Revenge of the Savage Planet: враќање во хаотичниот свет со пријател!

По успешното лансирање на Journey to the Savage Planet во 2020 година , игра која освои многумина со својот уникатен спој на истражување, хумор и шаренолик свет, фановите со нетрпение го очекуваа продолжението. Revenge of the Savage Planet пристигнува како директен наследник, овозможувајќи враќање во сатиричниот научно-фантастичен универзум, но овој пат со нови механики, повеќе планети и перспектива од трето лице. Развиена од Raccoon Logic, студио формирано од клучните членови на оригиналниот тим на Typhoon Studios, играта нуди се што нудеше оригиналот, и многу повеќе!

Alta Interglobal ве испраќа на мисија за колонизација на вселената, оставајќи ве да поминете децении во крио-сон. Арно ама, додека вие си сонувате за светла иднина, Alta Interglobal одлучува дека истражувањето на вселената е прескапо и непредвидливо, па едноставно ја откажува целата програма и, следствено, ве отпушта додека вие сте сè уште во длабок сон. Заглавени на далечниот раб на вселената со минимална опрема и без никаква сигурносна мрежа, принудени сте да истражувате, да собирате ресурси, да создавате надградби и да преживувате во непријателски вонземјански светови. Целата приказна е проткаена со остар сатиричен хумор насочен кон корпоративната алчност, бирократската глупост и апсурдите на мега-корпорациите кои ја контролираат иднината. Вистинско задоволство е да ги гледате бројните видеа кои го отсликуваат ова, како и да дознавате на кои начини се продлабочува меѓуѕвездениот корпоративен конфликт.

Кои се Raccoon Logic?

Оригиналното студио, Typhoon Studios, беше купено од Google за нивната платформа Stadia во 2019 година. Меѓутоа, во 2021 година, Google ги затвори своите интерни студија, вклучувајќи го и Typhoon, оставајќи го тимот без работа и иднината на франшизата неизвесна. Клучните членови на тимот покажаа извонредна издржливост, формирајќи ново студио – Raccoon Logic – и успеаја да ги повратат правата врз интелектуалната сопственост на Savage Planet од Google, продолжувајќи го развојот на продолжението. Еден од клучните членови на тимот, Алекс Хачкинсон, претходно работеше како кративен режисер за Assassin’s Creed III и Far Cry 4!

Срцето на Revenge of the Savage Planet лежи во истражувањето. Основната гејмплеј механика вклучува слетување на живописни, но често опасни вонземјански светови, скенирање на непозната флора и фауна, собирање ресурси и надградби, и откривање на безброј скриени тајни. Притоа, почнувате со многу малку опрема и мораат постепено да наоѓате или да создавате нови алатки и способности кои им овозможуваат пристап до претходно недостапни области на планетите што веќе ги посетиле. Она што мора да потенцираме е начинот на кој ги истражувате планетите. Тимот се има надминато себеси во создавање анимации кои се неодоливо слатки – од трчкање, преку шамарање, па се до лизгање – се во играта е направено на еден несмасен, но крајно забавен начин кои, црпејќи инспирација од физичката комендија, не здосадува колку и пат да се одигрува пред вашите екрани. Ова не би било можно без преминот од перспектива од прво лице кон трето лице.

Скенирањето на нештата ви дозволува да читате откачени и, често, хумористични описи, а собирањето ресурси ви дозволува да создавате и надградувате опрема и алатки преку напреден 3D печатач.

На располагање имате пет главни, големи и различни планети за истражување. Секоја од планетите се одликува со уникатен екосистем, чудни растенија и суштества. Уште поинтересно, секоја планета има и своја физичка тема – на пример, една е пустинска планета со големи отворени пространства, додека друга е леден вулкански свет со екстремна вертикалност. Планетите се до тој степен различни и се пропратени со бројни визуелни и механички елементи да лесно се остава впечаток како самата игра да е составена од четири засебни мини проширувања. Активностите за истражување се разновидни, принудувајќи ве, како што кажавме, да скенирате и каталогизирате сè што ќе најдете, притоа зголемувајќи го вашето научно ниво, отклучувајќи нова опрема. Покрај можноста за фаќање суштества со ласо, кои ги чувате во прилагодливи огради, можете и да пливаат во езерата, да истражувате пештери, да се качувате по планини, да се лизгате по шини, и да откриваат стотици тајни расфрлани низ световите. Сите овие работи се одлично осмислени и нудат часови и часови освежителна забава.  

Во поглед на битките, имате на располагање различни пиштоли со елементарни ефекти (оган, вода, спроводливост, отров), камшик, и моќен удар со нога или шамари кои ги лансираат помалите суштества во воздух. Покрај ова, ќе наидете и хаотични, но крајно задоволителни битки со босови каде креативно правите елементарни комбинации и ја користите околината за извлекување тактичка предност. Тука влегува во игра гу механиката. На пример, зелената гу, или лигава материја со која се сретнувате уште на самиот почеток, предизвикува лизгање, феро-гу е спроводлива материја, а водената гу може да предизвика растење на одредени растенија, создавајќи платформи или пречки. Креативното користење на овие гу супстанци служат и како алатки за решавање загатки и како елементи во борбата или опасности во околината (лава гу, на пример, може да гори одредени пречки).

Сите овие работи се одлично имплементирани и нудат забавни, хаотични и незаборавни моменти, особено доколку играте со други играчи. Revenge of the Savage Planet става силен акцент на кооперативното играње, нудејќи неколку опции за игра со пријатели. Покрај динамичен онлајн ко-оп за до двајца играчи, кој поддржува и крос-платформска игра, имате и и локален ко-оп со поделен екран. Соло играњето е забавно, но ко-оп играњето е исклучително забавно, со уште похаотични и урнебесно смешни ситуации од кои нема да можете така лесно да се извлечете.

Revenge of the Savage Planet успешно го надградува шармот и успехот на својот претходник. Со својот препознатлив сатиричен хумор насочен кон корпоративната култура, проширено истражување низ пет уникатни и визуелно впечатливи планети, и збогатени гејмплеј механики – вклучувајќи забавна борба, креативна употреба на „гу“ супстанци и шармантни анимации истакнати со преминот во трето лице – играта нуди часови освежителна забава. Разновидноста на активности, од скенирање и каталогизирање на чудната флора и фауна, преку собирање ресурси и надградба на опрема, до откривање стотици тајни и фаќање суштества, гарантира дека истражувањето никогаш не станува монотоно. Иако соло авантурата е ангажирачка, вистинскиот потенцијал се отклучува во кооперативното играње, било онлајн (со крос-платформска поддршка) или локално со поделен екран, каде хаосот, смешните ситуации и тимската работа ја подигнуваат забавата на уште повисоко ниво.

Доколку баравте духовита, шаренолика и пред сè забавна авантура исполнета со истражување и откритија, особено ако имате пријател со кој би ја споделиле, Revenge of the Savage Planet е одличен избор и топло ви ја препорачуваме.

Повеќе детали за играта

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments