени.
„Се надевам дека ова ќе послужи како можност да ја подобриме безбедноста на литиум-јонските батерии. Не само за Samsung туку за целата индустрија.“, вели ДЈ Кох, шеф на мобилната дивизија на Samsung.
Samsung заедно со три независни компании тестираше над 200.000 телефони и дополнителни 30.000 батерии. Samsung, UL, Exponent и ТUV Rhineland дојдоа до истите заклучоци.
Компанијата сепак нема да се откаже од Note серијата и најавуваат нов модел. Засега на ред е излегувањето на Galaxy S8 кој ќе биде достапен за неколку месеци.
Објавено 21 јануари @ 15.56 ч:
Батеријата е предизвикувач на проблемите кои ги имаше Samsung Galaxy Note 7. Ова го тврди извор од Samsung за Reuters, а официјално соопштение од компанијата треба да има на 23 јануари. Samsung Note 7 е можеби најдобриот телефон кој го произвела корејската компанија. Но, поради проблемите со запаливоста на батеријата, корисниците не можеа долго да уживаат во производот. Компанијата најпрво ги замени телефоните, но и овие заменски уреди продолжија да се палат и да експлодираат…
Samsung по ова ги повлече сите телефони и ги „пензионираше“ Note 7 телефоните. Поради инаетот на дел од корисниците компанијата мораше и да ги деактивира телефоните, за да мора да се вратат и заменат. Истовремено авио компаниите комплетно ги забранија телефоните и побараа од Samsung да има свој пункт на аеродромите, каде што корисниците можат да ги заменат телефоните. Причините за палењето на уредите беа непознати, а Samsung вети дека по истрагата ќе ги сподели резултатите.
Проблемите со батеријата ја чинеа компанијата 5.2 милијарди американски долари. Сепак вистинската штета е многу потешко да се процени. Дел од купувачите најверојатно ја изгубија довербата во телефоните, а еднаш изгубената доверба ќе биде тешко да се врати назад. Транспарентноста ќе биде чекор во вистинска насока, но за ова ќе треба да почекаме до следната недела за да шпекулациите бидат потврдени или негирани…