
Во последно време се појавуваат се повеќе и повеќе релаксирачки игри кои се со управување фарма, чување животни, одгледување растенија, или пак собирање ресурси и правење најразлични предмети. Ваквите игри, симпатично потпаѓаат под жанрот cozy farm games или игри кои прават да се чувствувате пријатно и да сте обземени со чувство на топлина и задоволство. Fae Farm е игра која од срце сака да биде кралица на жанрот. Но, дали ќе успее во тоа?
Магично откритие
Од 8 септември, Fae Farm ќе ви дозволи да се преселите во симпатичен свет каде фокусот е на одржување фарма и извршување бројни фармерски обврски. Откако ќе го дефинирате вашиот изглед и облека, ќе навлезете во шареноликиот свет на Fae Farm и ќе започнете чување слатки суштества, дружење со пријателско-настроени селани и сечење, кршење, копање, наводнување, собирање, создавање, поставување и уредување бројни работи.

На почетокот вашата фарма е скромна, а и парчето земја што ви се одстапува нема да направи никој да ви завиди. Поради тоа, потребно е да ги засукате ракавите и да започнете со озбилна офанзива. Добро е тоа што во ниеден момент не чувствувате никаков притисок и играта ја играте со темпо и на начин кој на вас највеќе ви одговара. За брзо време, ќе се најдете себеси како цепите дрва, кршите камења, и ја подготвувате земјата за садење култури.

Олеснето менаџирање
За пофалба е тоа што на располагање имате неограничен инвентар за складирање ресурси, нешто за што сме особено благодарни бидејќи се ежиме од помислата на бројните часови кои ги имаме посветено во другите игри за да селиме или бараме ресурси низ бројни ковчези. Исто така, во зависност од тоа што сакате да правите, дали цепење, кршење или сечење, алатката автоматски се избира. Дополнително, секогаш кога сте на вашата фарма и имате потреба од крафтање, вашиот личен инвентар се спојува со тој на фармата и се елиминира потребата за непотребно скокање низ два засебни инвентари.

Споредено со стандарните игри со управување со фарма, Fae Farm оди еден чекор напред со тоа што воведува магија и мајсторски исфрла бројни монотони механики, вадејќи се на магични решенија. Имено, покрај ситуацијата со инвентарот, алатките не само што можете да ги надградувате да бидат поефикасни туку и можете да ги облагородите со магични способности. Преку серија од впечатливи анимации, вашиот лик користи магија не само за да дојде до ресурсите на поефикасен, а со тоа и побрз начин, туку и за да ви покаже колку е кул севкупниот процес.

Самостојни или заеднички авантури
Целата игра максимално профитира од eye-candy ефектот, почнувајќи со едноставно, но грациозно трчање, скокање и пливање, па сѐ до понапредни магични изведби, особено откако ќе земете магично стапче, ќе научите магија-две и ќе започнете бројни пресметки со предизвикувачки непријатели. Никако не би смееле да ги забoравиме и сезоните и како промената на временските услови суптилно влијае на вашиот лик.

А, за да не се чувствувате осамено, Fae Farm ви дозволува да чувате најразлични крзнести пријателчиња. Нормално, животните се слатки, но не можат да пружат сѐ што би можел да посака вашиот дигитален аватар, па затоа, лесно ќе можете да се впуштате во градење и негување пријателства, па дури и љубовни интереси со NPC ликовите. Во духот на целата игра, ваквите интеракции се неодоливо слатки и пружаат бројни можности за симпатично дружење. За уште повеќе, Fae Farm се одликува и со солиден multiplayer.

Кога се работи за играње со вистински лица во Fae Farm, можете да испратите покана некој да ви се приклучи на вашиот свет или пак вие да одите на гости во нивниот. Кога и да сакате, пријателите можат да дојдат да ви помогнат за најразлични работи, а потоа вие да го направите истото за нив.

Огромно релаксирачко искуство
Како што сигурно забележавте, Fae Farm e комплексна игра со бројни активности. Најдоброто во сево ова е што нема никакви кратенки и девелоперите од Phoenix Labs се имаат потрудено да понудат одлично, забавно и, пред сѐ, релаксирачко искусто кое ќе трае со часови и часови. Одличната шаренолика графика, слатките анимации и милозвучната музичка подлога ќе бараат од вас често да се навраќате во светот на Fae Farm.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Phoenix Labs
- Издава: Phoenix Labs
- Жанр: Визуелен роман
- Платформа: Microsoft Windows, Switch
- Ќе излезе на: 8 септември 2023







