0 коментари 5 мин. читање 9 ноември, 2023

This Bed we Made е кратка, но одлична мистериозна авантура со впечатлива приказна и харизматични ликови

Додека уште не држи треската од The Invincible, решивме да навлеземе во уште една филмска авантура, овојпат од трета песпектива. This Bed we Made значително се разликува од The Invincible. Едната игра е сместена во 50те години на претходниот век, а другата е стотици и стотици години во иднината (и на целосно друга планета). Згора на тоа, This Bed we Made се игра во трето лице, а The Invincible е во прво. И како последна точка, приказните не би можеле да се поразлични. Најверојатно поради тоа што наизменично ги игравме и скокавме од едната кон другата, сепак успеавме да наидеме на една клучна работа што е идентична и кај двете игри: моќната, филмска презентација.


Како и The Invincible, така и This Bed we Made успева целосно да го обземе играчот и да го вовлече во богатиот универзум кој е полн со мистерија, интрига, виновни задоволства и, најважното од сѐ, донесување одлуки кои имаат огромни последици. Сето ова е толку добро вклопено во една филмска продукција од високи вредности и, за брзо време, ќе соживеете со проблемите на ликовите околу вас, а љубопитноста ќе ве турка се подлабоко и подлабоко во приказната.

Кратко, но слатко задоволство

Развојното студио Lowbirth Games, не го крие фактот дека This Bed We Made e кратка игра и дека, во зависност од вашиот стил на играње, ќе ви треба од три до шест часа за да откриете сѐ што има играта. Нам ни требаа 5 часа за да конечно и кажеме збогум, но, тие 5 часа се полни со активности; од наједноставни работи кои се замислени имерзивно да ве потопат во 50те години, па сѐ до тензични моменти кои се од животна важност.

Она што би можеле да кажеме за приказната е дека играте со Софи, 21 годишна девојка која работи како собарка во хотелот Кларингтон. Софи е симпатична, паметна, но повлечена девојка. Тоа не ја спречува, меѓутоа, да биде исклучително љубопитна, да прислушкува разговори на гостите и другите вработени, како и да ѕирка и чепка онаму каде што си нема работа. Како што можеби претпоставувате, сево ова доаѓа со цена и Софи ќе се најде вовлечена во убиство обвиткано во мистерија која се заканува значително да ги смени животите на сите засегнати, а и да открие многу други тајни во процесот.

Целата приказна во This Bed We Made не потсетува на кула од карти, каде сте принудени да вадите карта по карта, притоа трудејќи се да не ја срушите кулата. Ќе истражувате најразлични места, ќе решавате загатки и, надоброто од сѐ, ќе разговарате со вработените и гостите, ќе работите на подобрување на вашите односи и ќе донесувате значајни одлуки со озбилни последици. Дури и она што нема да го направите може да има огромна последица. Развојното студио Lowbirth Games уште на почетокот потенцира дека и: секоја акција, секоја врата отворена, па дури и начинот на кој ги чистите собите, ќе има одредена последица низ текот на играта.

This Bed we Made не е без мани и одредени движења и анимации беа на моменти исклучително неисполирани и крути; до тој степен да нѐ потсетуваа на кукла управувана со конци, а не на игра од 2023 година. Дополнително, во одредени моменти камерата знаеше лошо да се постави и да не го прикажува баш она што сакавме да го видиме. Ова, меѓутоа, се мали мани и никако не ја кршат моќната филмска презентација, како и впечатливата глума.

На Steam, играта веќе ужива 91% позитивни рецензи и бргу преминува во една од најдобрите филмски мистерии на годината. Имајте во предвид дека ова е игра за возрасни лица затоа што се споменуваат и прикажуваат вознемирувачки и проблематични животни проблеми. Како вистинска драма во која вие ги држите сите конци, This Bed we Made е феноменално и незаборавно патување кое долго ќе го паметите откако ќе го завршите.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Lowbirth Games
  • Издава: Lowbirth Games
  • Жанр: Авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 1 ноември 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.25
  • Приказна: 10
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 10
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top