Платени за гледање видеа: Motika.io е првата македонска апликација за кратки видеа со блокчејн

во Интервјуа, ИТ.МК

Постојат повеќе од две децении, опстојувајќи на пазарот без политички спонзори и без поддршка од големите глобални платформи. Неодамна Мотика ја започнува својата најнова битка против гиганти како Instagram и TikTok. Нивната визија е да го промени начинот на кој ги користиме социјалните мрежи.

Давор Илиев еден од креаторите на Motika.io, ни откри како „Мотика“ ќе копа криптовалути, ќе им плаќа на корисниците за нивното време и ќе се бори против лажните вести со помош на блокчејн.

Дали можете да ни кажете нешто за вашето искуство и што ве инспирираше да ја започнете приказната со Motika.io?

Значи приказната започнува вака: Си беше еднаш во Македонија, една Мотика којашто почна да копа крипто валути.

Мотика е независен и аполитички медиум кој постои 19 години. Да опстоиш на ваков пазар толку години, без да те спонзорира владата на едната или другата партија, не е лесна работа. Втор голем предизвик е немањето интерес на големите платформи за нашиот пазар, односно хендикепот да не можеме да ги монетаризираме нашите содржини преку системи како Google AdSense.

Токму тука лежи и нашата предност, целиот тој трнлив пат, целото тоа искуство нè направи посилни, спремни и самоуверени да тргнеме со еден ваков огромен чекор, на светскиот пазар, против играчи како Инстаграм и ТикТок.

Наша гордост и должност е целата приказна да започне од Македонија. Тоа е главната причина зошто го задржавме името Мотика. Странците нека истражуваат што значи името и целата приказна ќе им добие смисла кога ќе сфатат дека со Мотика се копаат крипто валути.

Имате повеќе од 15 години искуство во програмирање и онлајн рекламирање; Како тоа влијаеше врз градењето на оваа нова платформа?

Јас сум човек кој со раширени раце ја прифаќа секоја нова технологија. Така кога пред повеќе од 5 години се запознав со Блокчејн технологијата, видов огромен потенцијал, решение за сите наши маки и проблеми, како и правец по кој сакале-нејќеле сите ќе мора да тргнеме. Способноста брзо да реагираш и да се прилагодуваш во динамичниот ИТ свет е клучна за успехот во новите времиња. Резултатот на ваквиот мајндсет кој го делам со мојот тим е Motika.io – платформа која е базирана на Блокчејн технологија, а наскоро ќе понудиме и наши AI алатки за креаторите на содржини. 

Motika.io се претставува како прва македонска апликација за кратки видеа со блокчејн интеграција. Кој е главниот проблем што сакате да го решите со неа?

Нашата логика е едноставна: Ако некој те тера без твоја волја да гледаш реклами, треба да ти плати за тоа. Згора на тоа, секое потрошено време треба да се плати. Колку и да звучи неверојатно, со Блокчејн технологијата најдовме решение за овој проблем. Парите што влегуваат на платформата се трансформираат во токени и им се делат на корисниците и на креаторите. За разлика од сите други медиуми во светот, MOTIKA.IO го почитува времето на корисниците. Замислете да добивавте токени за сето време што сте го изгубиле на социјалните мрежи и тие токени да може да си ги замените во вистински пари. Некои од нас ќе беа прилично богати и без грижа на совест за неповратно потрошеното време. Наместо во вашиот џеб, сите пари отишле кај најбогатите луѓе во светот. 

Кој е технолошкиот стак што го користите за развој на Motika.io и зошто се одлучивте токму за тие технологии?

Користиме современ и проверен технолошки стак, избран заради брзина, стабилност и можност за скалирање. Во основа е Python Django затоа што е сигурен, има одличен ORM, автентикацијата е добро решена и овозможува брз развој на сложени веб-апликации. PostgreSQL база, заради скалабилноста и можностите за оптимизација и работа со големи количини на податоци. Blockchain интеграција со Ethereum е на серверско ниво заради зголемена безбедност.

Со оглед на блокчејн интеграцијата, како обезбедувате скалабилност и сигурност на платформата?

Скалабилноста и сигурноста е во рацете на нашиот CTO кој е еден од првите Македонци со медали од меѓународни олимпијади по информатика и математика. 20 години работеше за најголемите светски компании, за сега да ја препознае големината на идејата и да му се приклучи на нашиот тим. 

Корисниците ќе можат да заработуваат токени додека гледаат видеа – како изгледа целиот процес од гледање до префрлање на MPOW токени во паричник?

Процесот е едноставен и стандарден кај Web3 апликациите. Со самото доаѓање на платформата, таа сама ви креира профил и почнува да ви дава токени. Во моментот кога сакате да си ги префрлите токените во вашиот крипто паричник на пример Metamask, одите на профилот и кликате на копчето „Claim Tokens“. Го конетирате вашиот паричник со сајтот и правите трансакција. За неколку секунди веќе ја гледате транскацијата на Etherscan и ги гледате MPOW токените во вашиот „паричник“. 

Велите дека 75% од токените се заклучени – каква е вашата стратегија зад оваа одлука и што значи за долгорочната стабилност на екосистемот?

Особено внимание во развојот на Motika.io посветивме на креирање на сопствен Token Ledger, односно чуваме детални информации за секој еден токен, кога, каде, кому и за што му е даден. Smart Contract-от на токенот е дизајниран така што само 25% од токените се пуштени во оптек, што се повеќе од доволно за почетната фаза до формирањето на Motika DAO – Децентрализирана автономна организација. Исто така важно да се напомене е и дека Smart Contract-от дозволува Bridging со други Блокчејни, што отвора многу врати за соработки.

Во крипто светот постои страв од rug pull проекти. Како планирате да изградите доверба кај корисниците и да гарантирате дека Motika.io и MPOW токенот нема да бидат краткорочна шпекулација, туку долгорочен проект?

Прво: Довербата е веќе изградена. Нема поголема гаранција од ставање под залог на нашиот бренд што сме го граделе 19 години. Секој ден цел тим работел макотрпно 19 години објавувајќи стотици илјади постови. Луѓе пораснале гледајќи секој ден видеа на Мотика.

Второ:  Motika.io НИКОГАШ нема да побара пари од корисниците. Во ваков свет на афери и криминалци, тоа е единствената гаранција. Ако човекот не вложил свои пари, нема што да изгуби. Пари на платформата влегуваат само од реклами.

Трето: Тоа што целиот наш тим ќе зема плата во MPOW токени е уште една гаранција дека се работи за долгорочен проект. 

Дали планирате MPOW токенот да биде понуден на големи берзи?

Секако и работиме на тоа уште од креирањето на Smart Contract-от. Во моментот кога токенот ќе излезе на некоја од големите берзи, ќе започне вистинската светска експанзија на платформата. 

Каков е планот за монетизација и како очекувате да привлечете и задржите креатори на содржина?

Монетизацијата е едноставна: Парите што влегуваат во системот се делат на 3 еднакви дела, за корисниците, за креаторите и за платформата. Почнуваме со Liquidity Pool на Децентрализирана берза и секој кој има токени ќе може да си ги замени со Ethereum или USDT. Веќе имаме договори со две странски Google Partner компании за да можеме да ги наплатиме и странските реклами. 

Во ICO планирате продажба на 9% од токените. Дали веќе имате интерес од инвеститори надвор од Македонија? Што мислите дека е најголемата пречка за прифаќање на ваков модел во Македонија?

ICO продажба на токени ќе има во некоја подоцнежна фаза на проектот. Прво ќе формираме Motika DAO – Децентрализирана автономна организација, во која заедницата ќе одлучува за секој крупен чекор.

Motika.io никогаш нема да се продаде. Ниту пак ќе дозволи да биде загрозена од коруптивни или криминални интереси.Тоа му се случи на Фејсбук, Инстаграм и останатите платформи. Нивната цел е профит. Тоа луѓето го чувствуваат и полека ги напуштаат. Во моментот кога нивниот „паметен“ алгоритам нема да ви ја покаже најинтересната содржина, туку онаа за која е најмногу платено е моментот кога почнува да им се руши кулата од карти. 

Каде ја гледате Motika.io за 3-5 години, кои се најголеми предизвици за да се наметнете како глобален „играч“?

За 3-5 години Motika.io ќе биде децентрализиран медиум со милиони редовни корисници ширум светот. Прв избор на секој креатор на содржини, од новинар до инфлуенсер. Најголем предизвик општо за сите медиуми ќе бидат лажните вести и deep fake видеата креирани од AI, а ние веќе работиме на блокчејн решение на проблемот. Тоа го гледаме како еден голем адут за наметнување како глобален играч. Блокчејн технологијата е најмногу применлива за работите за коишто треба верификација.

Дали планирате да воведете дополнителни функционалности освен кратки видеа? (Можеби блогови, подкасти, маркетинг услуги?)

Секако, ова е само почетокот. Сега за сега имаме 3 типа на содржини, кратки видеа, кратки текстови и тредови ограничени на 10 слајдови. Со други зборови, секоја содржина што може да се објави на другите социјални мрежи и информативни сајтови, може да се објави и на Motika.io. Моментално работиме на бесплатен Почетнички курс за Крипто валути во соработка со Крипто Гемиџија, што значи дека тоа е следниот формат на платформата. Очекувајте во иднина музичарите да ги промовираат своите нови вертикални спотови на Motika.io и куп други изненадувања.  

Ако треба да ја опишете визијата за Motika.io во една реченица, која би била?

Моделот од кратките видеа да го пресликаме на музика, филмови, курсеви и сѐ друго, така што користењето на интернет на луѓето да им започнува и завршува на Мотика.ио. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk