Renown: Брутална борба за слава во средновековниот свет

во гејминг

Renown e амбициозен проект кој се обидува да ги спои најпопуларните механики поврзани со multiplayer survival и средновековната борба која се заснова на вештини. Сместена во огромен и суров отворен свет, играта ве предизвикува ем да преживувате во дивината, ем да доминирате над своите ривали преку градење, освојување и водење немилосрдни битки. Наместо да се потпира на фантастични елементи, Renown нуди приземјено и реалистично искуство каде што единствените правила се оние што ги наметнуваат посилните.

Во Renown, вашиот ден започнува со задоволување на основните потреби за опстанок – лов на диви животни, собирање дрва и камења, како и изработка на првите алатки и оружја. Меѓутоа, оваа почетна фаза брзо еволуира во многу покомплексен систем на градење. Од скромни дрвени колиби до импозантни камени тврдини, можностите за изградба се широки и директно влијаат на вашата способност за одбрана и контрола на територијата.

Покрај комплексна градба, Renown се одликува со ригорозен борбен систем. Системот е целосно ориентиран кон вештината со која располагате. Заборавете на среќа; успехот директно зависи од прецизноста на ударите, навременото блокирање и вештото маневрирање. Секој замав со оружјето има своја тежина и последици, а секој погрешен чекор ве вовлекува во скоро сигурна смрт. За максимално освојување на непријателски тврдини, можете да користите и опсадни машини, како катапулти и требушети. Со вистински тим, алаткиве ќе ги претвораат битките за тврдини во епски и хаотични судири каде што стратегијата и тимската работа се клучни за победа.

Од визуелна гледна точка, Renown се стреми кон мрачен и реалистичен приказ на средновековниот свет. Графичкиот стил не се обидува да импресионира со живописни бои, туку со создавање на автентична и сурова атмосфера. Моделите на оклопите и оружјата се детални, а околината, иако на моменти може да изгледа еднолично, успешно го доловува чувството на празнина и опасност. Можностите за персонализација на ликот, од изгледот на оклопот до амблемите на кланот, дополнително ви дозволува да создадете уникатен визуелен идентитет на бојното поле.

И покрај својата амбициозна визија, Renown не е без своите мани. Еден од најчесто критикуваните аспекти е корисничкиот интерфејс, кој за многумина е неинтуитивен и комплициран, особено за новите играчи кои се обидуваат да се снајдат во комплексните системи на изработка и градење. Дополнително, анимациите на нападите, иако дизајнирани да бидат реалистични, честопати се чувствуваат премногу бавни и тромави. Ова може да доведе до фрустрација во борба, каде што не се баш чувствувате како да имате целосна контрола врз вашиот лик, што знае да биде сериозен проблем за игра која толку многу се потпира на прецизна и брза борба. Овие проблеми, во комбинација со слабата оптимизација, создаваат искуство кое може да биде напорно и да одбие дел од вас, барем до некои идни надополнувања кои ќе помогнат да се искоренат ваквите проблеми.

Доколку сте ветеран на игри за преживување како Rust или Conan Exiles и истовремено уживате во комплексни борбени системи како оние во Mordhau или Chivalry, тогаш Renown има потенцијал да ви понуди стотици часови на забава, отворајќи свет каде што нема милост и каде што секој напредок е тешко стекнат, а социјалната динамика и војувањето помеѓу кланови создаваат уникатни и незаборавни приказни. Меѓутоа, ако сте играч кој бара технички беспрекорно искуство, или ако немате трпение за стрмна крива на учење и немилосрдна PvP средина, тогаш ова е игра со која нема да бидете најдобри другари.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments