Предлог игри: Sektori, Duskpunk, Terrifier: The ARTcade Game

во гејминг

Sektori: Пулсирачко патување низ хаосот и техно ритамот

Развиена од Kimmo Lahtinen, ветеран кој претходно работел во студиото Housemarque (познати по Resogun и Returnal), Sektori е и добар тест на рефлекси, но и хипнотичко искуство дизајнирано да ве вовлече во состојба на целосна имерзија и фокус, барајќи чиста вештина и адаптација во реално време.

Визуелна агресија

Во Sektori, управувате со вашиот брод низ пет различни светови каде што нивоата постојано се менуваат, како во поглед на изгледот така и во поглед на структурата. Бојното поле е како жив организам кој еволуира додека играте, принудувајќи ве постојано да ја менувате тактиката. Системот на надградби додава стратешка длабочина каде морате внимателно да избирате од шпилови со карти за да креираат моќни конфигурации. Квалитетно изградените билдови ви овозможуваат да преживеете против немилосрдните бранови на непријатели и, најдоброто од се, епските босови.

Инспирирана од агресивната техно музика, Sektori користи интензивни, заситени бои и брзи визуелни ефекти кои се синхронизирани со експлозивниот саундтрак.  Во Sektori, музиката и акцијата стануваат едно, нешто што е очигледно во моментот кога битките ќе започнат.

Sektori нуди огромна вредност за преигрување. Покрај главната кампања, која вклучува и Revolution режим за максимален предизвик, достапни се шест алтернативни режими на игра како Classic, Gates и Assault. Различните бродови и конфигурабилните шпилови за надградба допринесуваат до еден исклучително освежителен роглајт наслов.

Sektori е наслов кој успева да го врати духот на старите аркадни игри, но во модерно и технички беспрекорно пакување. Нејзиниот интензитет и брзото темпо се како ред бул после напорен ден. Играта не простува грешки, но максимално наградува со чувство на постигнување и адреналинска возбуда која ретко се наоѓа во денешните наслови.

Duskpunk: Борба за надеж во срцето на дизелпанк дистопијата

Студиото Clockwork Bird, предводено од соло-девелоперот Џејмс Патон, кој веќе стекна одредена слава со Silicon Dreams, се враќа на сцената со неговиот најамбициозен проект досега – Duskpunk.

Инспирирана од механиките на Citizen Sleeper и атмосферата на Dishonored, играта ве носи во мрачниот, индустриски свет на Дреџпорт. Вие влегувате во улога на поранешен војник, погрешно прогласен за мртов и испратен да биде искористен за гориво. Арно ама, откако ќе го избегнете најлошото, останувате сами во утробата на градот, вооружени само со вашиот разум и желбата за опстанок.

Наместо брза акција, фокусот во Duskpunk е ставен на TTRPG стратешко носење одлуки и менаџирање на ресурси. Во вака осмислен универзум, морате внимателно да балансирате помеѓу здравјето, енергијата и нивото на стрес додека, притоа, истражувате различни делови од градот преку детална 2D мапа. Секоја акција – било да е тоа кражба, работа или склучување сојузи – зависи од исходот кој се дефинира со фрлање коцки. Коцките, во комбинација со вашите вештини, се тие што ги диктираат шансите за успех, неутрален исход или неуспех. Вака-поставениот систем создава постојана тензија, бидејќи секој потег може ем трајно да ја промени вашата судбина, ем судбината на целиот град.

Покрај гејмплејот, Duskpunk плени и со својата уникатна естетика која потсетува на оживеани слики со масло. Уметничкиот стил совршено ја доловува дизелпанк атмосферата на Дреџпорт, прикажувајќи валканите сиромашните квартови, како и раскошни палати на елитата. Звучниот дизајн користи суптилна, индустриска звучна подлога и мрачни тонови кои го засилуваат чувството на изолација и безнадежност, како и ретките моменти на триумф.

Доколку максимално се посветите на играта, ќе откриете приказна за поврзување со маргинализираните и борба против корумпираниот систем. Ликовите што ќе ги сретнете имаат свои скриени мотиви, а на вас останува да одлучите кому ќе верувате. Дали ќе станете тивок и себичен набљудувач кој гледа само за себе, или ќе бидете главниот виновник за револуцијата?

Duskpunk докажува дека не се потребни огромни буџети за да се раскаже моќна приказна, препорачувајќи се максимално на љубителите на квалитетно пишување, длабока атмосфера и на фановите на Disco Elysium или Citizen Sleeper. И покрај сето сивило и бруталност на нејзиниот свет, Duskpunk сепак остава силен впечаток за важноста на надежта и човечноста, истакнувајќи се како квалитетна игра со јасно дефинирани цели.

Terrifier: The ARTcade Game – Крвав пикселизиран хаос

Terrifier: The ARTcade Game е уште една игра која е длабоко инспирирана од класичните beat ’em up игри од 80-тите и 90-тите, ставајќи ве директно во чевлите на застрашувачкиот Art the Clown. Развиена од студиото Relevo, во играта секоја фаза е филмски сет каде се снима филм за злоделата на Арт. Вашата цел е да го прекинете снимањето на најбрутален можен начин и, со самото тоа, максимално да ја пренесете морничавата атмосфера од филмската франшиза во еден сосема поинаков, ретро дигитален формат.

Terrifier: The ARTcade Game нуди френетична акција каде користите разновиден арсенал на оружја – од моторни пили до сатари – за да ги уништите вашите непријатели. Еден од најзабавните аспекти е локалниот мултиплеер режим кој поддржува до четири играчи, овозможувајќи хаотична кооперативна игра каде можете да соработувате или да се натпреварувате едни против други. Иако борбените механики се релативно едноставни, играта го надоместува тоа со спектакуларни завршни потези и шест различни режими на игра, како приказна, преживување и брзи аркадни сесии.

Графиката е изработена во прекрасен пиксел-арт стил кој потсетува на златната ера на аркадните игри, но со модерна флуидност во анимациите. Оваа ретро естетика е совршено надополнета со chiptune музика, која вклучува и композиции од Коди Карпентер, додавајќи автентичен шмек на целокупното искуство.

Terrifier: The ARTcade Game не е лош додаток во жанрот на тепачки игри, особено за фановите на хорор франшизата и ретро естетиката, нудејќи едноставна но релативно забавна, брза и визуелно стилизирана забава. Ако сте подготвени да го прифатите лудилото и да се нурнете во свет на пикселизиран масакр, сега имате уште една игра полна со акција и црн хумор.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments