Alphabet, матичната компанија на Google, објави дека ќе ја купи њујоршката компанија за сајбер-безбедност Wiz. Компанијата ќе плати 32 милијарди американски долари. Ова е најголемата аквизиција на Alphabet досега и ќе претставува значаен чекор во зајакнувањето на Google Cloud дивизијата.
Ова не е прв обид на Google да го купи Wiz. Минатата година, преговорите пропаднаа поради пониска проценка од 23 милијарди долари. Сега, проценката е значително поголема, па ако нема пречки по проверката од Комисијата за трговија договорот ќе биде прифатен. Шпекулациите се дека лани одборот на Wiz стравувал дека купувањето нема да добие дозвола од Комисијата за трговија.
Почетоците на Wiz: Од стартап до гигант
Wiz е брзорастечка компанија основана во Израел, која нуди решенија за сајбер-безбедност во облак за компании како Microsoft и Amazon. Основана е во 2020 година, и брзо се проби на пазарот со иновативниот пристап кон безбедноста на облак инфраструктурата. Нивната платформа овозможува брза и ефикасна идентификација на безбедносни ризици во облакот, што е клучно за компаниите кои се потпираат на облак услуги.
Стартапот растеше супер брзо, и во мај 2024 година компанијата беше проценета на 12 милијарди долари. Wiz работеше на излегување на берза, но купувањето од Google ги промени плановите. Според Crunchbase Wiz има помеѓу 500 и 1000 вработени, а она што може да е интересно е дека и вештачката интелигенција на Cruchbase процени дека „Веројатно е дека Wiz ќе биде купен“.
Зошто Google го купува Wiz
Wiz ќе биде дел од импресивно сајбер-безбедносно портфолио во Google. Компанијата веќе инвестираше во сајбер-безбедност преку купување на компании како Siemplify и Mandiant. Со купувањето на Wiz, Google ги зајакнува и своите капацитети во областа на сајбер-безбедноста во облак. Она што е извесно барем засега е дека Wiz ќе продолжи да ги опслужува и конкурентите на Google како Amazon Web Services, Microsoft Azure и Oracle Cloud.
Еве неколку причини зошто Google би можел да го користи Wiz:
- Зајакнување на Google Cloud: Со Wiz, Google Cloud ќе понуди посилни и покомплексни решенија за сајбер-безбедност, што е клучно за привлекување и задржување на клиенти.
- Конкурентност со Microsoft Azure и AWS: Google се обидува да се натпреварува со Microsoft Azure и Amazon Web Services (AWS) на пазарот на облак услуги. Wiz ќе им помогне да понудат подобра безбедност, што е клучно за предност пред конкурентите.
- Иновации во сајбер-безбедноста: Wiz е познат по своите иновативни решенија, кои ќе му помогнат на Google да остане на врвот на технолошкиот развој во оваа област.
Антимонополски прашања и иднината на Wiz
Купувањето ќе биде предмет на антимонополски проверки. Идејата Wiz да продолжи да нуди свои производи на конкурентски платформи како AWS, Azure и Oracle Cloud би можела да е во насока да ја одоброволи комисијата.
„Двете компании веруваат дека Wiz мора да остане мултиоблак платформа, за да остане водечка платформа без разлика за кој облак станува збор. Ќе продолжиме да соработуваме со нашите партнери од AWS, Azure, Oracle и низ целата индустрија.“, вели Асаф Рапапорт од Wiz.
Google во моментов е вклучен во две антимонополски тужби со Министерството за правда на САД, поврзани со нивниот пребарувач и дигитално рекламирање. Компанијата го загуби првиот спор, но поднесе жалба, а конечната одлука за втората тужба се уште се очекува.
Аквизицијата на Wiz претставува значаен чекор за Google во зајакнувањето на нивната позиција на пазарот на облак услуги и сајбер-безбедност. Со оваа аквизиција, Google се надева дека ќе понуди посигурни и покомплексни решенија за своите клиенти, што е клучно за нивниот понатамошен раст и развој. Ќе биде интересно да видиме дали овој чекор на Google ќе доведе до дополнителни окрупнување во сајбер безбедноста.







