Microsoft Flight Simulator 2024 за PS5: Небото нема граници

во гејминг

По првпат во историјата на овој серијал, Microsoft Flight Simulator 2024 се вдомува во екосистемот на Sony, нешто што се нема случено цели четири децении. Надминувањето на традиционална платформа и-тоа-како не е едноставна адаптација на постоечкиот софтвер туку бара темелна реконструкција. Башка, го имате и стримувањето на масивни количини податоци директно од облакот. Но, дали PS5 верзијата на овој технички најкомплексен проект премногу се разликува од другите верзии или пак нуди идентично искуство за сите?

Првата клучна разлика во искуството на PlayStation 5 станува јасна во моментот кога ќе го земете DualSense контролерот во рака. Верувајте дека разликата е огромна и драстично се менува начинот на кој, вие, како пилот комуницирате со леталото. Талентираните луѓе зад Asobo Studio имаат отидено чекор подалеку од стандардните вибрации, имплементирајќи компклесна хаптичка телеметрија која веродостојно и впечатливо пренесува бројни физички сензации.

Ќе се изненадите колку е пријатно кога ќе се почувствуваат суптилните промени во струењето на воздухот врз контролните површини, контактот на тркалата со различни видови писти па дури и вибрациите од моторот кои варираат во зависност од режимот на работа. Благодарение на вакво, исклучително високо ниво на тактилна повратна информација, се овозможува интуитивно летање каде што можете да детектирате приближување кон лизгање на крилото или турбуленција без постојано да гледате во инструментите. Само ова, ја прави верзијата на PS5 значително посупериорна од другите две.

Перформансите во Microsoft Flight Simulator 2024 се генерално стабилни. Основната PS5 верзија има за цел да понуди 30 FPS, но, доколку вашиот телевизор е со варијабилна стапка на освежување, тогаш може искуството да биде попријатно и да се движат фрејмовите од 40 до 100 во секунда, во зависност од, нели, комплексноста на сцената. Поради тоа, бидете спремни за одредени визуелни компромиси, како што е наглото појавување на објекти во далечината или привремени падови на фрејмовите во густо населените урбани средини, нешто што е директна последица не само од процесорската моќ, туку и од интернет конекцијата.

Што се однесува до самата игра, Microsoft Flight Simulator 2024 се одликува со кариерен режим кој прави целосна трансформација, од отворен простор за истражување во структурирано искуство со јасни цели и прогресија. Стандарно за серијалот, започнувате како почетник и мора да поминете низ ригорозен систем на сертификација, поминувајќи низ десетици модули за обука пред и да помислите да добиете пристап до посложени мисии. Ве очекуваат одлични вести и незаборавна забава доколку сте фанови на комерцијална авијација, преку транспорт на товар, па се до високоризични операции (како воздушно противпожарство и спасувачки мисии во непристапни терени). На располагање имате и економскиот систем, односно модел според кој се водите и управувате со буџети. Парите, како што можеби веќе претпоставувате, ви ги треба за купување авиони и одржување на флотата.

Благодарение на симулација на илјадници површини на секое летало, се овозможува многу пореалистично однесување на авионите, особено во критични ситуации како е, пример, летање додека има силни ветрови. Дополнително, имате и систем, односно симулација на меки тела, нешто што помага многу за реалистично однесување на балоните, односно дирижаблите. За уште поголема имерзија, нема да можете, а да не бидете апсолутно импресионирани и од напредната флуидна динамика која ги пресметува воздушните струи околу авионот и, како резултат на тоа, создава реални ефекти на турбуленција од бранови.

За сите аудиофили, пак, Wwise енџинот ќе се погрижи звукот реално да се одбива од површините и да создава убедливи ефекти на ехо и просторност. Ефектите, очекувано, се менуваат во зависност од околината и позицијата на камерата а, звуците на моторите, ветерот и амбиенталната бучава се подеднакво динамични, реагирајќи на вашите постапки.

Потврдена е поддршка за PlayStation VR2 во блиска иднина, со што, конечно ќе можете максимално да ги реализирате вашите пилотски аспирации.

На PlayStation 5, Microsoft Flight Simulator 2024 е фасцинантно техничко достигнување, на ист начин како и кога првично излезе за Xbox и PC, со големи шанси дека ќе ви се допадне дури и да не сакате вакви игри. Насловот максимално се труди да ги оствари сите соништа на хардкор гејмерите, но апсолутно ќе се допадне и на оние кои само сакаат релаксирано и без стрес да си возат низ светот, нешто што се должи на богатите можности за прилагодување на тежината.

Независно од тоа на која категорија припаѓате, не можете, а да бидете рамнодушни на длабокиот кариерен систем и иновативна употреба на DualSense контролерот. Microsoft Flight Simulator 2024 има потенцијал да постави нов стандард за тоа што е можно да се постигне на една конзола, нудејќи ви слобода да го истражувате светот со ниво на детали кое до неодамна се сметаше за невозможно.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Asobo Studio
  • Издава: Xbox Game Studios
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 19 ноември 2024 или 8 декември 2025 за PS5

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments