Изгледа помалку (или повеќе) неверојатно, но Кина започнува со први комерцијални летови со „такси“ дронови. Компанијата Ehang Holding објави дека има дозвола од кинеската Агенција за цивилно воздухопловство да започне со транспорт со беспилотни такси летала.
Ова е прв комерцијален тест за летовите на дроновите со патници. Транспортот ќе биде со леталото со помалку неинвентивно име EH216-S. Компанијата во соработка со локални партнери ќе нуди туристички прелети над различни живописни локации. Дел од локациите се езерото Тианчи во провинцијата Ксинџијанг и заливот ОХ во Шенжен, пренесе Bloomberg.
Беспилотното електрично летало EHang 216-S e мултикоптер наменет за напредна воздушна мобилност. Двоседот лета со брзина од 100 km/h, а може да развие максимална брзина од 130 km/h. Максималната висина на кое може да лета е три илјади метри. Радиусот на движење на леталото е 35 километри, а може да помине во воздух 21 минута. По ова мора да помине 2 часа во полнење на батериите. Максималната тежина со која може да лета се 220 килограми.
Леталото чини 300 000 американски долари. Шестнаесет пропелери се поставени на 8 држачи околу кабината во која се патниците. Најголем дел од информациите веќе се јавно достапни, иако не знаеме колку ќе биде цената на летот. Не е изненадување дека леталото полетува вертикално и се движи како хеликоптер.
Ознаката „S“ на крајот покажува дека е продукциска верзија на производот, всушност модел кој може да се произведува и е подготвен за комерцијална употреба. Официјалното претставување на EJ216-S беше во 2018 година. А првите автономни и управувани летови се завршени уште во 2017 година. Во дел од промотивната кампања со леталото леташе и холандскиот принц Питер Кристијан.
Ehang Holding објави дека на различните модели на леталата веќе имаат направено 40 000 тест летови.
Производителот има повеќе различни модели, а некои од нив би можеле да се користат за комерцијална достава.
Ehang секако не се единствена компанија која работи на електрични летала. Американските производители Joby Aviation и Archer Aviation се надеваат дека околу 2028 година летачките такси возила ќе бидат достапни и во САД. Германскиот производител Volocopter, ако добие дозвола, би можел да лета веќе следната година, на Олимписките игри во Париз.
Додека Кина овозможува летање, Европа има ригорозна контрола. Поради ова, дел од производителите на автономни летала се сомневаат дека ќе можат да ги исполнат барањата на Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија.







