Купувачите кои планираат да инвестираат во хард-диск треба да вимаваат. Одредени продавачи нудат користени уреди кои се претставуваат како нови. Оваа измама, која првично беше поврзана само со Seagate Exos моделите наменети за сервери, сега се проширува и на IronWolf Pro серијата, пишува Heise.de. Лажните дискови изгледаат како нови, но постојат начини да се препознаат. Купувачите треба да бидат особено претпазливи, бидејќи користените дискови можат да имаат значително намален работен век и да предизвикаат сериозни проблеми во системите што бараат поголема сигурност и перформанси.
Во оваа измама се користат стари, употребувани хард-дискови кои се фалсификувани за да изгледаат како нови. Измамниците собираат користени хард-дискови, особено од сериите Exos и IronWolf Pro. Потоа, ги бришат податоците за користење на дисковите, особено SMART параметрите. За да изгледаат како да не се користени, ги менуваат сериските броеви и ги фалсификуваат етикетите за да изгледаат како нови. Дополнително, менуваат податоци во фирмверот на дисковите за да го „излажат“ софтверот за проверка. Како резултат на ова, купувачите добиваат стари, користени дискови иако плаќаат за нови. Поради ова може да дојде до губење на податоци, намалена брзина или други дефекти.
Истражувањето на Lutz Labs открива дека измамниците ги бришат записите за користење, ги менуваат сериските броеви и ги модифицираат етикетите на дисковите за да ги измамат купувачите. Внимателните купувачи може да откријат знаци на претходна употреба. На пример мали вдлабнатини и гребнатини на куќиштето или конекторите. Лоша вест е дека без отворање на куќиштето тешко ќе ги препознаете. Поради избришаните SMART параметри, софтверот ќе ги препознае како нови, па физичките траги се најдобриот индикатор за нивната вистинска состојба.
Стари дискови се продаваат како нови
Овие фалсификат-дискови се појавуваат на пазарите во повеќе земји и се продаваат преку разни продавачи. Според актуелната, но засега непотврдена теорија, најверојатно станува збор за хард-дискови што претходно биле користени за рударење Chia криптовалута. Поради високата доверливост, капацитетот и перформансите, моделите како IronWolf Pro беа популарен избор за оваа намена. Сега, кога Chia рударските фарми ги распродаваат своите уреди, користените дискови завршуваат на пазарот под лажно претставување како нови.
Дополнителен индикатор за измама се и променетите QR-кодови на дисковите. Наместо да водат кон официјалната страница за верификација на Seagate, тие пренасочуваат кон страници за проверка на гаранција кои не ја прикажуваат серијата или капацитетот на уредот. Ова дополнително ја отежнува проверката на автентичноста. Исто така, со употреба на алатки како smartmontools кои можат да ги читаат FARM вредностите на Seagate, може да се открие дека некои од овие дискови работеле повеќе од 50.000 часа.
Засега, слични случаи не се пријавени за хард-дискови од други производители, на пример Toshiba или Western Digital. Сепак, откривањето на измами кај овие брендови е потешко, бидејќи тие не поседуваат FARM метрики слични на оние што ги користи Seagate.
Seagate ја потврди веста. Производителот ја потврди и сериозноста на ситуацијата и истакнува дека ваквите измами со IronWolf серијата не се нови. Компанијата моментално спроведува активна истрага за тоа како изменетите дискови стигнуваат на пазарот. Се препорачува купувачите да набавуваат производи исклучиво од доверливи продавачи. Пред купување, да извршат детална проверка со што ќе се избегне ризикот од купување на лажни или користени уреди.
За жал покрај Amazon, JB Computer, Mindfactory и Reichelt дисковите се продаваат и во Alternate, Böttcher, Büroshop 24, Galaxus, Jacob, Kosatec, Maingau и Proshop. Некои од овие продавачи се дел од официјалните дилери на Seagate.









