Никој нема да ви верува доколку кажете дека Steam е пребирлив и внимава што се објавува на Steam, особено кога ќе земете во предвид дека во последните неколку години имаме навалица од илјадници и илјадници игри од исклучително сомнителен квалитет. Но, одредена цензура сепак се наметнуваше, особено во поглед на таканаречените виртуелни новели каде одредени експлицитни, порнографски сцени мораа да бидат „замаскирани“ за да не-дај-боже некој не добие срцев удар или навлезе во безизлезна дупка на неморално однесување. Пред само некоја недела, Valve го направи сосема спротивното и нареди на бројни издавачи на вакви виртуелни новели да извршат потемелни цензури или во спротивно на таквите игри ќе им се удри клоца од Steam. Многу издавачи не сакаа да наметнат вакви ограничувања на нивниот дигитален производ и додека некои ги продаваа нивните игри со исклучително длабоки попусти (Valve не може да ја отстрани играта од вашиот акаунт ако веќе ја имате купено), други издавачи почнаа да се обединуваат и да размислуваат за легални акции. И тогаш, Valve почна се живо и диво да тапка по рамо и да вика како нема врска, нема да бидат толку лоши; виртуелните новели се тука да останат и нема ништо да се презема против нив. Додека многумина славеа нешто што мислеа дека е ултимативната победа и дека подобро од ова – здравје, Valve излезе со следнава изјава:
„Решивме дека правилниот пристап е да дозволиме се на Steam фронтот, освен работи за кои ќе одлучиме дека се нелегални или од тролски карактер“.
Наместо цензура, Valve планира во меѓувреме да создаде нови алатки кои ќе им дозволат на корисниците автоматизирани можности за филтрирање игри. На тој начин, се смета дека ќе им се даде на луѓето поголема контрола за природата на изложената содржина. Интересно е да се види дали виртуелните новели кои мораа да наметнат цензури на одредени сексуални сцени ќе ги тргаат преку некои идни закрпи и дали ќе се појават уште поконтроверзни игри од овој карактер.








