Иновација од потреба: Како Ѓорѓи Димески ги прави достапни информациите за лекови во Македонија

Ѓорѓи Димески, софтверски инженер и дипломец на ФИНКИ, веќе три години активно работи на различни продукти, стекнувајќи искуство во развојот на серверски, веб и мобилни апликации. Ѓорѓи е автор и на мобилната апликација „Регистар на лекови“, решение кое става крај на зависноста од странски и застарени апликации за македонските медицински лица и граѓани.

Со Ѓорѓи разговаравме за неговата работа на „Регистар на лекови“, за технологијата која ја користи и за иднината на апликацијата.

Ѓорѓи Димески

Инспирација или предизвик, што те мотивираше да ја креираш апликацијата „Регистар на лекови“?

Ваква мобилна апликација не постоеше во Македонија. Медицинските лица користеа (и сè уште користат) алтернативни апликации од соседните земји. Со тоа, од една страна се форсирани да користат податоци кои не се најрелевантни за Македонија, и од друга страна се на туѓ јазик.

Министерството за здравство одржува онлајн регистар на лекови на https://lekovi.zdravstvo.gov.mk, од каде всушност и ги земам податоците. Но, самата веб апликација има застарен дизајн што повеќе прилега на 2010 година отколку на 2025. Корисничкото искуство на компјутер е минимално, а на мобилен телефон дури и непостоечко. Настрана од самиот дизајн, стабилноста на апликацијата е слаба и често е недостапна.

Со мојата апликација, сакам да помогнам да се решат овие проблеми.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи при собирањето и одржувањето на податоците за лековите и аптеките, со оглед на тоа што си независен развивач?

Собирањето не беше комплицирано. За повеќето податоци, серверот на lekovi.zdravstvo.gov.mk враќа HTML документ кој што го процесирам. Нешто што ми остави импресија е што имаше одредени барања, на пример за детали на аптеките, за кои што серверот враќа JSON кој содржи HTML во структурата. Така требаше да правам дупло парсирање. Освен процесирање на податоците, требаше да се погрижам самото автоматизирано собирање да биди отпорно на нестабилноста на онлајн регистарот.

За моја среќа, се чини сајтот не е ажуриран од 2012 па не сум имал потреба да менувам нешто во процесот на собирање последниве 2 години.

Зошто изборот за развој на апликацијата падна на Flutter и како тоа влијаеше на процесот на ажурирање и корисничкото искуство?

Го одбрав Flutter бидејќи нуди добра рамнотежа меѓу развивачка ефикасност, конзистентност низ платформите и перформанси. Прво, со единствен код за повеќе платформи лесно може да се развива за многу уреди. Иако иницијално апликацијата е достапна само за Android уреди, во иднина лесно може да се смени тоа. Корисничкиот интерфејс е конзистентен низ сите платформи до секој пиксел. Самото развивање со Flutter е брзо бидејќи има многу алатки што овозможуваат брзо итерирање низ функционалности и интерфејси што лично го немам видено кај други рамки за развој на мобилни апликации. Нажалост, Flutter апликациите знаат да бидат поголеми од други решенија, но ова не беше проблем за мене бидејќи самата апликација нема многу различни екрани па разликата би била минимална. 

Освен Flutter, кои други технологии и алатки ги користиш во позадина (backend) за складирање, управување и испорака на податоците?

Собирањето на податоците и самото API се развиени со .NET и C#. Базата е PostgreSQL, и сето е хостирано на мал VPS на Hetzner. За собирањето на податоците ми помогнaа Html Agility Pack и Quartz пакетите. 

Како ја решаваш потребата за ажурирање на податоците за лековите и аптеките?

На серверска страна процесот на собирање и ажурирање на лековите е целосно автоматизиран. Ажурирањето на податоците се случува еднаш неделно. 

Притоа, внимателен сум да не го оптоварувам системот на онлајн регистарот. Ажурирањето се случува во доцните часови кога не очекувам да има многу корисници и барањата кон серверот ги распределувам во подолг временски период.

Дали имплементираше некои дополнителни мерки за зголемена доверливост на информациите во апликацијата?

Доверливоста на податоците ми е голем приоритет. Затоа редовно ги ажурирам податоците и на самата мобилна апликација има повеќе врски до онлајн регистарот каде што корисниците лесно можат да направат препроверка ако има потреба. Во деталите на лековите транспарентно е прикажано кога лекот е последно ажуриран, и од каде се црпени податоците.

Каква е реакцијата на корисниците откако ја лансираше апликацијата, а особено по последното ажурирање на корисничкиот интерфејс?

Иницијалното лансирање на апликацијата беше во 2024, тогаш добивав пофалби бидејќи ваква апликација била многу потребна во Македонија. Исто така се задоволни што повеќе не се ограничени од официјалниот онлајн регистар.

Новиот интерфејс беше добро прифатен и добредојден. Претходно често добивав критички коментари за празниот екран пред да направиш пребарување, а сега на екранот има предлози за пребарување и лесен пристап до претходните пребарувања. 

Дали имаш информации за тоа како корисниците најчесто ја користат апликацијата?

Сè уште немам поставено таква аналитика на апликацијата. Немам намера да собирам такви податоци од корисниците, и засега ми се доволни индикаторите што ги нуди Play Store Console. 

Дали имаш планови за идни надградби или нови функционалности во апликацијата?

Често сум добивал барања од корисници за информација во кои аптеки е достапен некој лек. Ова претходно ми беше незамисливо бидејќи би морал да барам пристап за овие информации директно од аптеките. Но, неодамна со новиот закон каде што аптеките се обврзани да ги објавуваат производите онлајн, се отворија вратите и за оваа функционалност. Сепак, ова е за на долг рок бидејќи не е едноставен подвиг. 

На пократок рок имам замисла за функционалност за лоцирање на аптеки на мапа, по близина. Освен тоа, новата алатка на Microsoft – markitdown, ми даде идеја да ги процесирам документите (моментално ги има само во pdf формат) за да овозможам нивен поприроден преглед на телефон и подобро пребарување.

Бидејќи апликацијата е изградена со Flutter лесно можам да ја објавам и на App Store за да биде достапна и за корисници со iPhone телефони. Не сум го презел тој чекор бидејќи за пристап до App Store мора да се плаќа доста голема годишна претплата, но можеби во иднина ако се популаризира апликацијата ќе го преземам тој чекор.

Размислуваш ли за монетизација на апликацијата во иднина, и доколку да, на кој начин би го направил тоа за да не влијае негативно на корисничкото искуство?

Не би сакал да ја монетизирам апликацијата. Ја правам од ќеф за општо добро, и единствено би прифатил донации или поддршка за одржување и претплати.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments