За проверка на вашето познавање англиски зборови постојат најразлични тестови, но досега немаме наидено на тест како тој од универзитетот од Гент.
Откако ќе го посетите сајтот потребно е да создадете профил преку одговарање десетина прашања за вашата возраст, пол, и познавање јазици, одговори кои им помагаат за понатамошни истражувања на научниците од универзитетот. Доколку не сакате да одговорите на прашањата, едноставно одете на Save my profile, па на Start the test. Потоа, потребно е да ги поставите прстите на F и J копчињата. Штом претиснете spacebar тестот ќе започне, но вие треба да имате во предвид дека доколку го знаете зборот да претиснете J, а доколку не го знаете зборот да стиснете F.

На изглед остава впечаток на едноставно осмислен тест, кој би требал да ви одземе неполни пет минути, но логиката зад тестот е цврста и навистина знае да процени колку сте јаки во поглед на англискиот вокабулар. Тоа е затоа што некои од зборовите се вистински, но некои се целосно измислени. Тестот прикажува стотина зборови, а откако завршите со нив лесно ќе добиете увид за тоа колку сте „вокабуларно потковани“. Со секое наредно започнување на тестот, добивате малко поразлични зборови.







