Патот на бугарската стартап галаксија

Кога Момчил Василев го основаше својот прв бизнис во Бугарија во 90-тите, немаше ниту ментори, ниту фондови за ризичен капитал, ниту пак структуриран систем за поддршка. Денес, како генерален директор на Endeavor Bulgaria, тој помага во водењето на екосистем што генерира приходи од над една милијарда долари.

Претприемачот Момчил Василев ја следеше економската трансформација на Бугарија буквално од првите редови. Својата кариера ја започна на само 17 години, обезбедувајќи практикантска работа во една од глобалните ревизорски куќи за време на турбулентните 90-ти, кога бугарската економија тукушто се отвораше кон светот.

Потоа следуваа речиси две децении искуство во ревизија, корпоративни финансии, менаџмент консалтинг и раководење со корпоративниот развој на голема инвестициска групација. Истовремено, Василев основаше неколку сопствени бизниси во малопродажбата и биотехнологијата, соочувајќи се со предизвиците на градење компании во време кога во Бугарија не постоеја фондови за ризичен капитал, акцелератори или организиран претприемачки екосистем. „Тогаш го немавме она што го имаме денес. Немаше ментори, фондови, ниту настани. Ако сакаше да напредуваш, мораше сè да правиш сам“, се присетува тој.

Токму тоа лично патување, исполнето со успеси, но и со научени лекции, го натера да ја цени истрајноста и визијата на бугарските претприемачи. Затоа, кога глобалната непрофитна организација Endeavor му понуди да ги води нејзините активности во Бугарија, тој веднаш се пронајде во оваа мисија.

Во 2016 година, ја презеде функцијата генерален директор на Endeavor Bulgaria – позиција која денес нема потреба од посебно претставување. Оттогаш, под негово водство, организацијата игра клучна улога во развојот на претприемачкиот екосистем во земјата.

Момчил Василев

Оваа година организацијата слави десет години постоење. Од своето основање, таа има поддржано над 180 претприемачи од повеќе од 100 компании во 17 различни сектори. Заедно, овие бизниси имаат остварено приход од над 1,04 милијарди долари, при што годишните приходи пораснаа од само 18 милиони долари во 2015 година на повеќе од 180 милиони долари во 2024 година.

„Си помислив колку сè ќе беше поинаку ако имав некој како Endeavor покрај себе кога ги почнував моите бизниси. Ќе си заштедев многу време, грешки и пари. Крајниот резултат можеби ќе беше сосема поинаков. Тоа лично искуство, заедно со фактот што најголемо задоволство во кариерата ми претставуваше контактот со луѓето, нивното поврзување и помагањето на претприемачите, ја направи оваа одлука сосема нормална“, изјави Василев.

Иако Бугарија е релативно мал пазар со околу седум милиони жители, таа успеа постојано да ги гради темелите на ветувачки стартап-екосистем, кој денес е рангиран на 7-то место во Источна Европа. Земјата има придобивки од цврстата дигитална инфраструктура, растечкиот број програми за поддршка и изобилството на квалификувани технолошки професионалци. На регионално ниво, главниот град Софија го зазема 9-тото место во Источна Европа.

Со текот на годините, мрежата од акцелератори, инкубатори и пристапот до фондовите на ЕУ дополнително го зајакнаа стартап-опкружувањето во Бугарија. Земјата, исто така, има силна база на таленти, благодарение на високо ценетиот образовен систем со фокус на природните науки, технологијата, инженерството и математиката (STEM). Денес, Софија е столбот на екосистемот, бидејќи речиси 90% од претприемачката активност во земјата е концентрирана токму таму.

Во почетоците, како што опишува Василев, бугарската претприемачка сцена наликувала на раниот космос – изолирани точки светлина во огромна темнина. Секој работел за себе, плашејќи се дека некој друг ќе му го украде успехот, а идејата да се даде или побара совет без да се очекува нешто за возврат била речиси незамислива.

„Конечно, кога некои од тие рани успешни приказни пораснаа доволно за да излезат на глобалниот пазар и да се поврзат со други претприемачки екосистеми, нивните основачи видоа како функционира соработката. Полека, тој менталитет почна да се вкоренува и кај нас. Луѓето почнаа да се собираат, да разговараат, се отворија првите заеднички работни простори – на почетокот тоа беа мали чекори – а потоа почнаа да се организираат и настани. Тоа навистина беше моментот кога настана галаксијата“, вели тој.

