Би било чудно и исклучително непрофитабилно за Rockstar да не ја издаде долгоочекуваната Red Dead Redemption 2 за PC. И покрај ова, издавачот во ниеден момент не потврдува дека играта ќе се појави за PC.
Еден девелопер, меѓутоа, ги обелодени плановите за PC верзијата на LinkedIn. Девелоперот работи за Rockstar веќе неколку години и на неговиот профил можеше да се забележи дека работел на GTA V и L.A. Noire, а моментно работи на Red Dead Redemption 2. Интересно е тоа што помеѓу наведените платформи стои и дека работи на PC верзија за Red Dead Redemption 2.
Набргу по откривањето на информацијата, програмерот ја отстрани PC ознаката за играта од неговиот профил.
Иако сметаме дека ова не е кој знае какво изненадување, сепак е прво потврдување на гласината дека Red Dead Redemption 2 ќе излезе за PC. Многумина видни сајтови го проверија кредибилитетот на гласината и сметаат дека информацијата држи вода. Што се однесува за излегување на играта за PC, се претпоставува дека Rockstar ќе имплементира слична стратегија како со GTA V, односно да ја објави PC верзијата при крајот на моментната генерација на конзоли и паралелно со излегување на новите конзоли. Според бројни статистички анализи, на овој начин Rockstar успејале да извлечат многу повеќе пари, отколку кога паралелно би ги објавиле и двете верзии.
Red Dead Redemption 2 излегува за конзолите на 26.октомври 2018 година. Наша претпоставка е дека ќе чекаме најмалку година за PC верзијата.