Хардвер од минатата недела – куп најави на Computex

Благодарение на саемот за информатичка технологија – Computex, кој се одржува во Тајпеј, оваа недела имаме податоци за куп хардвер. Од Nvidia и AMD, па до помалите производители, сите имаат да покажат нешто ново.

AMD ги претстави Ryzen AI 9 HX 370 и Ryzen AI 9 365

Ryzen AI 9 HX 370 и Ryzen AI 9 365 се два нови процесори со  фокус на генеративна вештачка интелигенција од AMD.

Новите чипови, од процесор до интегрирана графичка и NPU, се изработени со најновата архитектура на AMD. Во чипот се користи XDNA2 за NPU и RDNA 3.5 за интегрираната графичка картичка, а процесорот е од Zen 5 генерација. Ryzen AI 9 HX 370 и Ryzen AI 9 365 се првите два процесори од оваа генерација, а како и досега ознаката „HX“ ќе покажува кој е најмоќниот во серијата.

Ryzen AI 9 HX 370 доаѓа со 12 физички јадра и 24 виртуелни јадра, со максимална работна фреквенција од 5,1GHz, 36MB кеш меморија, и Radeon 890M графичка картичка. Послабиот Ryzen AI 9 365 е со 10 физички и 12 виртуелни јадра и максимална работна фреквенција од 5.0GHz; 34 MB кеш, и Radeon 880M интегрирана графичка.

Ако им веруваме на податоците на AMD ова се чиповите со најмоќен NPU кои досега сме ги виделе. Со перформанси од 50TOPS, Ryzen AI 300 серијата е побрза и од Snapdragon X (45 TOPS) и од Apple M4 (38 TOPS).

Првите лаптопи со новите процесори ќе се појават наскоро. Веќе во јули дел од лаптоп компјутерите кои ги претставија партнерите на Microsoft покрај Snapdragon X верзија ќе добијат и верзија со новиот AMD AI 300 чип.

AMD Instinct MI325X

 AMD ги претстави Instinct MI325X графичките процесори кои ќе бидат конкуренција на Nvidia H200 во центрите за податоци. Графичките чипови се наменети за оптоварувања со вештачка интелигенција, и ќе бидат достапни пред крајот на годината.

Instinct MI325X доаѓа со 288GB HBM3e и 6 TBps проток на податоци. Осум од овие графички процесори ќе можат да се поврзат во Instinct MI325X Platform. Според AMD, графичкиот процесор има повеќе предности пред конкурентите. Една од овие предности е двојната количина на меморија, но и значително побрзиот трансфер на податоци. Максималните теоретски перформанси на MI325X се 2,6 петафлопи на FP8 и 1,3 петафлопи на FP16.

AMD кажа и дека ова е најава и за нова пракса за издавање на нови графички процесори за центрите за податоци секоја година.

Nvidia пред време ги претстави новите чипови за вештачка интелигенција Rubin

Порано од очекуваното извршниот директор на Nvidia Јенсен Хуанг го претстави наследникот на „Blackwell“. Новиот чип „Rubin“ го добил името по Вера Флоренс Купер Рубин американски астроном. Како и со досегашните процесори и со овој ќе има CPU кој ќе доаѓа со името „Vera“.

Новата Rubin AI платформа ќе биде достапна во 2026 година, ќе користи нова HBM4  меморија и NVlink 6 Switch на 3,600GBps. Според ветувањата, новиот чип ќе биде помоќен и поефикасен од постоечките. „Vera“ заедно со графички процесор ќе доаѓа на нова акцелераторска плочка „Vera Rubin“.

Иако компанијата го претстави чипот, сѐ уште сме далеку од продажба. Nvidia пред само 3 месеци го претстави „Blackwell“ и овој чип сѐ уште не се испорачува доволно брзо, вели Ars Technica.

Intel ги претстави Lunar Lake чиповите

Ниту Intel не остана без нов чип за вештачка интелигенција. Компанијата го искористи Computex за да ја претстави првата генерација на лаптоп чипови со поддршка за вештачка интелигенција. За продажба е сѐ уште рано, а за првите чипови ќе треба да почекаме до оваа есен.

Компанијата ветува 14 отсто подобри перформанси, 50 отсто подобри графички перформанси и 60 отсто поштедлива работа. За жал овој напредок доаѓа на сметка на единствената надградба која беше достапна. Новиот чип доаѓа со „вградена“ меморија. Ќе има избор помеѓу 16 и 32 GB, и нема да има можност за никаква надградба.

Lunar Lake чиповите ќе доаѓаат со 8 физички јадра и тоа до четири „Lion Cove“ P-јадра и четири  „Skymont“ E-јадра. Штедливите јадра (Е) се побрзи, но и поштедливи од LP-E јадрата во претходникот.

Дел од перформансите на Lunar Lake доаѓаат благодарение на соработката со Microsoft. Windows сега ќе може да креира зони на оптоварување, и кога ќе може ќе ги задржи процесите на ефикасните јадра.

Надградба има и кај графичките перформанси кои на новиот модел ќе бидат 1,5 пати подобри.

Секако, најинтересен е NPU процесорот кој сега е значително побрз. На новиот чип има дури трипати повеќе простор за NPU, со двапати побрз проток на меморија и 1,95GHz работна фреквенција што сега овозможува помеѓу 2 и 4 пати подобри перформанси, или 48TOPS.

