Студиото Hyperstrange, познато по својот претходен наслов Blood West, влегува во популарниот survivorslike жанр со Hordes of Hunger. Но, студиото не се задоволува со стандарден Vampire Survivors клон. Наместо тоа, талентираните девелопери воведуваат тридимензионален аспект во формулата. Како резултат, добивате освежителен, крајно интензивен roguelite арена-слашер, каде се соочувате со бескрајни бранови на противници во обид да преживеете и да ја одбранете вашата земја.

Запрепастувачка глад
Приказната се одвива во земја опустошена откако незаситните орди излегле од морето и го опустошиле копното. Во оваа мрачна сцена, Мира е единствената која стои на патот на уништувањето, подготвена да ја брани татковината од неуморливиот напредок на ненаситната глад. Се работи за квалитетна приказна во која гласовите на ликовите им се целосно позајмуваат од квалитетни актери, трудејќи се максимално да понудат значаен увид во мистериозното потекло на злото и судбините на преживеаните.
Основната механика на играта е центрирана околу преживувањето во арена против сѐ поголем број и посилни типови на монструми. Низ годините пишувавме за многу вакви игри, но, за разлика од многу наслови во жанрот, Hordes of Hunger е претставена во целосно 3D опкружување, што додава нова димензија на тактичкото планирање. Играчите се охрабруваат да ја користат околината – вклучувајќи тесни премини, повишени позиции и објекти што можат да се уништат – за да создадат стратешки предности против надмоќните непријателски сили.

Пред почетокот на секој ран, имате можност да ја прилагодувате вашата опрема, избирајќи меѓу различни оружја за борба одблиску и специјални напади. Ова овозможува флексибилност во креирањето на стилот на игра, од брзи напади со меч до побавни, но помоќни удари со чекан. Прогресијата е типична за roguelite жанрот: со секое ниво што се добива за време на игра, можете да стекнувате и надградувате десетици различни вештини, креирајќи уникатни и моќни комбинации. Овие вештини шетаат низ офанзивни способности за масовно уништување на противниците, како и дефанзивни опции за зголемување на преживувањето.

Покрај примарната цел за преживување на брановите, играта вклучува и секундарни цели како комплетирање мисии и спасување на други преживеани. Овие елементи не само што обезбедуваат дополнителни ресурси за прогресија, туку и служат за развој на наративот и поврзување со неколкуте преостанати ликови во опустошениот свет, додавајќи длабочина и мотивација покрај едноставното уништување на непријатели.

Мапите се прекрасно осмислени, нудејќи многу тактички опции за повлекување и преиспитување, низ најразлични интересни локации кои одлично се вклопуваат со тонот на приказната. Атмосферата е дополнително засилена со музиката, која со своите тешки, вознемирувачки тонови предизвикува длабока вознемиреност. Со оглед на тоа што Hordes of Hunger e достапна преку Early Access на Steam, може да се очекува дека играта ќе се развива и ќе добива нови содржини врз основа на повратните информации од заедницата. Комбинацијата на 3D акција, roguelite елементи, детективски аспекти преку спасување и истражување на приказната, и фокусот на тактичка борба во арена ја прават Hordes of Hunger интересен предлог за љубителите на жанрови кои бараат интензивна борба и високо ниво на повторливост.
- Платформи: PC (Steam)
- Развивач: Hyperstrange
- Издавач: Kwalee
- Жанр: Roguelite, Арена Слашер, 3D Action Survivorslike
- Датум на издавање: 6 мај 2025 (Early Access)







