Почнете да учите Python на македонски со туторијалите на Горан Јованоски

во Вести

Интернет како платформа нуди огромни можности за едукација на сите кои сакаат да ги надградат своето знаење. Еден од најголемите проблеми е недостигот на квалитетна едукативна содржина на македонски јазик. За жал туторијалите на македонски може да ги изборите на прсти.

Од неодамна благодарение на туторијалите на Горан Јованоски сите заинтересирани кои сакаат да научат Python можат ова да го направат и на македонски. Со г. Јованоски разговаравме за неговата мотивација за изработка на туторијалите, и за тоа како и самиот научил да прoграмира.

Од каде идејата и желбата за туторијалите на македонски?

Идејата ми дојде спонтано, без одреден  план или градење на целисходност на туторијалите. Имено, наставата денес во нашиот образовен систем се изведува далечински и бидејќи сум дел од образовниот кадар во државава, спонтано ми се јави потреба на слушателите на кои што им предавам програмирање, да им споделам видеа од предавањата, што всушност и беа туторијали, односно сукцесивен пристап кон развојот на познавањето на програмските јазици практично од нула. Некаква конкретна желба за публицирање на туторијалите и немав на почетокот, ама со првото нивно поставување на Интернет просторот наидов на позитивен feedback и продолжив да ги публикувам, затоа што видов дека на Интернет туторијали на македонски јазик практично и нема, со што осетив потреба да го споделам моето знаење и долгогодишно искуство со луѓето кои што се веќе иволвирани во таа проблематика и оние кои што сакаат да научат нешто повеќе од таа област и да им ја приближам и разбијам таа енигма околу програмирањето и кодирањето, а со тоа и да им ги осветлам патиштата на оние, кои што имаат предрасуди и скептицизам и некаков внатрешен отпор кон се што е поврзано со информатичките технологии, математиката, а особено програмирањето и со тоа аверзијата да ја претворам во афинитет.

Зошто токму Python?

Пред околу 5 години започнавме заеднички проект со еден колега пријател од областа на хидрауликата и пневматиката за странска фирма, која што ни ги постави целите и ние требаше да изготвиме интерактивно софтверско решение за клиентите на таа фирма, преку параметризирање на производите за потребите на клиентите, при што автоматски ќе им се генерира производот со нивните сакани димезии, при што требаше солидно познавање и од машинските науки, што мене не ми беше проблем, бидејќи сум дипломиран машински инженер и имам солидно практично познавање од тие науки, особено хидраулика, пневматика, термодинамика, композитни материјали и сл., бидејќи долги години работев на тоа поле во Република Словенија, во Љубљана и Крањ, каде што и магистрирав на Машинскиот факултет во Љубљана. Значи целта ја имавме, а мојот колега пријател ми предложи да работиме во програмскиот јазик Python, кој што јас не го познавав, бидејќи во нашава држава во тоа време многу ретко се употребуваше. Значи требаше да го учиме.

Процесот на учење го поминав симултано со самото градење на софтверскиот модул и  со помош на мојот колега кој веќе имаше одредени предзнаења, при што увидов дека програмскиот јазик Python воопшто не е тежок, а исто така многу лесно ни се вклопуваше во алгоритмите при градењето на софтверскиот модул. Значи едноставен е за учење, добро кохабитира со останатите програмски јазици и моето мислење е дека многу лесно се доаѓа до решение за одредени идеи и проблеми со програмскиот јазик Python. Ете затоа токму Python.

Како ги креираш видеата? Работиш по однапред изработено сценарио или?

Се разбира дека работам по однапред изработено сценарио, или подобро да го наречеме концепт, затоа што претходно треба апроксимативно да се одреди потребата, предзнаењето и способноста на слушателите на предавањата, за да можат без напор да ја примат и совладаат содржината која што им се презентира, преку соодветен методички пристап, кој што всушност претставува научен „пат“ за постигнување на целта, односно начин на пренесување на знаењето. За креирањето на видеата се потребни дидактички средства, кои што ќе помогнат за ефикасно спроведување на презентацијата на знаењето, на искуството и на тајните во знаењето, кои што ги нема напишано во ниедна книга, туку се стекнати со долгогодишно искуство. Се разбира дека и тука постои граница, со цел да не се одземе потребата и правото на слушателите, студентите или учениците, сами да се научат да истражуваат и откриваат свои тајни.