Изградбата на бугарскиот екосистем не се случи преку ноќ. Беше потребна критична маса на луѓе кои влечеа во иста насока за тој вистински да се оформи. Исто така, беа потребни околу десет години за да се стигне до оваа точка, а во тоа придонесоа многу фактори, додава Василев.

„Здравиот екосистем се потпира на неколку главни столба. Првиот е достапноста на капитал, бидејќи е потребно гориво за да се поттикне растот. Во случајот на Бугарија, првата предност се појави околу 2014-2015 година, кога беа основани првите три фондови за ризичен капитал, вклучувајќи го и LaunchHub. Нивниот пристап беше да инвестираат во што повеќе компании со надеж дека некои ќе успеат, што резултираше со висока стапка на неуспех – веројатно околу 90% од инвестициите. Сепак, тоа им даде на претприемачите самодоверба дека постои начин да ги финансираат своите идеи. Неколку години подоцна, се појави втор бран на фондови. Денес, мислам дека имаме околу 23 локални фондови.“

Ова, исто така, ја позиционира земјата меѓу поактивните играчи на сцената за ризичен капитал во Југоисточна Европа, управувајќи со капитал од околу 500 милиони евра преку локално основани фондови. И додека талентот, инфраструктурата и капиталот се клучни, Василев нагласува дека вистинскиот успех не смее да се препушти на случајноста.

„Сфативме дека успехот не смее да биде случаен. Мора да биде намерен и систематски – пристап што може да се повторува, овозможувајќи им и на другите да градат успешни приказни. За да се постигне тоа, секој учесник во екосистемот мора активно да придонесува и да ја одигра својата улога“, вели тој.

Дополнително, Endeavor планира да се справи со предизвикот на прекумерната концентрација на претприемачката активност преку поттикнување на развој на екосистеми и во други градови освен Софија. „Создавањето на подецентрализиран стартап-пејзаж е од суштинско значење. Иако овој проблем не е единствен за Бугарија, неговото решавање е клучно за постигнување на поурамнотежен и одржлив раст“, објаснува Василев.

Во изминатата деценија, Бугарија беше сведок и на успешни продажби на компании и на појава на „еднорози“, при што финтек компанијата Payhawk се издвои како светол пример и стана заштитен знак на стартап-екосистемот во земјата. Неодамнешните успеси, како што е продажбата на Anthill, компанија за софтверско инженерство која гради и управува со тимови за развој за големи клиенти, дополнително го зајакнуваат овој тренд. Основана во 2019 година, бугарската компанија беше купена од глобалната фирма за дигитално инженерство Exadel.

Верна на своето мото „заеднички просперитет“, компанијата Anthill го отсликува поширокиот дух на екосистемот, кој, како што вели ко-основачот Андреј Бачваров, станува сè посилен благодарение на меѓусебната поддршка.

„Сите внатре во екосистемот се блиски и поврзани, со искрена намера дека треба да си помагаме без да очекуваме нешто за возврат. Дури и компании кои инаку би биле конкуренти се обидуваат да си помогнат една на друга. Исто така, постои силен, речиси патриотски порив да ја промовираме Бугарија како место за иновации“, вели Бачваров.

Бачваров, кој го дели своето време помеѓу Софија и Минхен, го опишува својот пат како сè само не праволиниски. Со докторат по компјутерски науки и силен фокус на вештачката интелигенција, тој изгради кариера на сериски претприемач. Низ годините, Бачваров основа и продава неколку компании, е ко-основач на повеќе стартапи и станува ограничен партнер во бугарскиот фонд за ризичен капитал „Eleven“.

На прашањето што е тајната на успехот на софискиот екосистем, тој објаснува дека градот често функционира како „посебен свет, еден вид на игралиште за технологијата“.

„Иако во тоа има вистина, Бугарија може да се пофали и со други растечки центри како Варна, Пловдив и Бургас. Сепак, Софија се издвојува како уникатно игралиште за технологијата, нудејќи поттикнувачка средина каде што иновациите и растот можат да процветаат. Покрај бизнисот, Софија е и практично и пријатно место за живеење, студирање и создавање семејство“, вели Бачваров.

