Ако имате веб-страница или сте дел од SEO индустријата, тогаш веќе сте свесни за промените на Google алгоритмите кои во последно време се случуваат почесто од што бевме навикнати. Целта на пребарувачите, или во овој случај на Google конкретно, е да се понудат најдобри, најкорисни и најквалитетни резултати за внесеното пребарување.
Од една страна, ако сте креирале содржини за да адресирате болни точки и проблеми на вашата целна публика, како и да понудите решение за нив, тогаш е речиси прашање на време кога ќе ја добиете заслужената висока позиција. Ако пак, сте биле фокусирани само на оптимизирање за високи позиции, можеби ќе треба да подобрите нешто во вашиот пристап, или целосно да го промените начинот на креирање онлајн содржини. Ова се нештата кои Google ги бара од вас и ги ветува за возврат доколку ги следите насоките за креирање квалитетна содржина, но и почитување на E-E-A-T елементите.
Што е всушност E-E-A-T?
E-E-A-T е кратенка која произлегува од Experience, Expertise, Authoritativeness, и Trustworthiness. Google како пребарувач ги бара и проценува овие вредности, со цел да „заслужите“ да бидете позиционирани повисоко во резултатите од пребарувањата. Една од најголемите промени кои беа воведени во исто време кога и ChatGPT се појави, беше вредноста Experience.
Со ова, Google ни даде до знаење дека покрај стандардните SEO елементи како клучни зборови, структура на поднаслови, оптимизирање на мета тагови и пишување читливи текстови, сега е важно и кој го напишал тој текст. Авторот на текстот или брендот кој стои зад таа содржина е препорачливо да биде искусен експерт во областа која е покриена.

Овие промени целосно ја променија SEO сцената како и креирањето на содржини за целната публика. Индустријата почна да се развива и менува со непредвидлива динамика, резултирајќи со најмалку пет промени на алгоритмот на Google во 2023 година,, познати уште како „Google Updates“.
Што се Google Updates?
Значајните промени во алгоритмот за проценка на квалитет на содржина и критериуми за високо позиционирање се нарекувааат популарно Google updates. Праксата на Google е да ги најавува и да известува кога се целосно имплементирани, иако со последниот ноемвриски „апдејт“ изјавија дека во иднина подобрувањето ќе биде редовна пракса и нема да има детални известувања.
Во 2023 година се случија неколку важни надоградувања и тоа:
- Февруари: Product Review Update
- Март: Core Update
- Април: Reviews Update
- Мај: Topic Authority System
- Август: Core Update
- Септември: Helpful Content System Update
- Октомври: Core Update и Spam Update
- Ноември: Core Update и Reviews Update
Накратко, од почетокот на оваа година неколкупати се промени начинот на кој Google дава релевантност на вашите рецензии и сведоштва поврзани со одреден бизнис или производ. Исто така, се подобрува начинот на проценка на квалитет и употребливост на содржините и се дава предност на искуства од прва рака и на експертски содржини. SEO играта се прошири на градење авторитет, покрај постоечката видливост и атрактивност.
Зошто е важно да сме во тек со овие промени?
Кога се случува нов Google update, важно е да следите како тоа влијае врз вашиот вебсајт. Постојат три можни сценарија: да не се промени ништо, да има промени на полошо и да има промени на подобри.
Да го земеме за пример неодамнешниот helpful content update. Доколку забележите нагло паѓање, односно значајно помалку посети на сајтот, пониска позиција во резултати од пребарување и помалку импресии за значајни клучни зборови, веројатно Google алгоритмот проценил дека вашата содржина не е доволно корисна за вашата целна публика, или пак е пишувана само за позиции и авторитет.

Постојат и обратни ситуации, кога некои бизнис веб-страници добиваат поголемо истакнување во резултатите без да прават промени во стратегијата. Ова би значело дека нешто прават добро, дека содржините се корисни, но и дека конечно го добиваат местото кое го заслужиле со своите претходни напори.
Кога нема никакви промени, односно кога отстапките се многу мали, тоа е знак дека на вашиот сајт и содржините им е потребно сосема мало подобрување за да забележите позначаен напредок.
За да можете да ги следите овие промени, би било добро да ги користите Google Search Console и Google Analytics. Доколку промените се поклопуваат со времето кога Google реализира ново надоградување на алгоритмот, треба дополнително да анализирате за да добиете јасен одговор зошто тоа се случило.
Како да добиете бизнис-предност?
Сајтот на вашиот бизнис помага да стекнете релевантност и авторитет онлајн, без разлика кои стратегии ги користите за да привлечете потенцијални клиенти или корисници на вашата услуга. Ако целта е квалификуваните „лидови“ да дојдат на вашиот сајт и таму да остварат контакт или купување, тогаш едно нешто е јасно – вие и вашиот тим мора да сте во тек со најновите промени кои Google ги воведува.
Ако не го следите вашиот перформанс преку соодветни метрики и индикатори за напредок, тогаш конкуренцијата ќе го направи тоа и ќе ве надмине во бизнис-позиционирањето.
Дополнително, следете ги новостите преку Google Search Central и дознавајте веднаш кога се случуваат промените. На овој начин би можеле да добиете предност пред вашата конкуренција, бидејќи однапред знаете дека може да се случат одредени промени во веб-сообраќајот и позициите во резултатите од пребарувања.
A како ова ви дава бизнис предност и подобро позиционирање?
Има повеќе начини, меѓу кои и:
- Сигурни сте дека вашиот бизнис-сајт ги следи насоките за квалитетно корисничко искуство, а со тоа речиси и ги елиминирате шансите за пенали од Google
- Учите за новите предности и можности кои Google ги нуди, со тоа што ќе ги следите и имплементирате последните промени
- Можете да им „избегате“ на конкурентите ако знаете како да ги прифатите промените, наместо да се плашите од нив
- Лесно градите доверба меѓу вас и вашата публика, бидејќи не дозволувате застарени методи на оптимизација да ве држат назад
Секако, секогаш е корисно да следите што експертите на оваа тема имаат да кажат. Постојат многу извори како Search Engine Land, Search Engine Journal, Semrush, Hubspot и други, кои постојано ги покриваат сите теми поврзани со Google updates.
Што да очекувате од иднината на Google?
Google веќе го тестира и имплементира методот Search Generative Experience кој се заснова на генеративна вештачка интелигенција (generative AI). На овој начин, пребарувачот ги избира најдобрите извадоци од најквалитетните содржини за да понуди одговор на специфична фраза за пребарување.

Иако овој концепт е нов и не е достапен секаде, идејата е првиот резултат да биде генериран од вештачка интелигенција, врз основа на постоечки релевантни извори. Веднаш под таа блок-секција би биле излистани органските резултати од пребарувањето.
Од една страна изгледа како голем бизнис предизвик, но од друга страна се сведува на неколку едноставни совети:
- Практикувајте SEO, но секогаш бидете фокусирани на својата целна публика
- Понудете квалитет кој вашите конкуренти го немаат
- Пронајдете ги „празнините“ во вашата област или индустрија кои можете да ги пополните
- Прифатете ги промените, наместо да имате страв или аверзија кон нив
Доколку вашиот бизнис е базиран на онлајн присуство или пак сакате да ги насочите корисниците кон вашиот сајт, тогаш не треба да се плашите од промените на Google, надоградувањата за квалитет и секако, генеративното пребарување базирано на вештачка интелигенција.
Гледајте на овие промени како шанса за ваш напредок. Комуницирајте со вашиот тим, споделувајте идеи и доколку има потреба, започнете со практични обуки.
Зошто? Бидејќи победници во оваа игра се оние кои имаат желба да се прилагодат на промените, да ги прифатат и да ги свртат во своја корист
Ова е гостински текст на Милан Савов.
Милан Савов е сопственик на Веб и SEO агенцијата Смартклик, со 12 годишно искуство во индустријата и им помага на бизнисите да креираат веб страници кои ќе бидат основа за повеќето маркетинг канали и поддршка во идно скалирање на бизнисот. Секое слободно време го користи да патува, а ужива во скиење и пливање.







