Xbox Series S/X рецензија: Elex II е достоен продолжеток на првата игра

Серијалите Gothic и Risen со децении уживаат ценет статус помеѓу најзагрижените RPG ентузијасти. Со овие игри, амбициозниот тим Pirahna Bytes успеа да се избори за своето место под сонцето и да биде препознаен по нивната огромна посвета на детали во впечатлив свет. Со Elex, тимот почна да ја спојува магијата со технологијата и таквата фузија допринесе до свеж и интересен продукт. Четири години подоцна нѝ пристигнува Elex II, но дали е сè што беше оригиналната игра?

Втората игра од Elex серијалот се надоврзува неколку години по поразот на Хајбрид. За жал, Џакс не може туку-така да се опушти и да ужива во победата и неговиот изолиран живот е групо прекинат откако едвај ќе преживее напад од нова закана. Мрачниот иликс сега има нови господари кои напаѓаат од небото и се закануваат на целосно уништување на планетата. Ваша задача ќе биде да пробате да ги обедините фракциите и со заеднички сили да ставите крај на напаѓачите.

Уште во првиот час од играњето, заклучувате дека таквото нешто нема да биде воопшто лесно. Сите фракции се водат по нивни верувања и нема да можете така лесно да им го привлечете вниманието, камоли да ги искористите за организиран воен напад. Како Џакс, потребно е интимно да се запознаете со верувањата и филозофиите на секоја фракција. Во Elex II изборот е сè , а она што ќе го кажете или направите може да има запрепастувачки последици. Некои резултати од последиците ќе бидат јасни веднаш, но некои последици ќе ги искусите значително подоцна, откако вашите патишта повторно ќе бидат испреплетени. Ова дава исклучителна свежина на играта и одлична преигрувачка вредност, особено во вториот дел од кампањата, каде одредени избори веќе сте направиле и морате да се носите со нив.

Слично на претходните игри на Pirahna Bytes, особено на Risen игрите, светот е огромен и целосно отворен. Ако видите нешто, можете и да отидете таму. Но, на почетокот, таквото истражување се обесхрабрува, првин од значително помоќните непријатели кои господарат во одредени области. Второ, иако на самиот почеток добивате џетпак, вертикалното истражување со него е отежнато бидејќи неговите капацитети допрва треба да се отклучат преку најразлични и скапи надградби.

Кога сме кај надградбите, во Elex II се крие комплексен систем од надградби кои се директно врзани со вашите ресурси и начин на играње. Покрај џетпак-от можете да отклучувате најразлични способности, да надградувате бројна опрема и оружја и да станете, полека, но сигурно, несопирлива сила. Во таквата мисија, ќе ви помогнат бројните разновидни квестови. NPC ликовите на кои наидувате имаат целосна гласовна поддршка и неодолива потреба од ваша помош. Квестовите се одлично дизајнирани и покрај одредени fetch механики, апсолутно уживавме да го истражуваме деталниот, шаренолик свет, да се справуваме со најразлични непријатели и да внимаваме како реагираме при разговори.

Во првите неколку часа, Elex II делува како брутално тешка игра со комплицирани RPG системи, но тоа е само затоа што, во сржта, ова не е акциона RPG игра каде вие сте ултимативното и несопирливо оружје. Не, Elex II е игра која има спор старт и бара огромна трпеливост. Не сте несопирливи и не сте дел од епска фантазија каде не ви се знае крајот. Мора да внимавате каде се движите и од кого правите непријатели. Мора да ги анализирате оружјата и да бирате на што ќе ги трошите вашите ресурси. И, најважно од сè , мора да разберете дека, како и во вистинскиот живот, разговорите и постапките кои ги донесувате знаат да заземат непредвидлива насока, а последиците да се огромни.

Битките не се нешто посебно, особено кога ќе се спореди со останатите модерни RPG игри. Заснован на hack and slash борбениот систем, Elex II, намерно или ненамерно, „влече огромна инспирација“ од борбените системи кои беа карактеристични пред дваесетина години. Како резултат, битките се доволно функционални, но не доволно уникатни за да се премногу разликуваат од оригиналната игра, или пак да се истакнат од останатите модерни наслови. Иако бројот на анимациите е зголемен, а фидбекот од ударите – проширен, битките сепак оставаат многу работи да се посакуваат. Но, фановите на првата игра ќе се чувствуваат како да се дома со вторава, како со битките, така и со се останато.

Elex II првенствено ја тестиравме на Xbox Series S, но при крајот на пишувањето на рецензијата, успеавме да ја провериме и на Xbox Series X. Иако искуството е значително пофлуидно на X конзолата, сакаме веднаш да истакнеме дека, доколку сте задоволни со 30 FPS, нема да имате значајни проблеми на послабата конзола на Microsoft. Series S е способна да го носи насловот и да понуди исполнително визуелно искуство, што за игра од ваков калибар, е апсолутно задолжително.

Кога ќе се земе се во предвид, Elex II е солидна RPG игра и достоен продолжеток на првата, иако, фановите можеби би инсистирале дека двојката повеќе остава впечаток на експанзија отколку на засебна игра – тврдење со кое ние дефинитивно не се сложуваме. Да, во поглед на механиките, Elex II не се премногу разликува од Elex, но одбиваме да веруваме дека повеќе од едно исто нешто е лоша работа, особено со овој серијал.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments