Kill Knight е аркаден акциски шутер од изометриска перспектива. На прв поглед, би можеле да помислите дека се работи за генеричен шутер во кој се спротивставувате на легија од непријатели. Но, Kill Knight е многу повеќе од тоа. И многу помалку. Ова е топол-ладен продукт кој од една страна ветува многу со феноменалните борбени механики, но не успева на ниеден начин да ве заинтригира со некаква приказна. Она што добивате се впечатливи и адреналински битки на тесни мапи кои органски се менуваат и воведуваат нови опасности со текот на времето. Но, дали е тоа доволно?

Патот до пеколот…
… е поплочан со одлични битки, нели? Kill Knight има феноменален систем за битки. Ликот со кој играте се движи како вистински ветеран, пролетува од една кон друга страна на бојното поле, избегнува напади и темпира можности за користење пиштоли, мечеви, тешко оружје, и уникатни моќи. Да почнеме од почеток.
Со по еден пиштол во рака, решетате се што ќе ви излезе, а за време на репетирањето имате QTE и доколку претиснете соодветно копче во соодветен момент, ќе можете привремено да го зголемите интензитетот на куршумите и да бидете значително подеструктивни. Доколку некој се осмели да ви се приближи, имате можност да го искасапите со мечот. Откако ќе убиете доволен број од непријатели на овој начин, ќе можете да го забодете мечот во земја, да направите да експлодира деструктивен круг околу вас и да паѓаат смртоносни проектили.

Покрај овие два вида на оружја и способности, имате на располагање и тешки оружја. Но, нивното користење бара посебна муниција која се добива само доколку елиминирате непријатели со мечот. Преку комбинирање на сите овие работи, ќе биде потребно константно да убивате брзо и ефикасно, да собирате поени, но и крвави камења кои ја зголемуваат ем вашата брзина ем вашите напади. Паралелно со ова, ќе можете да активирате дополнителни моќи како бесно пулсирање, контра напади, детонирање одредени оклопи, или пак фокусирање на слаби точки, зашеметување на непријателите и брзо ликвидирање со само едно копче.

Мапите на кои играте се исклучително мали, со што не можете баш премногу да се движите. Заборавете на какво било истражување на мапите, зборување со ликови, откривање тајни или решавање значајни квестови. Ова е игра во која 70% енергија е посветена на битките, а 30% на динамичното менување на мапите. На што мислиме? Кога ќе навлезете во некоја од мапите, имате за задача да убивате што е можно непријатели.
Тука и таму, ќе имате и одредени предизвици, како да убиете 200 непријатели со зголемена ефикасност на пиштолите (како при ефикасно репетирање), да детонирате осум непријателски оклопи, да соберете 200 здраствени парчиња и слично. Ништо посебно, чисто колку да се каже дека ви се дава нешто плус за работа. Како напредувате низ мапата, така самата мапа се менува; на една страна ќе се прошири, на друга ќе се стесни, делови ќе се изгубат или ќе бидат заменети со замки. Целта е да се понуди поразлична и попредизвикувачка акција со секое ваше понатамошно напредување.

Ова е супер, но, за нас, никако не е доволно. Kill Knight е одлична игра, но треба да биде во можност да понуди вистински и долги стази, достојна приказна, харизматични ликови, впечатливи меѓу-секвенци, драма, истражување, a не само ова… Можеби ова била мисијата на авторите – брза акција на едни динамични, но ограничувачки мапи. Размазени од одличните битки и феноменалните комбинации во Kill Knight, не можеме, а да не посакуваме нешто повеќе од ова. Вака како е, Kill Knight е супер игра, со (неискористен) потенцијал и ветување за нешто што би можело да биде многу повеќе, а не е.




Повеќе детали за играта
- Произведува: PlaySide
- Издава: PlaySide
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 2 октомври 2024







