Социјалните мрежи го променија начинот на кој што живееме, комуницираме и се информираме. Првенствено социјалните мрежи станаа дел од нашето секојдневие, а сега веќе нашето секојдневие е дел од социјалните мрежи.
И токму поради ова, социјалните мрежи се совршеното место за продажба на одреден производ и градење на одреден бренд. Но, што ако таргетот на брендот е генерацијата израсната онлајн на истите овие социјални мрежи?
Како што одминува времето, социјалните мрежи стануваат пренатрупани со најразлични производи, реклами, инфлуенсери и што уште не.
Веројатно нема ниту едно пренатрупано место кое што е и интересно во исто време. Па, ова е една од причините зошто Gen Z полека се префрлуваат од традиционалните социјални мрежи како Facebook и Instagram на социјални мрежи со главен фокус на заедница како Discord, Reddit и Twitch.
Gen Z преферираат социјални мрежи со фокус на заедница
Според истражувањето на Impero, 65% од Gen Z испитаниците се чуствуваат посигурно кога користат социјални мрежи фокусирани на заедница, наместо традиционалните социјални платформи.
Дополнителен фактор во оваа насока е и приватноста, традиционалните социјални мрежи не можат да се пофалат во овој дел, бидејќи податоците на корисниците се насекаде. 41% од испитаниците ги сметаат платформите фокусирани на заедница за посигурни во овој дел.
Важноста на онлајн заедниците
Сѐ повеќе млади се дел и сакаат да бидат дел од некоја онлајн заедница. Според истражувањето, 67% од испитаниците се активни членови на некоја онлајн заедница, а пак 82% сакаат да бидат дел од онлајн заедница. Како главна причина за желбата да се биде дел од некоја оналјн заедница е чуството на припадност.
Повеќе од половина испитаници се изјасниле дека гласот за заедницата е доста важен, а исто така го делат и мислењето дека приватноста е многу запазена.
Сѐ ова допринесува до креирање на повеќе микро онлајн заедници кои што им нудат поддршка во одредениот домен на своите членови.
Онлајн заедниците не се само за членовите
Кога кај Gen Z се појавува тренд на замена на веќе традиционалните социјални мрежи со социјални мрежи со фокус на заедница, во оваа насока и брендовите треба да планираат како да се прилагодат на овој тренд затоа што Gen Z не е ни малку мала група на потрошувачи.
До сега брендовите се бореа да бидат што е можно поприсутни на социјалните мрежи, но веројатно следниот нивен предизвик би бил повешто пронаоѓање на вистинските онјалн заедници на своите потенцијални потрошувачи. Народски кажано – Да се ловат риби во аквариум, наместо во море.