Која динамика за издавање на туторијалите ти е во план?

Да не се повторувам, ама динамиката ја диктираат слушателите. Не можам, а ни не смеам да кажам дека секој ден ќе има нов туторијал, затоа што факторот на заситување на слушателите неизбежно ќе се појави. Оптималната временска рамка е еднаш седмично, или во зависност од повратната реакција на слушателите, се разбира ако е позитивна, би било два пати седмично максимум.

Како научи да програмираш?

Општо е познато дека за се’ што е ново во науката треба да постои желба и интерес да се осознае или научи. Желбата и интересот за програмирање ги имав уште во студенските денови и тоа уште во почетокот на 90-тите години од минатиот век, кога Интернет пректично и немаше, а првиот програмски јазик со кој што се сретнав, а беше во програмата на студирањето, беше Fortran и ми беше многу тежок, што и денес го мислам истото, односно нудеше само долги и комплексни патишта за остварување на целта. На машинскиот факултет ни беше зададен проект по предметот Производни системи, во четвртата година од студирањето (во тоа време студирањето на машинскиот факултет траеше девет семестри, плус дипломска работа и имаше 52 предмети), при што проектот требаше да содржи оптимален layout на машини во еден производен процес, при што требаше да се постигне оптимален влез на суровини и ресурси, ефективност за време на процесот и ефикасност на излезот од системот. Во тоа време користев програмски јазик dBase III, што ми се виде тежок за изнаоѓање решенија, бидејќи беше програмски јазик за бази на податоци, а во исто време се појави нов програмски јазик, исто така за бази на податоци кој што се викаше Clipper, и беше многу поедноставен и тоа беше првиот програмски јазик кој што го научив, заради потребите во студирањето. Инаку како студент, во слободно време програмирав апликации што ми беа мене лично потребни, се разбира  offline,  во програмскиот јазик Turbo Pascal.

Што би им советувал на луѓе кои не знаат да кодираат?

Оние луѓе кои не знаат да кодираат, а имаат желба да го прават тоа, нека се водат по своите желби, кои што треба да ги стимулираат да изградат и фиксираат цел да поедностават некои работи од секојдневниот живот поврзани со ИКТ, кои што кажано со едноставен јазик, би го олесниле нивниот начин на живот, а и на сите што ги опкружуваат во секоја пора од нивниот живот, затоа што денешнината и иднината се неизбежно поврзани со дигитализација и компјутеризација, со која што се среќаваме буквално во секојдневното наше живеење.Сакам да ги охрабрам да не се двоумат при првиот чекор, едноставно нека го направат.

Со оглед на тоа дека магистрираше во Словенија, можеш ли да направиш некаква споредба за информатичката писменост кај непрограмерите?

Сакам да ве поправам или дополнам. Во Словенија имам магистрирано од областа на машинството, односно од термодинамика на металите и композитните материјали. Бидејќи во Македонија не можев да продолжам со докторски студии со магистериум од “Univerza v Ljubljani – Fakulteta za strojništvo”, а науката ми е голема страст, затоа магистрирав и во Македонија од областа на Информатиката, односно, софтверско инженерство, програмирање и мултимедија. 

Бидејќи сум дел од образовниот процес во нашата држава, со жалење морам да констатирам дека информатичката писменост во нашата држава е на многу незавидно и ниско ниво кај непрограмерите, за разлика од Словенија. Причината, според мене е, несоодветно компетентни луѓе на несоодветни позиции во системот. Народски кажано, самите ние „куќата сме почнале да ја градиме од друго место, а не од темелите“. За оваа тематика имам напишано научен труд во International Journal Scientific and Applicative papers V10/1, со наслов „Нови образовни технологии во наставата“, од октомври 2015 година, презентирана на научен собир во Солун – Грција одржан од 2 до 4 октомври 2015 година. 

Добивај известувања
Извести ме за
guest
6 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] програмски јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот YouTube […]

trackback

[…] програмски јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот YouTube […]

trackback

[…] јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот […]

trackback

[…] програмски јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот YouTube […]

trackback

[…] јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот […]

trackback

[…] програмски јазици е една од причините која го натера Горан Јованоски да креира сопствени едукативни видеа. На својот YouTube […]

види ги сите огласи на kariera.it.mk