Јавниот транспорт е исклучително важен за секој град, го намалува сообраќајниот метеж, придонесува кон почиста животна средина и полесно го поврзува градот.
Штип, како еден од поголемите градови во нашата држава немаше јавен градски превоз се до минатата година.
На 1-ви септември 2023 ова се промени, откако градот доби јавен градски превоз и шест нови автобуси беа ставени на располагање на штипјани. Но она што недостасуваше беше и соодветна апликација преку која би можело да се следи распоредот на автобусите.
Штипјани имаа потреба од апликација преку која би го следеле распоредот на јавниот превоз во градот, а иницијативата за истата ја презеде софтверскиот инженер Дарко Ефремов, кој што волонтерски и самоиницијативно ја креираше jps.mk – апликација за распоред на јавниот превоз во Штип.
Ова беше доволна причина за да поразговараме со Дарко, а тој ни откри повеќе детали околу мотивацијата и идејата за изработка на ваква општествено корисна апликација.
Кој е Дарко и што работи?
Активен учесник во реалниот свет, и љубител на снежни спортови и технологија. Софтверски инженер со скоро 10 години искуство во областа на развивање дигитални кориснички интерфејси за веб апликации.
Претходно, студент на Компјутерски Науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Од каде идејата за апликацијата и какво е твоето искуство со користењето на јавен превоз во градот, дали самата потреба за ваква апликација беше и главната мотивација?
При првата средба со публикуваниот распоред на линии од претпријатието кое е во надлежност за јавниот превоз во Штип, ми дојде желба за тие информации ги претставам на поинаков начин. Начин на кој луѓето полесно ќе дојдат до тие информации и ќе можат полесно да ги сварат. За изработката не бев ангажиран од никој, ниту пак за пари, туку само желбата за придонес кон мојата околина на било кој начин, на кој би имал позитивен импакт.
Сите ние имаме идеи и планови за она што сакаме евентуално да го направиме, па самите си задаваме пречки преку кои на еден или друг начин самите се саботираме. Сакајќи да поработам на тоа, и во моментот кога ќе ми дојде идејата – веднаш седнав да искуцам некој првичен продукт. Кој после неколку итерации и консултации со најрегуларни луѓе кои немаат ни допирна точка со програмирање или дизајн на продукт, стана тоа што е сега.
Би било убаво доколку се има поголема воља за публикување на информации од јавен карактер од сите јавни претпријатија и општините, со цел изградба на дигитални добра за сите луѓе во нашите места на живеење.
Кои се функционалностите на апликацијата?
Во моментот нема некои комплицирани работи. На првата страна се прикажани линиите кои кружат во текот на одбраниот ден. По дифолт, одбраниот ден е денешниот, но има и опција за да се избере ден во иднина па да бидат прикажани линии за конкретно избраниот ден.
Со клик на индивидуална линија, може да се добијат подетални информации за тоа на кои станици запира автобусот и во колку часот.
Прилично едноставно. Впрочем и тоа е дел од вежбата за брз развој. Што побрзо да дојде продуктот во рацете на корисниците или муштериите, со цел да се добијат повратни информации за добрите работи, но и за работите кои треба да се подобрат.
Во иднина сакам да има можност каде при внес на дестинација, апликацијата сама да даде најдобар и најбрз пат за да се стигне до посакуваното место.
Но ако чекав да имам време да го направам тоа, апликацијата може до наредното лето немаше да биде пуштена, и можеби ќе беше многу касно за да може да се искористи бесплатниот маркетинг кој го добив преку локалните медиуми, споделувања на социјални мрежи од луѓе популарни кај јавноста и слично.


Кој е techstack-от на апликацијата?
Во моментот е стриктно само клиентска страна – ништо не се обработува на сервер. Од две причини. Едната е дека не сакам да имам дополнителни трошоци за сега. А, другата е дека вака побрзо можам да пуштам поправки и нови работи.
Секако дека користам и Вештачка Интелигенција (ChatGPT) за разно-разни досадни задачи како ре-форматирање на податоците кои ги добивам од ЈП Стипион во формат кој мене ми одговара за работа.
А од аспект на веб технологии, користам React, TypeScript (секако), Tailwind за куцање визуелен изглед, и сервисите на Cloudflare за пуштање код во продукција.
Сподели ни неколку интересни статистики…
– Од септември до сега има над 110,000 прегледи
– Најчести посетители се од територија на Македонија, но има следачи и од странство
– Веќе на месец 3 (ноември) се стабилизираше бројката на месечни корисници и таа сега се држи некаде на 4000-5000 или 10% од популацијата на Штип.
Што би им порачал на другите млади програмери?
Прашањето имплицира дека уште се сметам за млад 😌
Денес е многу лесно да се открие она што недостасува. Програмерската струка е во уникатна положба да може многу брзо и лесно да влијае на животите на другите, преку изградба на разни дигитални платформи, продукти и сервиси. Можноста за брза валидација на потенцијални решенија за разни проблеми не треба да се занемари. Погледнете само какво влијание има вештачката интелигенција последите години.
За мене чувството дека придонесувам кон моето опкружување е многу исполнително.
Би било добро секој човек со идеја и визија да седне и да работи на тоа. Без да се само-саботира со мисли за неуспех. Секој кој има идеја за подобрување на општото добро треба да проба да ја реализира истата. Бидејќи по пат ќе наиде на истомисленици кои понатаму може да се само поддршка.
Оваа апликација со сигурност го олеснува животот на штипјани при користење на јавниот градски превоз, а воедно сакаме да му кажеме и едно големо браво на Дарко за сработеното.
Сѐ надеваме дека ова ќе претставува поттик и за останатите инженери во Македонија да допринесат за подобро утре.







