Српскиот иновациски екосистем се наоѓа во импресивна фаза на раст, а само во изминатите две години во земјата се имаат појавено над 300 нови стартапи.
Иако овој наплив го потенцира претприемачкиот дух и огромниот потенцијал кој произлегува од балканската нација, неодамнешниот извештај покажува дека не е сѐ сјајно и, за да се обезбеди одржлив напредок и зрелост, мора да се решат одредени предизвици во екосистемот.
Според извештајот Startup Scanner 2024, направен од Digital Serbia Initiative, една од примарните грижи што произлегува од брзиот раст е каква е подготвеноста на екосистемот. Како што се зголемува бројот на стартапи, така се зголемува и потребата за робусни програми и рамки за поддршка. Во спротивно, не би можело ефикасно да се негуваат овие потфати. Без соодветни структури за поддршка, стартапите не би можеле соодветно да се справат со сите предизвици и, како резултат, не би успеале во остварување на нивниот целосен потенцијал.
Клучни предизвици за српските стартапи
Српските стартапи се соочуваат со три клучни предизвици: пристап до финансии, стекнување клиенти и регрутирање на квалификуван персонал, особено во делот за продажба. Недостигот на средства за финансирање ја попречува способноста на стартапите да ги зголемат своите операции, а, со тоа, и да иновираат.
Во услови на зголемена конкуренција, од клучна важност е стекнувањето на почетни клиенти, како и воспоставување усогласеност помеѓу производот и пазарот на кој истиот се пласира. И покрај ова, најголемиот приоритет лежи во регрутирањето на соодветен персонал за продажба. И покрај намерите за зајакнување на тимовите за продажба, постои значителен јаз помеѓу плановите и извршувањето, со што значително се попречуваат сите можни изгледи за раст.
„Мора да разбереме дека динамичниот стартап екосистем што се разви во Србија во изминатите неколку години, е сè уште во раните фази на развој. Како таков, тој се наоѓа во исклучително деликатна состојба. Развојот на екосистемот оди рака-под-рака со бројни иницијативи за создавање поволни услови за стартапи, обезбедување развојна поддршка и полесен пристап до финансии. Набљудувањето на најголемите предизвици за стартапите во Србија (пристап до финансии, стекнување клиенти и вработување), како и нивните најважни цели (раст на продажба, развој на производи и раст на базата на корисници) ни помага подобро да разбереме како се развива екосистемот, кои се неговите потреби, и како да се создадат нови, односно да се подобрат постоечките програми за поддршка, се со цел да се охрабри понатамошниот раст“, рече Небојша Бјелотомиќ, директор на иницијативата „Дигитална Србија“ и директор на проектот „Venture an Idea“.
Трендови на вработување и фокус на индустријата
Во 2024 година, српските стартапи остануваат целосно фокусирани на остварување продажба, унапредување на развојот на производи и проширување на нивната база на корисници. Кога се работи за поттикнување на одржливиот раст во екосистемот, овие цели ја нагласуваат клучната потреба за создавање приходи, иновации и продирање на пазарот.
Српскиот стартап екосистем бележи значителен пораст на вработеноста. Моментно, над 6.000 поединци се вработени, што е забележителен пораст од пред две години. Овој нагорен тренд го одразува растечкиот оптимизам и ја нагласува клучната улога на стартапите во создавањето можности за вработување.
Во однос на фокусот на индустријата, стартапите сè повеќе гравитираат кон врвните домени како што се применетата вештачка интелигенција и обработката на податоци.
Ова се усогласува со светските трендови и го нагласува потенцијалот на Србија како центар за технолошки иновации. Дополнително, секторите како AgriTech, FoodTech, Biotech и Medtech се истакнуваат како значителна влечна сила, покажувајќи ја моќта на Србија и зрелоста за иновирање во помалку застапени области.
Важноста на „паметните пари“
И покрај оптимистичката траекторија на раст, отсуството на „паметни пари“ претставува значителен предизвик. За да се одржи чекорот во полето на иновации и раст, постои вистинска потреба од посилни механизми за поддршка. Во ова не се исклучуваат ни стимулации за бизнис ангелите, како и развој на алтернативни начини за финансирање.
Според извештајот, со привлекување стратешки инвестиции, стартапите можат да ја поттикнат и нивната експанзија и напредок на целиот екосистем.
Глобални врски и пренос на знаење
Со тоа што се вратиле од странство 17% од учесниците во истражувањето, јасна е привлечноста на Србија за претприемачкиот талент. Овие поединци носат непроценливо искуство и експертиза, го збогатуваат домашниот екосистем и ја зајакнуваат конкурентноста на глобалната сцена.
Нивниот придонес се протега надвор од едноставно поврзување. Покрај тоа што опфаќа трансфер на суштинско знаење, нивните свежи перспективи се од витално значење за одржливите иновации, се истакнува во истражувањето.
Во блиска иднина, истражувањето предвидува дека стартапите се подготвуваат за 3.000 нови членови. Овој робустен план за вработување го нагласува широко распространетиот оптимизам што проникнува од екосистемот за иновации. Благодарение на ова, се сигнализира потенцијалот за создавање работни места, а, со самото тоа, и за поширок економски напредок.
„Успехот на српскиот иновативен екосистем не зависи само од индивидуалните успеси на стартапите, туку и од способноста на целата заедница да создаде одржлив и динамичен екосистем кој промовира иновации, претприемништво и конкурентност на глобалниот пазар. Преку синергијата на академската заедница, приватниот сектор, државните институции и меѓународните партнери, стартап екосистемот во Србија има можност да се позиционира како клучен двигател на економскиот развој и иновациите во регионот.“ рече Тадеј Курепа, програмски директор на проектот „Venture an Idea“.
Тој, исто така, забележува дека во иднината треба да се земе во предвид „и зајакнување на меѓународната видливост и поврзаност на српскиот екосистем за стартапи, за да се олесни интернационализацијата на српските стартапи“.