По неколку демо сесии и внимателно следење на развојот, чедото на CampFire Studio – Soulmask конечно излезе како дел од раниот пристап на Steam. Уште во првите две недели, играта стана етикетирана како забавен хибрив помеѓу Ark и Palworld, но не од визуелна, туку од функционална гледна точка. Како survival игра со комплексни RPG механики, стратешко планирање, и градење, Soulmask ви дозволува значително да го смените огромниот, отворен свет.
Нема-што-нема
Иако сте грубо втурнати во Soulmask, набргу ќе сфатите дека ви се отвора огромен свет полн со потенцијал и можности да правите, па, сѐ што ќе ви посака срцето.
Можете да истражувате, да собирате ресурси, да создавате опрема или да градите структури. Дополнително, можете и да дозволите мирно да ви се приклучат членови на вашето племе или пак присилно да ги натерате да ви служат. Имено, до над 300 уникатни таленти, можете да ја “синхронизирате“ вашата свест со таа на некој друг и да ги „позајмите“ нивните уникатни таленти.
Доколку сакате, можете и да ги поседнете и преземете нивните тела, со што ви се отвараат уникатните механики поврзани со тој лик. Можете да одгледувате најразлични култури или пак животни кои подоцна ги јавате и користите за поразлично движење низ светот.
Во ситуации кога не градите и не се грижите за членовите од вашето племе (чии активности можат да бидат целосно автоматизирани), имате на располагање огромен и комплексен систем за борење и надградби. Со нудење осум различни стилови на оружја и над 75 различни борбени вештини за поефикасна поддршка, Soulmask ви дозволува да го создадете билдот од вашите сништа и да ја го покорите светот на начин кој вам ви највеќе одговара.

Магијата на маските
Сржтта во Soulmaks лежи во маските кои ги наоѓате. Секоја од ретките, но крајно моќни маски припаѓала на талентирани херои од минатото.
Со тоа што ќе пронајдете одредена маска, ќе можете да се трансформирате во херојот и да ги користите нивните уникатни способности, како бесмртност, мајсторско прикадување, или пак брзо и ефикасно елименирање на огромна толпа непријатели.
На располагање имате десет вакви маски, но нивното пронаоѓање воопшто не е лесно и паралелно со нивното барање, вашиот фокус мора да е насочен кон други активности…

Модернизирани предности
Иако Soulmask позајмува многу работи од останатите survival игри, не игра целосно по нивните правила и воведува неколку квалитетни промени кои го прават целото искуство позабавно. Па така, можете да собирате значително повеќе ресурси и не ви се констатно наметнува потребата од создавање ковчези, складирање, и скокање од еден до друг ковчек секојпат кога ќе ви притреба одредено нешто.
Паралелно со ова, многу лесно можете да префрлувате одредени алатки и структури од едно на друго место. Благодарение на ова, не сте баш црврсто врзани за одредено место и доколку забележите дека нешто не функционира како што треба, можете да лесно и брзо да направите релокација.
Често се случува ваквите игри да се лошо оптимизирани, но Soulmask може да се игра и на значително послаби компјутерски конфигурации, а сепак да изгледа убаво.

Стратешко RPG планирање
Покрај сите работи што ги споменавме во горните редови, она што најмногу ни се допаѓа во Soulmask се стратешките слоеви кои се провлекуваат низ одредени RPG механики. Имено, на располагање имате огромно и комплексно дрво со заклучени способности, рецепти и моќи.
Нивното отклучување е етапно и бара одредена посвете кон одредени работи за да можете да го отклучите тоа што го сакате. На овој начин, точно ви се сервираат сите можности, но на вас се остава изборот на што да се посветите и кон која цел да работите.
Доколку барате комплексни survival игри во кои нема што не можете да правите и целосно да се изгубите во часови и часови забавни активности, тогаш Soulmask e игра за која топло препорачуваме да ја проверите. Шансите се дека нема да бидете разочарани, особено доколку сте фанови на Ark и Palworld.

Повеќе детали за играта
- Произведува: CampFire Studio
- Издава: Qooland Games
- Жанр: survival sandbox
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 31 мај 2024







