Crashlands 2 нè враќа во шарениот и непредвидлив универзум на Butterscotch Shenanigans, каде што галактичкиот камионџија Флукс Дејбс повторно се наоѓа во незавидна ситуација. По неколку години поминати како заштитно лице на бирото за транспорт, Флукс се враќа на планетата Woanope со надеж за мирен одмор. Сепак, неговите планови нагло се прекинуваат кога мистериозна експлозија го приземјува на непознат дел од планетата, отсечен од своите пријатели и соочен со дивината.

Melting pot
Woanope е претставена како турли-тава од планета. Уште во првите неколку минуту ви се отвора огромен и пребогат свет каде имате за задача да истражувате разновидни екосистеми, да стапувате во интеракција со чудни суштества и да се запознавате со различни вонземјански култури. Секоја зона се одликува со карактеристични убавини и опасности, отворајќи простор за бројни значајни интеракции.

Централен елемент на играта останува системот за правење најразлични работи, односно crafting. Уште на самиот почеток ќе започнете со собирање ресурси и ќе откривате рецепти за изработка на широк спектар на алатки, оружја и еликсири. Ова овозможува персонализиран пристап кон борбата и решавањето на проблемите. Па така, ќе можете тајно да ги елиминирате противниците со стапици и оружја од далечина. Во случај да сакате да живеете опасно, ќе можете да се впуштите во директна борба со помош на посебни напитоци и необични оружја. Што и да правите, Crashlands 2 е игра која нуди доволно флексибилност за различни стилови на игра, особено во поглед на кспериментирање со различни предмети на еден хумористичен и крајно креативен начин (како претворањето риби во експлозиви).

Дома надвор од дома
Покрај истражувањето и борбата, значаен дел од искуството во Crashlands 2 е и градењето на сопствена база. Ова засолниште ќе служи како место за одмор, создавање нова опрема, па дури и за одгледување на растенија или пак грижа за скротени суштества. Токму така, низ светот ќе наоѓате посебни јајца кои од кои ќе може да се изведат најразлични сопатници. Доколку правилно се грижите за нив, таквото нешто ќе ви биде десеткратно вратено откако ќе пораснат во импозантни суштества. Овој аспект на играта е солидно разработен, додавајќи елемент на персонализација и можност да си создадете ваш личен и уникатен простор во светот на Woanope.

Низ вашите патувања, ќе сретнете различни вонземјани, секој со свои приказни, вештини и цели. Градењето на пријателства со овие ликови не само што влијае на поголема имерзија, туку и отклучува нови можности за создавање и напредок. Можноста за наоѓање, изведување и одгледување на сопствени суштества-придружници додава уште еден слој на ангажираност, бидејќи овие суштества ќе можат да помогнат во борба и истражување.

Crashlands 2 ги зема сите успешни елементи од својот претходник и ги надградува со поголем свет, продлабочени механики и уште повеќе од карактеристичниот хумор кој е препознатлив за развојното студио Butterscotch Shenanigans. За љубителите на RPG авантури со отворен свет каде акцентот не е само на борба туку и на собирање ресурси, создавање предмети и интеракција со уникатни ликови, ова продолжение ветува многу часови забава.







