Пронајдете ново место од кое може да работите со FreelanceSkopje на Маја Атанасоска

Ако сакате да избегате од истите четири ѕида дома и барате место каде што навистина ќе можете да се фокусирате и да завршите работа, веројатно веќе знаете колку е тешко да се пронајде добра локација. Токму како решение на овој проблем се роди FreelanceSkopje: интерактивна, стилизирана пиксел-арт мапа која за само 24 часа ги заинтересира локалните фриленсери. Креатор на апликациајта е Маја Атанасоска. Таа е сопственик на дизајн студиото Flowify, UX/UI дизајнер, креатор на едукативни содржини за дизајн на македонски јазик преку нејзиниот профил @percalus.design. Покрај ова Маја е и автор на првата интерактивна книга за UX/UI дизајн кај нас. На јавноста ѝ е позната и како дизајнер во победничкиот тим Мелиус, кој ја претставуваше Македонија на натпреварот во Берлин.

FreelanceSkopje  започна како идеја чувана во „фиока“ неколку години, но сега веќе е функционален производ кој е целосно „вајб кодиран“ со помош на Claude. Изработен во Canvas за да се зачува уметничката визија на Маја инспирирана од старите Mame32 игри, сајтот ве тера и самите да се прошетате низ градот во потрага по добро локација за работа и подобро кафе.

Со Маја разговаравме за балансот креирањето на мапата, за тоа како изгледа соработката со AI, зошто не искористи Google Maps API и како заедницата сама може да почне да решава некои од своите проблеми.,

Маја Атанасоска

Како се роди FreelanceSkopje?

Идејата ми стоеше во „фиока” веќе добри три-четири години. Настана како решение на еден проблем со кој се соочував: кога ќе ми здосадеше да работам од дома, сакав да најдам некое добро место каде што ќе седнам и ќе поработам. Ама кога отвораш Google Maps, ти покажува сè и сешто, па на крај и се откажуваш (хаха). Од друга страна, размислував и малку поопширно зошто ова да не биде корисно и за фриленсерите, и за студентите што сакаат да учат, и за туристите што се тука и бараат добро место за работа. А туристи реално има во доста голем број. Така, пред месец дена повторно ми дојде идејата, не чекав повеќе и веднаш го купив доменот, па започнав со изработката на самиот вебсајт.

Кои беа твоите критериуми за едно место да се најде на мапата (брзина на интернет, струја)? 

Искрено, за приклучоци за струја и за интернет не размислував премногу. Тоа е нешто на кое моментално работам и што допрва треба да го додадам на самиот сајт, како extra checks за секое кафуле, за кога ќе го отвориш да имаш некаква претстава и очекувања однапред. Главниот критериум ми беше атмосферата. Дали е мирно, дали навистина има шанса да се фокусираш додека работиш. Кај нас повеќето места се со гужва и многу е тешко да се фокусираш на работата, затоа баш гледав местото да ти дозволи да седнеш и да заборавиш на сè околу тебе.

FreelanceSkopje изгледа одлично, како ти дојде идејата за изгледот? 

Најпрво, ви благодарам за фидбекот! Уште од мала, додека играв Mame32, отсекогаш сум била фасцинирана од pixel art. Како што спомнав, пред околу месец дена за првпат, во слободно време, почнав да си правам скици за самиот дизајн како би изгледале карактерите, што би имало, а што не. 

Има еден познат термин кај Gen-Z, а тоа е да не бидеш NPC (non-player character), односно да не бидеш на аутопилот. Оттука дојде и идејата – кога ќе дојдеш на сајтов, ти си главниот карактер. Има главно карактерче кое всушност си ти: се шеткаш низ градот, пиеш кафе, разговараш (ќе видите како карактерите разговараат меѓусебно), работиш. 

На крај, кога не можам да најдам баланс, кај личните проекти секогаш се фокусирам на изгледот  го гледам повеќе како начин да ја искажам мојата уметничка страна. И благодарение на AI и на можноста сето ова да се реализира, се нафатив сама да ги правам карактерите во Aseprite (апликација за pixel art). Таму ги скицирав кафулињата и човечињата како би изгледале и потоа му ги предадов на Claude само технички да ги вклопи и да ги внесе во дизајн-системот на страницата.

Зошто избра HTML, JavaScript и Canvas наместо готови решенија (како Google Maps API)? 

Првичната верзија ја започнав класично, со HTML, CSS и JavaScript. Но, да бидам најискрена и без разлика на критиките што би можела да ги добијам, во еден момент свесно одлучив целиот проект да биде целосно „вајб кодиран”. Сакав што е можно побрзо да го искористам потенцијалот на моделот Fable и да видам колку брзо можам да стигнам од идеја до функционален производ. За мене ова беше можност да експериментирам со нов начин на развој, а не ограничување во знаењето.

Кога ја разработував идејата, ја дискутирав со Claude, кој ми предложи неколку технички пристапи. За ваков тип апликација без back-end, без база на податоци и со исклучиво front-end функционалност ми препорача HTML, JavaScript и Canvas како најсоодветно решение. Ми се допадна таа логика и одлучив да ја следам, па понатамошниот развој го продолжив целосно со AI-assisted пристап.

Свесно избрав да не посегнам по готово решение како Google Maps API, бидејќи целта на мојата мапа не е навигација, туку визуелна презентација, стилизирана, курирана мапа на внимателно избрани локации. 

Google Maps го наметнува својот сопствен изглед и е наменет за реална геолокација и рутирање, што мене не ми беше потребно, а истовремено би ми ја одзело слободата мапата да ја обликувам според сопствениот визуелен идентитет. Со Canvas имам целосна контрола над секој елемент и над естетиката на проектот. Мојот пристап е целосно самостоен: се извршува во прелистувачот, се деплојира како обична статична страница и е побрз и полесен за вчитување. На крајот, токму ваквиот избор градење од нула наместо потпирање на готов алат се вклопуваше со мојата првична намера да учам, да експериментирам и да имам целосна сопственост над резултатот.

Како изгледаше процесот на соработка со Claude? Помогна повеќе со визуелниот дел или со логиката и чистењето на кодот? 

Како што спомнав, имам инсталирано Claude Code како екстензија во VS Code. Го користам VS Code како IDE бидејќи има повеќе можности, можеш да отвораш специфични фолдери и да му дадеш да работи токму во нив, па така чува меморија и го задржува контекстот од тоа што сме зборувале претходно. Околу визуелниот дел не ми помогна многу, би рекла скоро нималку. Сето тоа го имав речиси целосно скицирано – како сакам да изгледаат assets-ите: човечињата, куќичките, мапата, текстот, страничниот бар, картичките со информации. Му ги предадов така што едноставно ги оставив во самиот фолдер, а тој ги анализираше, сфати што сакам, ми предлагаше што би требало да користиме и го оставив да работи. Значи логиката и склопувањето беа негов дел, а изгледот и идејата си беа целосно мои.

Колку време ти одзеде кодирањето и „финализирањето”?

Како што кажав, идејата постои веќе три-четири години. Ама официјално, assets-ите во Aseprite ги направив околу еден месец пред првиот разговор со Claude за овој проект, а самото „вајб кодирање” ми траеше околу недела дена. Првично го направив со моделот Fable 5, кој беше реално абнормално моќен за тоа што ми требаше мене. Потоа го ограничија (сега повторно е достапен), па правев поправки уште околу недела дена, некаде по еден саат дневно. Ќе забележев нешто што сакам да го променам или некој мал баг, и само ќе му спомнев да го реши. Понекогаш ќе утнеше, па одевме одново, и така back-and-forth една недела додека не стигнав до резултатот што го сакав.

Како планираш да го менаџираш проширувањето на цела Македонија, со оглед на тоа што заедницата веќе праќа предлози?

Пред сè, морам да напоменам дека сум позитивно изненадена од огромниот интерес, бидејќи, најискрено, не очекував толкав одзив и тоа е најубавиот „проблем” што можеш да го имаш. 

Технички, моментално мапата е направена само за границите на Скопје, па ширењето кон другите градови значи дека ќе треба да ги прошириме и мапата и податоците и за нив, град по град. Логистички, планот е сè да оди преку прашалникот што сакаме да го вградиме во самата страница (за тоа поопширно подолу). Луѓето ќе предлагаат места, заедницата ќе гласа и ќе потврдува, а јас ќе имам последен преглед за да не се изгуби тој hand-picked квалитет бидејќи поентата не е секое кафуле да се одобри, туку само тие на кои навистина може да се работи. 

За back-end делот и базата на места ќе се потпрам на девелопер (пријател) што веќе се вклучи, оти тука не сакам сè да оставам на Claude. Токму тоа ми укажува дека кај нас има луѓе што навистина се заинтересирани, не мора за фриленс, туку за каква било индустрија и интерес. 

Сакам да им потенцирам на сите: го имате AI на располагање и можете да направите многу работи (секако, не сè да му оставите нему). Ако сте воочиле некој проблем, а нема софтверско решение за него, или пак постои ама не е доволно, можете во слободно време да направите нешто со AI и да го решите. И сами да одлучите дали да биде профитабилно или не оти, реално, зошто да не? Заедницата и сите што сакаат да поддржат ќе бидат тука секогаш. Само ако си помагаме меѓусебно, само тогаш ќе ја унапредиме и дигитализираме Македонија. Сè треба од нас да почне.

Дали ќе го задржиш рачниот филтер за местата кои навистина се продуктивни и „laptop-friendly”? 

И да, и не. Рачниот филтер не го напуштам, тој е токму она што гарантира дека на мапата ќе влезат само местата на кои навистина може да се работи, а не да се стави секое кафуле по ред. Ама повеќе нема да зависи само од мене: како што спомнав, планот е прашалникот да го вградиме во страницата, па заедницата да предлага и да гласа, а јас да имам финален преглед. Така „laptop-friendly” квалитетот го чуваме заеднички и јас, и луѓето што секојдневно ги користат тие места.

Дали планираш нови функционалности во иднина (филтрирање по градови, пребарување, коментари, оцени за интернет)? 

Да, тоа баш ми е во план. Планирам да го сменам и името Freelance Skopje за да се фокусираме на цела Македонија – желбата за ширење низ другите градови е голема и тоа веќе е во тек. Сакам да додадам можност корисниците да се логираат ако сакаат, да оставаат reviews и оцени за интернетот. Ми пишаа и неколку луѓе од други држави што би сакале вакво нешто и кај нив, така што ќе видиме каде ќе нè однесе сето тоа.

За крај, кое е твоето омилено „slow-morning” место во Скопје?

Plaza de Toros ќе ми биде секогаш #1. Атмосферата е супер, а храната одлична; баш место каде што без брзање можеш убаво да го започнеш денот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments