RealityScan е најновата бесплатна апликација на семоќните Epic. Со неа, можете да скенирате најразлични предмети од вистинскиот свет и да ги префрлите како 3D модели за во игри. Подолго време, апликацијата беше во бета, за да конечно сега е достапна на сите заинтересирани iOS корисници.
За да скенирате, односно префрлите некој предмет во неговата дигитална 3D алтернатива, потребно е да го сликате предметот од што е можно повеќе страни. Самата апликација ве води за време на фотографирањето и која страна треба повнимателно да биде покриена. Во реално време добивате увид за тоа како е скенирана формата, а, во моментот кога сте задоволни, можете да ја префрлите во Sketchfab – познатата платформа за споделување тродимензионални модели.
Според Epic, сите што ќе постават скен од предмет од RealityScan во Sketchfab, ќе добијат цела година бесплатна претплата на SketchFab Pro. Од Sketchfab, пак, лесно можете да го префрлите моделот во Unreal Engine и од тука да продолжите со понатамошна интеракција.
Се работи и на Android верзија.







