Новото поглавје од култниот хорор серијал Deep Sleep пристигна, носејќи со себе свежа доза на страв и иновација. Развиена од инди-студиото scriptwelder и објавена од Armor Games Studios, Deep Sleep: Labyrinth of the Forsaken е самостојна авантура која ве поканува да ги истражите темните лавиринти на соништата, каде што границата помеѓу фантазијата и кошмарот е целосно избришана. Шансите се дека доколку уживате во комбинација од класична point-and-click авантура со елементи на хорор за преживување и комплексен борбен систем, не би можеле да бидете разочарани од насловот.

Во приказната ќе чекорите со Ејми, ветеринарка од мал град, чиј живот се превртува наопаку кога ќе ги пронајде дневниците на нејзиниот брат Томас, за когo верувала дека е мртов. Томас отсекогаш бил ексцентричен, опседнат со луцидно сонување и постоењето на други светови, идеи кои за Ејми звучеле како обични фантазии. Меѓутоа, неговите записи откриваат дека неговите истражувања биле многу повеќе од обични соништа. Она што на почетокот изгледа како белешки на вознемирен ум, полека почнува да добива смисла, наведувајќи ја Ејми да се посомнева во смртта на нејзиниот брат. Убедена дека тој е можеби жив, заробен некаде во световите на соништата, таа одлучува да тргне по неговите стапки и да се нурне во непознатото, соочувајќи се со опасностите што демнат во длабокиот сон.

Гејмплејот се одликува со уникатна механиката на луцидно сонување. Механиката ѝ овозможува на Ејми да ја менува и обликува околината околу себе. Оваа способност е клучна за решавање на комплексните загатки и надминување на пречките што ѝ стојат на патот.
Deep Sleep: Labyrinth of the Forsaken не се потпира само на класичните елементи на point-and-click жанрот, туку воведува и стратешки борбен систем базиран на потези. Секоја средба со бизарните и застрашувачки суштества од соништата бара внимателно планирање, управување со ресурси и тактичко размислување, давајќи ви избор дали да се борите или да избегате. Покрај тоа, играта вклучува и RPG елементи како што е дрво на вештини, кое ѝ овозможува на Ејми да отклучува и подобрува нови способности за да преживее.
Истражувањето на морничавите пејзажи, кои се со елементи на случајно генерирање, нуди голема можност за повторно играње, додека многубројните предмети што можат да се пронајдат и искористат на различни начини додаваат уште еден слој на длабочина.

Визуелно, Deep Sleep: Labyrinth of the Forsaken го задржува карактеристичниот пиксел-арт стил на scriptwelder, кој ефикасно ја доловува мрачната и вознемирувачка атмосфера. Наместо да се потпира на фотореалистична графика, играта користи минималистички пристап за да ја стимулира имагинацијата на играчот, создавајќи чувство на постојана неизвесност и страв од непознатото. Оваа ретро естетика е надополнета со маестрален дизајн на звук и целосно нова музичка подлога од композиторот Кристофер Карлоне. Звукот игра клучна улога во градењето на тензијата – од морничави шепоти и далечни крици до атмосферска музика која се менува во зависност од ситуацијата, аудио елементите создаваат чувство на постојана присутност на нешто злокобно кое демне во сенките.

Deep Sleep: Labyrinth of the Forsaken се наметнува како паметен спој на жанрови кој нуди длабока приказна, иновативни механики и незаборавна атмосфера. Со повеќекратни завршетоци и скриени тајни, играта ги наградува љубопитните и храбрите играчи. Се надеваме дека патувањето во лавиринтите на потсвеста нема да ве прогонуваат долго откако ќе се разбудите.








