Нова недела, нови предлози за игри на кои би можеле да им пружите шанса. Oдбравме стратегија од Warhammer универзумот, едноставна FPS акција и симулација која ќе ги тестира вашите способности како психијатар.
Warhammer 40,000: Chaos Gate – Daemonhunters излезе и на PS5!
Warhammer ентузијастите можат да го проверат чедото на Complex Games и на конзолата на Sony.
Директно од вашиот контролер, ќе можете да го водите најголемото оружје на човечката раса – сивите витези! Како стратегија која ги заснова механиките на запазување редови, ќе навлезете во импресивни меѓу-секвенци преку кои се испреплетува впечатлива приказна, ќе истражите бројни заканувачки светови и ќе се соочите со најразлични предизвикувачки непријатели.
Од клучна важност е имплементирање паметни стратегии
Доколку ја имате играно PC верзијата, тогаш точно знаете што да очекувате од PS5 портот. Играта е одлично оптимизирана и ни се допадна начинот на кој се користи контролерот; во ниеден момент не почувствуваме фрустрација и мислење дека Daemonhunters подобро би се играла со тастатура и глувче.

Како и да е, Warhammer 40,000: Chaos Gate – Daemonhunters е многу повеќе од акциона стратегија во која позиционирате уникатни единици и користите бројни офанзивни и дефанзивни способности. Покрај ова, можете да градите и надградувате значајни места, да истражувате и да откривате бројни мистерии, како и да донесувате критични избори кои значително влијаат на крајните резултати.

Покрај интригантната приказна и релативно солидната глума, за пофалба се и бројните локации како и дизајнот на (не)пријателските единици. Иако анимациите се крути и нереални, останатите аспекти се погрижија да не се премногу крши имерзивноста.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Complex Games
- Издава: Frontier Foundry
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 20 февруари 2024
A Thug’s Ascension е акциона игра која ветува многу, но испорачува малку
Сосема случајно налетавме и на акциона игра која ветува длабока и емоционална мрачна приказна, како и тензични пресметки во четиричасовна кампања.
Добра идеја, лоша изведба
Од горниот опис, нашиот впечаток беше дека само делот со четиричасовна кампања е до некаде точен. Мрачната приказна е исполнета со веќе-видени и лесно предвидливи ситуации, а емоционалниот дел никако да дојде, со оглед на детскиот блоковски дизајн и на околината и на ликовите, како и поради аматерското позиционирање на камерата за време на меѓу-секвенците.

Вештачка интелигенција како и да не постои. Непријателите или ќе стојат и пукаат или ќе се движат во предвидливи правци на движење. Паралелно со ова, не помага ни генеричната музичка подлога и минималните звучни ефекти. Тука и таму, ќе мора да истражувате и да решите одредени „загатки“, како наоѓање и активирање одредени работи за да може да се отклучи понатамошното напредување. Thug’s Ascension знае да биде забавна, но само доколку и пријдете со значителнонамалени очекувања.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Moonwalk Games
- Издава: Moonwalk Games
- Жанр: FPS
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 19 јануари 2024
Psychiatrist Simulator 2 ќе ги покаже најлошите и најдобрите страни на тоа што значи да се биде психотерапевт
Eathrabaria е инди студио кое со години експериментира во жанрот со симулации. Во 2018 година исфрлија два симулатори. Еден од нив беше замислен да ви ја покаже вистинската форма на ноќните мори, а другиот да ве стави во чевлите на психотерапевт и да ви пружи можност ем да добиете подобар увид во оваа професија ем да пробате да помогнете на 14-те дигитални пациенти.

Иако Psychiatrist Simulator не доживеа некаков критички успех (играта има само 22 рецензии на Steam од кои само 45% се позитивни), студиото сепак гледа потенцијал во тематиката. Од неодамна заинтересираните можат да ја проверат Psychiatrist Simulator 2.
Како што можевте да забележите од трејлерот, овојпат се работи за снимки од вистински ликови кои реагираат на она што вие ќе изберете да кажете. Иако ни се допадна ваквата изведба, сепак сметаме дека глумата на одредени „пациенти“ е од исклучително сомнителен квалитет (или се трудат многу и покажуваат невообичаени изрази на лице, или пак се исклучително пасивни во изразувањето).

За да биде ситуацијата полоша, изборите во дијалогот што ги донесувате се читаат од монотон, роботски глас кој се чини опериран од какви било емоции. Згора на ова, „играта“ нема некаков природен тек туку се скока од еден на друг пациент. Поради сево ова, имерзивноста страда, а со тоа и севкупниот квалитет на насловот.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Eathrabaria
- Издава: Eathrabaria
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 31 декември 2023