Преземајќи различни улоги низ екосистемот во Софија и Бугарија, тој научил важна лекција: секогаш кога ќе се појави предизвик – нешто премногу сложено или големо за една компанија – другите од заедницата брзо се вклучуваат за да помогнат.

„Често ми доаѓа на ум книгата на Адам Грант, Give and Take. Нашиот систем имаше огромна корист од тоа што учевме од исклучителни основачи кои го сменија фокусот од трансакциско размислување кон филозофија на давање без очекувања. Тој пристап на безусловна поддршка, особено кон оние кои ги споделуваат вашите вредности и визија, е нешто што го негувавме овде и што би можеле да го понудиме како модел за целиот регион.“

Дијаспората, исто така, одигра важна улога, бидејќи сега повеќе Бугари се враќаат отколку што заминуваат.

„Тоа не се економски мигранти, туку високо платени професионалци, многу од нив од германското говорно подрачје (Германија, Австрија, Швајцарија). Оваа година, имав среќа да ја ко-основам „Бугарската мрежа за влијание“, која обединува врвни професионалци од различни области, не само од ИТ секторот. Дијаспората што се враќа не придонесува само со драгоцено знаење, туку и со социјален капитал, меѓународни врски и инвестициски ресурси.“

Ида Боева е една од овие повратници. Поминуванјќи околу 15 години во странство, во земји како Казахстан и Велика Британија, во живот исполнет со постојани преселби, пред две години таа одлучува да се врати во Бугарија. И тоа не со една импулсивна, туку добро промислена одлука. „Отсекогаш сакав да се вратам, но на Балканот сè уште постои перцепција дека враќањето по студирање или работа во странство е знак на неуспех – дека не си успеал таму. Затоа, ми беа потребни цврсти причини за да ја донесам и оправдам таквата одлука“, вели Ида.

Ида Боева

Денес, Ида работи како соработник за маркетинг и содржина во Endeavor, улога што ѝ овозможува да биде во постојан контакт со екосистемот. Пред да се вработи, волонтирала и помагала каде што можела, обидувајќи се да придонесе на различни начини. Но, кога го открила Endeavor, како што вели, сè си дошло на свое место.

„Сфатив дека најдов место кое се грижи за подобрување на опкружувањето исто колку и јас. Нашата мисија е да ги поддржуваме претприемачите, но она што најмногу ме радува е како тоа се вклопува во пошироката слика. Денес, Бугарија и Софија се полни со успешни бизниси и нови стартапи. Да се биде дел од движење кое не само што создава можности, туку и им помага да растат, е токму она што отсекогаш сум го посакувала“, вели Ида.

Ида и Момчил

Промената на менталитетот е она што најмногу ѝ остава впечаток. Иако заминала од Бугарија како млада, таа сепак поминувала по неколку месеци годишно дома и постепено ја следела промената. Најмногу ја изненадило исчезнувањето на апатијата што некогаш доминирала.

„Луѓето сега се возбудени, полни со енергија и отворени за можности. Разговорот се смени од „во оваа земја ништо не може да се постигне“ во „погледни ги сите можности околу нас“. Не би рекла дека целосно сме ги избришале работите што нè делат – тоа никогаш не е возможно. Но, сега постои многу посилно чувство на заедништво. Начинот на размислување се смени од „ова ќе го направам само за јас да напредувам“ во „ова ќе го направам на начин што ќе го подобри мојот живот, но и ќе им помогне на другите“, додава таа.

Иако Ида и Endeavor се фокусираат главно на Софија и нејзиниот технолошки екосистем, таа вели дека големината и историјата на градот го прават малку поинаков. Низ Бугарија, помалите екосистеми почнуваат да се поврзуваат, создавајќи нови можности. „Софија има поразвиен екосистем, што ни овозможи поефикасно да ги пополнуваме празнините во секоја фаза од развојот. Искрено се надевам дека ќе можеме да го примениме овој пристап низ цела Бугарија.

Приказната е адаптација на оригинален текст објавен од авторот во „European Voices“.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk