Од 4 јануари колачињата за следење на Google Chrome ќе бидат исклучени. Со ова по неколку одлагања официјално започнува „Privacy Sandbox“ проектот на Google.
„На 4 јануари, ќе започнеме со тестирање на „Tracking Protection“, нова функција која го ограничува следењето помеѓу страниците со стандардно ограничување на пристапот до веб-локациите до колачиња од трета страна. Ќе започнеме со 1% од корисниците на Chrome на глобално ниво, што е клучeн момент во нашата иницијатива за Privacy Sandbox за постепено укинување на колачињата од трети страни за сите, во втората половина на 2024 година, под услов да се решат сите преостанати проблеми со британската Агенција за конкуренција и пазар“, пишува Google на својот блог.
Google Chrome е најпопуларен прелистувач во светот. Има над 3,22 милијарди корисници, а оваа бројка и натаму расте. Креиран е во 2008 година како алтернатива на постоечките прелистувачи, за на корисниците да им понуди брз и безбеден прелистувач. Поради популарноста на прелистувачот секоја промена која ќе ја направат ќе има влијание на корисниците, но и на самиот Интернет.
Проектот започнува со тест фаза во која ќе учествуваат 1 отсто од корисниците на Google Chrome. Првите учесници се одбрани по случаен избор. Овие 30 милиони корисници ќе добијат известување преку поп-ап (pop-up) прозорец дека се дел од првата група на корисници за кои е активиран „Tracking Protection“.

Како функционираа колачињата досега
Речиси откако започнаа да се користат интернет колачињата за следење целата функционалност е речиси идентична. Ова им овозможува на компаниите да знаат кога сте гледале некои патики или нова графичка картичка, па сега ги гледате на секоја реклама и на секоја страница.
Интернет колачиња (cookies) се кратки делови текст кои се зачувуваат на компјутерот кога посетуваме некоја страница. Со самото отворање на страницата серверот испраќа колаче до прелистувачот. „Колачето“ содржи податоци за идентификација, начин на следење и податоци за нагодувањата на корисникот. Прелистувачот го зачувува овој фајл на компјутерот, паметниот телефон, или некој друг уред кој се користи за посета на страницата. При повторна посета на страницата прелистувачот ги испраќа податоците од колачето до серверот. Информациите што ги содржи интернет колачето можат да бидат искористени за персонализација на искуството на посетителите на веб-сајтот, но и за анализа на нивната активност. Ова им овозможува на веб-сајтовите да ви понудат специјализирана содржина, реклами, или да анализираат како корисниците го користат сајтот.
Понекогаш колачињата не само што се користат од самиот сајт кој го посетуваме, туку се користат и од трети страни, како рекламни мрежи или сервиси за аналитика. Ова резултира со следење на нашата активност на повеќе различни веб-сајтови. Некои од исклучително интрузивните колачиња им овозможуваат на партнерите на сајтот да знаат сѐ што правиме онлајн. Ова е супер за рекламирање и за компаниите, но е ужасно за сите кои се грижат за својата приватност.

Промени во следењето на корисниците – групи наместо колачиња
Наместо колачиња Google од 4 јануари ќе започне да имплементира нови начини за следење на корисниците кои го користат Google Chrome. Ова за жал не значи дека Google наеднаш ќе престане да нѐ следи во целост. Наместо ова, само е променет начинот на следење.
Сите податоци сега се чуваат на уредот на корисникот. Во зависност од овие податоци прелистувачот ќе може да ги смести корисниците во различни групи, на пример „обожаватели на Тејлор Свифт“, „обожавател на спорт“, или „помлад конзервативец“. Ова ќе бидат единствените податоци кои ќе го напуштаат прелистувачот на корисникот.
Добра вест е дека податоците кои ќе се користат за прикажување реклами не може да го идентификуваат корисникот. Лоша вест е дека Google и понатаму ги следи корисниците и сега се единствени кои може на некаков начин да ги користат овие податоци.
Корисниците кај кои ќе биде активна „Tracking Protection“ функционалноста ќе може да забележат нова икона (око) во url полето. Во истото поле корисниците ќе може да одберат да ја деактивираат забраната за колачиња.
Речиси извесни проблеми
Google веројатно е свесен дека промената нема да биде без проблеми. Постојат веб-страници за чие функционирање се неопходни колачиња. Поради ова, додадено е автоматско детектирање ако корисникот повеќепати „освежува“ (refresh) некоја страница. Штом Chrome го забележи ова, ќе испрати предлог за привремено исклучување на забраната за колачиња од трети страни.

Што ќе значи ова за луѓето и фриленсерите кои одржуваат сајтови ќе дознаеме наскоро.







