The Lonesome Guild ви дозволува да започнете патување со емоционалната поврзаност и другарството. Преку градење тим од невообичаени херои, ќе дадете се од себе за да ја победите осаменоста што го има голтнато светот. Чедото на Tiny Bull Studios и DON’T NOD е храбар обид да се комбинира класичната RPG акција со длабока и трогателна приказна за заедништвото. Од она што го видовме, луѓето имаат успеано во таквата мисија, нудејќи исклучително пријатна и незаборавна авантура.

Духовно патување
Приказната ве става во улога на Дух, етерично суштество кое се буди без никакви сеќавања во светот Етере. Светот е обвиткан во мистериозна магла која е, всушност, физичка манифестација на осаменоста. Ваквата осаменост ги има корумпирано сите суштества, претворајќи ги во непријателски настроени сенки на она што некогаш биле.
Вашата мисија е да ја откриете вистината за сопственото минато и да ја запрете оваа закана, но тоа, како што можеби веќе претпоставувате, не можете да го направите сами.
Патувањето ве води низ разнобојни, но меланхолични предели каде што ќе сретнете група на уникатни ликови. Секој од нив е со различна приказна и мотивација, со по некој внатрешен демон кој ги спречува да го реализира вистинскиот потенцијал. На вас се остава да ги обедините овие изгубени души и да создадете непоколеблив сојуз. The Lonesome Guild успешно го преплетува главниот заплет со личните приказни на вашите соборци, правејќи го секој разговор и секоја споредна мисија значаен дел од целокупното искуство.

Креативни скокови
Во The Lonesome Guild, наместо да се држите до еден протагонист, играта ви овозможува беспрекорно да се префрлате помеѓу шест различни членови на вашата дружина во секое време, како во борба, така и при истражување. Ваквата системска флексибилност отвора врата за огромна стратешка длабочина и бројни креативни експериментирањеа. Имено, можете да започнете напад со лик кој специјализира за борба одблиску, а веднаш потоа да се префрлите на стрелец за да елиминирате закани од далечина.
Одредени други ликови се одликуваат со специјални способности кои се, пак, од клучна важност за решавање загатки или за премини во тешко-достапни места. Напредувањето е директно поврзано со односите што ги градите. Како што вашето пријателство со членовите на тимот расте, така отклучувате нови, моќни комбинирани напади и синергии. Поради тоа, инвестирањето време во разбирањето на вашите пријатели и помагањето да ги надминат нивните лични предизвици не е само опционално, туку клучно за зајакнување на целиот тим.

Бајковито искуство
The Lonesome Guild има создадено прекрасен контраст помеѓу својата тема и презентација, нудејќи графички стил кој е живописен, шарен и со рачно нацртан изглед. Оваа визуелна топлина е во директна спротивност со мрачната и меланхолична атмосфера на осаменоста што се обидувате да ја победите. Дизајнот на ликовите е ексцентричен и полн со шарм, дозволувајќи ви инстантно да се поврзете со нив. Звучната подлога игра клучна улога во поставувањето на емотивниот тон, со нежни мелодии кои го придружуваат истражувањето и разговорите, кои прераснуваат во динамични и напнати композиции за време на интензивните битки. Звучните ефекти се исто така добро изработени, давајќи очекувана тежина и задоволство на нападите и способностите.

Уникатен систем за градење односи кој е директно интегриран во прогресијата
The Lonesome Guild е игра која од срце им ја препорачуваме на сите што бараат квалитетен и уникатен RPG наслов. Ако сте уморни од игри кои бездушно се фокусираат само на акција и сакате искуство со длабока приказна и харизматични ликови, тогаш ова е игра која не би требало да ја заобиколите. The Lonesome Guild доаѓа од тим кој цени иновативност, емотивна длабочина и шармантен свет. Сигурни сме дека нивната креативна визија ќе најде соодветна публика и дека долго време ќе се истакнува како квалитетен наслов на инди-сцената, докажувајќи дека заедништвото и надежта можат да бидат најмоќните оружја во борбата против секоја темнина.








