Кога тим составен од клучните девелопери зад легендарниот серијал Burnout ќе најави нова игра, очекувањата на гејминг заедницата стануваат искчлучително големи. Wreckreation, најновиот и најамбициозен проект на студиото Three Fields Entertainment е аркадна тркачка игра која се залага духовно да го воскресне целиот жанр. Дали успева во реализирање на таквата импресивна амбиција или пак само создава носталгичен данок кој е претежок за плаќање?

Во срцето на акцијата
Во Wreckreation, како и во сите други тркачки игри, најважното нешто, клучното нешто е управувањето со возилата. Доколку таквото нешто не е задоволително, останатите гејмплеј механики слободно паѓаат во вода. Овде, чувството при управувањето со возилата е пријатно стегнато, цврсто и крајно забавно, нудејќи задоволувачко аркадно искуство, иако, забележавме дека одредени гејмери не го делат истото мислење, карактеризирајќи го целото искуство како недоволно респонзивно и далеку од прецизноста која беше како трејдмарк во Burnout. Ние не би кажале дека тоа е навистина така, туку само дека се работи за поразлично, но задоволително искуство кое бара одредено време на навикнување.

Механиката на дрифтање, на пример, бара поразличен пристап за иницирање и контролирање, при што, доколку не внимавате, често може да наидете на фрустрирачки судири, а не на флуидни маневри. Возилата, пак се поделени во класи како Bruisers, Race Cars, Hyper Cars, и Off-road. Секоја класа со различни карактеристики и системи за засилување, додавајќи забавен слој на стратегија. Студиото TFE успешно ги има реплицирано карактеристиките на Burnout – Takedowns, Aftertouch, boost нудејќи релативно солидно исполирано чувство, кое е како комплексна интеракција на физика, камера и аудио-визуелен фидбек.

Системот за уништување, пак, познат како Takedowns, останува една од најсилните страни и верен омаж на серијалот од које видно инспириран. Задоволството од претворање на противниците во куп извиткан метал е присутно и го предизвикува истото чувство на адреналински хаос. Враќањето на Aftertouch, механиката која овозможува управување на уништеното возило по судирот за да се предизвика дополнителна штета, е, исто така, добредојден и високо ценет додаток. Моделот на оштетување е детален, а самите сцени на судири се одликуваат со визуелен и висцерален импакт. Понекогаш, физиката знае да потфрли и да стане несмасна, доведувајќи до непредвидливи и фрустрирачки резултати каде што судирите понекогаш не го даваат очекуваниот ефект.

Никако не би ја занемариле ни кампањата за еден играч. Обемна и со околу 150 настани (Takedown Races, Road Rage, Time Trials), кампањата се истакнува со прогресија која е директно инспирирана од системот на лиценци во Burnout Paradise, каде победите отклучуваат нови возила и, што е најважно, алатки за креирање.

MixWorld: Револуција во креативноста или празно платно?
Ако постои еден елемент што го дефинира Wreckreation, тоа е иновативниот систем наречен Live Mix. Се работи за функција коај е моќен уредувач кој работи во реално време, слично на Forge режимот во Halo или уредувачот во Trackmania. Преку овој уредувач можете во секое време да застанете и да почнете да градите, поставувајќи рампи, јамки, пречки, па дури и цели небесни патеки високо над мапата. Интерфејсот е релативно интуитивен за користење со контролер, но сега за сега немате опција за бришење на цела патека одеднаш.

Вистинскиот потенцијал се отклучува во мултиплеер, каде до осум играчи можат заедно да градат, да создаваат спонтани предизвици или еден играч да преземе улога на DJ Mixer, динамично додавајќи опасности за време на трка. Ова е надополнето со алатката GameDJ, која дава контрола на ниво на дебагирање врз светот – менување на времето од денот, временските услови и густината на сообраќајот, сето тоа во реално време со притискање на едно копче.

Wreckreation е фасцинантен експеримент на кој уште треба да се работи, особено во поглед на финото дотерување при возењето и уште повпечатливото сеење хаос. Но, тоа никако не ја спречува играта да се наметне како игра за ентузијасти кои сакаат да градат и да се натпреваруваат во хаотични, непредвидливи мултиплеер сесии. Доколку сте тврдокорен фан на Burnout и сте подготвени да ги толерира минимални технички проблеми, тогаш дефинитивно има што да најдете во бројните модови на Wreckreation. На крајот на денот, чедото на Three Fields Entertainment се истакнува како храбро љубовно писмо до една мината ера, кое, истовремено, нуди и фасцинантен поглед во иднината на дизајнот на игри управувани од самите играчи.








