Денешните апликации за скенирање се исклучително добри во нивната работа. На брз и ефикасен начин, апликациите лесно ги преземаат документите во печатена форма и ги префрлаат во дигиталната, спремни за понатамошни прилагодувања и надополнувања.
Scanbot е една таква алатка и, низ годините, на многумина им служеше за правилна дигитализација на документите. Оваа верзија е значително побрза од претходниците и ви дозволува да сликате со камера каков било документ и од кој било агол за да истиот ви биде уредно префрлен во PDF документ. Не е проблем тоа што сте го сликале документот под одреден агол, ниту пак е проблем тоа што документот е превиткуван и во бедна состојба; апликацијата успешно го средува и поставува во правилна перспектива, со правилна компензација за сите сенки.
Scanbot 8 е бесплатен за Android и iOS направите, но, и ова е големо но, ако сакате да користите OCR за да ги трансформирате документите во текст кој може да се пребарува и надополнува, потребна ви е Lite верзијата, која чини 5 долари. Pro верзијата, пак, исклучително се препорачува. За неполни 9 долари можете да користите прибелешки и директно да стапувате во интеракција со веб адреси и телефонски броеви од самите документи. Во случај да барате да извлечете максимум од алатката, Scanbot 8 може да се користи и како скенер за бар-кодови.