Apple ја најави новата верзија на оперaтивниот систем за iPad и iPhone, и како што најверојатно очекувавте името е – iOS 9. Најновата верзија пристига подоцна оваа година.
Еден од главните новитети ќе биде подобра Siri, која е претворена во „Proactive Assistant” со што се повеќе наликува на Google Now. Асистентот ќе биде далеку попаметен, па ќе овозможува добар дел на автоматизирани интеракции, на пример автоматски вклучување на музика кога корисникот ќе ги приклучи слушалките, но доколку ова не е прв избор на корисникот неколку пати, Siri ќе се прилагоди и ќе ја отвори оваа апликација. Идејата е да се има асистент кој ќе ги учи навиките на корисникот и да му понуди навремени информации, како што прави Google Now со информативните картички. Кога е во прашање обработувањето на податоците, сите пресметки за Siri се прават директно на телефонот, што значи дека нема нивно испраќање до облакот.
Наградба добија и Apple Maps кои добија можност за споредување и пребарување на јавниот превоз. Оваа функционалност веќе е достапна на Google Maps. Но, за Македонија Google Maps се уште се далеку покорисни од мапите на Apple.
Слично како и Android M и iOS 9 ќе овозможува пребарување во апликациите, Apple ќе се обиде и да се приближи до Google и со нотификациите од трети девелопери со можност за подобри нотификации. Apple Pay доаѓа со повеќе продавници и банки кои го прифаќаат сервисот, а новитет е апликацијата Wallet која ќе го замени Passbook и кој ќе ги интегрира кредитните картички, дебитните картички, картичките за лојалност и слично.
Оперативниот систем доаѓа со нава апликација News која како што може и да се претпостави, треба да биде центар за сите вести кои сакате да ги прочитате. Помеѓу партнерите во овој потфат се CNN, Time, Verge, Wired, ESPN, Buzzfeed, а иако е можно да се отворат сите веб сајтови, сепак најдобро ќе биде искуството со страните кои се специјално прилагодени за News. Најверојатно благодарение на Siri, апликацијата ќе може да анализира што читате, па колку повеќе посетувате одредени содржини толку повеќе ќе ви бидат препорачани слични вести.
Добра вест е што iOS 9 е далеку покомпактен од претходникот, па просторот потребен за него е единствено 1,8 GB, за споредба iOS 8 „тежи“ 4,6 GB. Оперативниот систем ќе биде достапен во јавна бета од јули, а официјално ќе излезе наесен.








