Полека почнува да се чувствува новогодишната магија во воздухот. Доколку украсивте елка и наместивте сијалички, единственото нешто што ви останува е да си направите топол пијалак и да поминете квалитетно време со игра. За таа цел, одбравме шест помали, но, со малку среќа, доволно интересни игри за квалитетно исполнување на слободното време.
Stealth Blade – Адреналински платформер со уникатен графички стил
Како штотуку излезена игра, Stealth Blade e мал, но забавен hack and slash платформер во кој паметно се користат 2D дизајнирани мапи за да се понуди вртоглава акција од скокање, избегнување замки, фрлање шурикени и инстантно, но задоволително елиминирање непријатели.

Во вашата неуморна потрага по синот, ќе биде потребно да прескокнувате замки и провалии, да ја користите катаната за инстантна елиминација, да користите привремени способности или пак да ги надградувате постоечките.
Се работи за игра со едноставни механики кои потсетуваат на игрите кои може да се најдат на паметните направи. Ова никако не значи дека Stealth Blade не е забавна, напротив, анимациите се одлични, а предизвиците доволно интересни, особено за гејминг сесии во мали дози.




Повеќе детали за играта
- Произведува: lc85
- Издава: 66games
- Жанр: 2D Platformer, Hack and Slash, Martial Arts
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 19 декември 2023
Buried Alive: Breathless Rescue – Живи закопани под планина од загатки
Buried Alive: Breathless Rescue успеја да привлече внимание со релативно солидната глума и невообичаената, ретко експлоатирана тема. Наоѓајќи се живи закопани, вашата мисија ќе биде да пробате да излезете од ковчегот пред да се задушите.
Пропратени со чувство на безпомошност и во константна трка со времето, принудени сте да мислите на лице место, да решавате бројни комплексни загатки и да пробате да ги откриете мрачните тајни кои ве опкружуваат.
Buried Alive: Breathless Rescue нема да освои награди со крутите анимации и неисполираните гејмплеј механики, но знае да понуди некој час забава на сите оние кои се фанови на хорор игри со прикрадување и решавање загатки.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Geekon
- Издава: Midnight Games
- Жанр: хорор, мрачна авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 12 декември 2023
Rough Justice: ’84 – Слепата правда на осумдесетите години од минатиот век
Во Rough Justice: ’84 ќе управувате со агенција за обезбедување. 1980-тите се значително поразлични и она што се бара од вас е да внимавате кого ќе одберете да биде дел од вашиот тим и кого ќе испраќате за да се справи со одредени проблематични ситуации.
Rough Justice: ’84 e невообичаена TM игра со комплексни примеси за истражување, правилно советување на вашите агенти, користење соодветна опрема, но и тестирање на нивните вештини. На располагање имате бројни договори. Од вашата правилна организација на агентите ќе зависи успехот на секоја од понудените мисии.
Rough Justice: ’84 е една од ретките игри кои ви покажуваат колку е важно да се има вистински тим за одредена мисија. Поради тоа, ќе морате и редовно да ги надградувате нивните уникатни способности. За пофалба се и бројните загатки и мини игри кои се осмислени во духот на осумдесетите. Доколку носталгично се присетувате на детективските филмови од тоа време, Rough Justice: ’84 е одличен наслов за негување на таа носталгија.




STUFFED – Симпатична алтернатива на CoD Zombies модот
Играте со мече кое има за задача да штити малечко девојче додека спие. Во моментот кога ноќта ќе падне, бројните играчки стануваат опседнати од злото и сакаат по било која цена да ги срушат портите на собата на девојчето. На вас и на вашите тројца пријатели е да не дозволите да се случи тоа. На мапите, кои се создаваат користејќи елементи и параметри по случаен избор, ќе биде потребно да отклучувате соби, да купувате оружја, како и да отклучувате уникатни способности.
STUFFED е дел од раниот пристап на Steam. За краткото време успеја да собере 82% позитивни рецензии. Авторите Waving Bear Studio работат на играта уште од 2018 година, а планираат да работат на неа во наредните шест до дванаесет месеци. Планираат проширување на арсеналот од оружја, скинови, способности и гејмплеј механики.
Моментно, на располагање имате 13 уникатни оружја, 9 различни непријатели и солидни опции за козметичко прилагодување.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Waving Bear Studio
- Издава: TheGamePublisher.com
- Жанр: Co-op, pve, shooter
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 9 декември 2023
Soldier Yōki – Огромен потенцијал, но слаба изведба
Soldier Yōki е акциона авантура за соло или ко-оп пресметки со уште тројца други играчи. Како бранител или напаѓач, вашата цел е да преживеете на мапите и да ги остварите зацртаните цели!
Нема да лажеме, најдобро би било Soldier Yōki да е во раниот пристап на Steam и допрва да се работи на играта. Многу работи не ни се логични, особено контролите, дизајнот на мапите, лошата оптимизација на графичкиот енџин, како и навидум непостоечката вештачка интелигенција.
Иако играта излезе релативно брзо, Dev Fun Games исфрлаат поситни закрпи и работат на подобра оптимизација, но факт е дека се работи за продукт на кој треба многу повеќе работа и повеќе механики од она што моментно се нуди.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Dev Fun Games
- Издава: Dev Fun Games
- Жанр: Акција, авантура, шутер
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 7 декември 2023
Gray Dawn – Излезе демото за овој постар психолошки трилер
Се работи за постара авантура која моравме да ја споменеме поради уникатниот графички стил. Развојното студио, Interactive Stone нуди вознемирувачка приказна во која играте како свештеник кој слуша гласови, гледа работи кои не се тука, па дури и навлегува во длабоко вознемирувачки трансови.
На располагање имате бројни преубави места, интересна приказна која храбро разработува религиозни теми и два уникатни завршетоци. Помеѓу сево ова, ќе наидете на бројни, предизвикувачки загатки. За жал, глумата нема да освои награди, а и не ни се допадна тоа што тежината на загатките е вештачко зголемена со тоа што нема никаков hint систем.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Interactive Stone
- Издава: Interactive Stone
- Жанр: Хорор, авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 7 јуни 2018
Тоа беа игрите кои ги одбравме за вас! Доколку и вие сакате да ни препорачате некоја, одделот за коментари спремно чека на вас, кажете ни што да играме! :)