Новите чипови се исклучително важни за Intel. Во последните неколку години најпрво Apple престана да ги користи во своите уреди, а од оваа година и Microsoft ги заменија за ARM чип.

Asus ROG Ally X

Asus го искористи Computex за да ја претстави својата нова рачна конзола – Asus ROG Ally X. Во моментов овој сектор на рачни конзоли е поделен помеѓу Nintendo Switch и Steam Deck. ROG Ally е најблизок конкурент на Steam Deck. Со новата конзола Asus се надева дека ако не успее да го престигне, барем ќе се доближи до Steam Deck.

Новата конзола доаѓа со двапати поголема батерија и повеќе простор на дискот, но и со повеќе и побрза меморија. Меморијата во новиот модел е на 7500МHz, a сите надградби заедно овозможуваат 15 отсто подобри перформанси во споредба со претходниот модел.

Она што е клучно е дека Asus ROG Ally X не е нова верзија на ROG Ally, туку е негова ревизија. Направени се повеќе оптимизации. На пример, електронските печатени плочки се намалени и полесни. Иако батеријата е со двапати поголем капацитет, новиот уред е само 70 грама потежок од претходникот. Сите елементи што можеле да се направат полесни или помали се променети, од плочките кои веќе ги споменавме, до вентилаторите за ладење.

Image by ASUS

За жал дел од поважните делови хардвер се останати. Така Z1 процесорот на AMD е ист на двете конзоли, а ист е и 7-инчниот дисплеј со променлив рефреш од 48 до 120 Hz. Најголем недостаток на ROG Ally се чини дека е неприлагоденоста на оперативниот систем и на игрите. За разлика од Steam Deck кој доаѓа со Steam OS и оптимизирани игри Asus ROG Ally X доаѓа со Windows оперативен систем.

Конзолата е веќе достапна во претпродажба по цена од 799 долари. Испораката и продажбата започнуваат на 22 јули.

PC адаптерот за PSVR 2 конечно достапен во август

Веќе пишувавме дека Sony ќе овозможи користење на новиот сет за виртуелна реалност PSVR 2 со десктоп компјутерите. Адаптерот со кој ова ќе биде официјално излегува на 7 август и за него купувачите ќе треба да потрошат уште 59,99 долари.

Image by PlayStation

Сетот за виртуелна реалност ќе може да се користи за сите Steam VR наслови, со сите компјутери кои ги надминуваат минималните хардверски спецификации. За работа на PSVR 2неопходен е барем Intel Core i5-7600 или AMD Ryzen 3 3100 (Zen 2 архитектура); барем 8 GB меморија; NVIDIA GeForce GTX 1650 или понова (мора да биде со Turing или понова архитектура), NVIDIA RTX series или AMD Radeon RX 5500XT / AMD Radeon RX 6500XT или понови. За најдобри перформанси потребни се NVIDIA GeForce RTX 3060 и понови или AMD Radeon RX 6600XT и понови графички картички, пишува PlayStation на својот блог.

Copilot Plus AI функционалности пристигаат на гејминг лаптопи

Nvidia и AMD заеднички ги претставија првите гејминг лаптопи кои доаѓаат со Copilot Plus AI. Уредите ќе доаѓаат со Strix AMD чип и Nvidia GeForce 4070 RTX графичка картичка. Првите лаптопи веќе се претставени и ќе ги произведуваат ASUS и MSI.

За жал овие AMD лаптопи нема да ги имаат сите функционалности овозможени од вештачката интелигенција со кој доаѓаат дел од Snapdragon X Plus и Elite уредите. Барем засега не е сосем јасно дали причината за ова е ексклузивност за функционалностите овозможени со вештачка интелигенција на ARM чиповите или ќе биде потребно да се прилагоди оперативниот систем, пишува Verge.

Spacetop G1 е нов лаптоп кој сака да ги „пензионира“ екраните

 Spacetop G1 е нов уред креиран од дел од луѓето кои работеа на очилата за проширена реалност Magic Leap. Нивниот нов уред е лаптоп за кој нема да биде потребен екран. Наместо монитор, уредот доаѓа со очила за проширена реалност со чија помош може да се проектираат различни табови или апликации. Уредот доаѓа во два дела очила за проширена реалност и тастатура со ширина 30 сантиметри, во која е сместено сѐ друго.

 Spacetop доаѓа со нов оперативен систем SpaceOS. Оперативниот систем е со фокус на продуктивноста и веб апликации. Она што е највпечатливо кај очилата  е тежината. За разлика од сите други, тежат единствено 85 грама што ќе овозможи значително подолга и поудобна работа.

Хардверот кој со кој доаѓа уредот е: Snapdragon QCS8550 чип од Qualcomm; 128GB диск, 16GB RAM, и отворени слушалки. Spacetop доаѓа со две USB-C порти преку кои може да се поврзе на традиционален екран. Очилата се со OLED екран со резолуција 1920×1080 (по око) и рефреш 90Hz.

Претпродажбата на уредот е започната. Spacetop се продава за 1700 долари, што е 200 долари поевтино од редовната цена која купувачите ќе треба да ја платат од октомври, кога почнува и продажбата.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk