„Vampire Therapist е комедија поврзана со помагање на бесмртните суштества подобро да ги процесираат историските и личните трауми.“
Ова е првото нешто што ќе го прочитате откако ќе ја вклучите играта. Нема да лажеме, тешко е човек да не биде заинтригиран, особено доколку продолжите да читате: „Оваа игра е развиена во консултација со лиценцирани терапевти, но не би требало да се смета за соодветна замена за терапија. Освен, ако сте вампир.“ Не паметиме кога последен пат бевме толку многу заинтригирани од еден црн екран и неколку досетливо-осмислени реченици. Чедото на Little Bat Games ветува конечно исполнување на нашите скриени амбиции да бидеме раме-за-плачење (или грицкање, не дискриминираме), на самобендисаните ноќни суштества.
Лов на бесмртни тајни
Приказната е и алфа и омега за Vampire Therapist. Тоа значи дека целиот гејмлеј, ако и може да се каже така, се врти околу филозофските, психотерапевски препукувања помеѓу ликовите. Сем ги има заменето каубојските денови со целосно нова професија. Здружувајќи ги силите со прастар вампир, Сем ќе проба да ги совлата и применува бројните бенефити кои произлегуваат од, па, разговори. Откако вампирите ќе научат дека има нов столб за поддршка, ќе започнат да ве посетуваат и да си ги кажуваат нивните маки, надевајќи се дека ќе можете да им помогнете во нивното вечно и проколнато (не)животно патување.

Иако често се дава фокус на комичната страна, Vampire Therapist крие длабоки, детални и, на моменти, емоционално вознемирувачки разговори на кои нема да знаете баш како да реагирате. А, она што се бара од вас е токму вашата реакција! На бројните работи што ќе ви бидат кажани, потребно е да изберете одговор кој е заснован на одредено когнитивно нарушување. Овие когнитивни нарушувања се засновани на вистински концепти поврзани со когнитивна бихејвиорална терапија и, во зависност од избраното, ќе добиете различна реакција од вашиот пациент.

Приказната е добра онолку колку што е добра и самата презентација. За среќа, Vampire Therapist е целосен пакет кој, покрај солидна нарација, се одликува и со чисти, соодветни цртежи кои брзо и ефикасно ве вовлекуваат во бројните траги-комични ситуации. За уште подлабока имерзија, помага и беспрекорната глума. Имено, во Vampire Therapist гласовите кои се позајмуваат припаѓаат на одамна-докажани актери, како Сајрус Немати (Hades), Сара Грејсон (Gone Home), или Метју Мерсер (Critical Role). Нема никакви кратенки во ниеден аспект на играта, дури и мини игрите на кои ќе наидете се направени во посебен уникатен стил и одлично ја разбиваат монотонијата помеѓу разговорите.

Vampire Therapist e комична, уникатна авантура која е одлично напишана и одглумена, исткаена со комплексни разговорни механики кои впечатливо ги истакнуваат бројните страни на когнитивна бихејвиорална терапија. Во случај да имате посебен интерес према вампирите или према непредвидливите психолошки растројства, тогаш ова е визуелен роман кој би требало да го „доживеете“.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Little Bat Games
- Издава: Little Bat Games
- Жанр: визуелен роман
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 18 јули 2024







