Во случај да имате барем малку време, ви препорачуваме да го насочите вашето внимание или на текстуалната авантура Nobody Nowhere или на демото за прекрасната roguelike авантура Panta Rhei!


Предлог игра: Nobody Nowhere
Nobody Nowhere е неодамна излезена текстуална авантура со side-scrolling дизајн и систем за управување. Во оваа sci-fi авантура, приказната е сместена во 2079-та година. Вие играте со еден од два ликови кои не би можеле да се поразлични. Едниот е Џулиан – репликант кој успева да развие самосвест и да стане вреден член од HSR корпорацијата. Другиот е Гаја – одговорното лице за правење најразлични операции врз репликантите. Гаја го бие лош глас затоа што секоја негова операција завршува со уништување на репликантот. Џилијан е на операционата маса овојпат. И никако не сака да умре.

Приказна и загатки
Во овој невообичаен свет од репликанти и морално-оперирани научници, ќе имате за задача да ги откриете тајните на корпорацијата. Таквото нешто го правите со шетање лево-десно низ дводимензионалните мапи, стапување во интеракција со различни предмети, разговарање со бројни ликови и решавање загатки преку BCI системот.
Доколку сте фанови на pixel графиката, ќе ви се допаднат бројните локации кои, во комбинација со прекрасната музичка подлога, го прават искуството незаборавно. Дополнително, приказната знае лесно да ве вовлече во бројните заплети, нудејќи крајно непредвидливи, интересни, но мрачни ситуации, шокирајќи ве немилосрдно во одредени моменти.

Она што не ни се премногу допадна беше таканаречениот BCI систем. Од време на време, ќе навлегувате во мозочниот компјутерски интерфејс за да решавате одредени загатки, односно да играте нешто што би можеле да го наречеме како pacman верзија на стероиди. Во значително упростена графика, управувате човече кое се движи низ лавирит од ходници барајќи, обично, на слепо, одредени ѕвезди за да отклучи параметри, разбие код и слично. За да успеете во ова, потребно е да избегнувате препреки и противници.

Претпоставуваме дека има играчи кои нема премногу да го ценат овој дел од играта и да посакуваат или воопшто да ги нема овие мини игри или пак да не се задолжителни. Ова го претпоставуваме затоа што ние дефинитивни припаѓаме на таа група. Nobody Nowhere комотно може да стои самостојно како игра која нема никаква потреба да заклучува наративен напредок зад гејмплеј елементи. Од друга страна, сигурни сме дека ќе има и играчи кои позитивно ќе гледаат на ваквиот предизвик, извлекувајќи уште повеќе од играта.

Предлог демо: Panta Rhei Demo
Panta Rhei e демо кое алудира на одлична игра полна со волшебна мешавина на гејмплеј кој е поврзан со манипулација на времето и емоционална приказна. Играјќи со неодлучниот херој Фи, имате за задача да ја поправите структурата на реалноста и да го спасите природниот тек на времето.
Времето како твое оружје
Во срцето на Panta Rhei лежи иновативен гејмплеј за манипулација на времето. Благодарение на ова, Фи се поставува во богат свет каде што се бара стратешко решавање на загатки, динамична борба и паметна манипулација со околината. Па така, можете да го паузирате, враќате и забрзувате времето низ опасните средини, да решавате сложени загатки со и да ги надмудрувате непријателските суштества. Оваа уникатна механика се протега и на борбата и пружа тактичка длабичина на секоја средба. Имено, Фи може да ги врати своите последни потези за да ги поправи грешките или да ги насочи нападите во друг правец.

Паралелно со ова, имате и динамично rogue-lite искуство, каде ви се наметнуваат постојано променливи предизвици и можности за еволуција на ликовите. Секое преигрување нуди шанса за усовршување на стратегиите, отклучување нови способности и продлабочување во емоционалното патување. Нарацијата ги истражува темите на времето, загубата и самооткривањето, обезбедувајќи поттикнувачка позадина за акцијата.

Огромен свет во кој навлегувате е полн со тајни и мистерии. Иако демото беше кратко, финалната верзија ќе дозволи да поминете низ над 25 уникатни локации низ три различни биоми, секој со свои предизвици и прекрасни средини. Уникатна карактеристика на играта е и таканаречената градина на минатото – постојано светилиште каде што играчите можат да собираат ресурси кои се пренесуваат помеѓу преигрувањата. Оваа механика овозможува стратешко планирање и управување со ресурси, зголемувајќи ги шансите за успех во идните трчања.

Од она што видовме, Panda Rhei е подготвена да понуди навистина незаборавна авантура кога ќе се појави на Steam во 2025 година.







